1009 hPa
45 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 12:59
Извор: Дојче Веле
ДВ: Господине Маринов, историските архиви и вашите книги покажуваат дека најголемиот дел од бугарските позиции за македонското прашање останале непроменети од крајот на 1950-те години и доаѓањето на власт на Тодор Живков, досега. Зошто е тоа така?
Маринов: Да, во голем степен официјалните бугарски позиции што ги слушаме денес се формулирани токму во времето на Живков. Навистина, дел од бугарскиот историски наратив за Македонија датира од порано (посебно тезите за средновековната историја, за преродбата во XIX век и т.н.), меѓутоа, неговото конечно кодифицирање се случува имено за време на социјализмот. Ако пред Втората светска војна, бугарската аргументација во однос на населението, историјата, јазикот во Македонија е инструментализирана во расправа со српските и грчките аргументи, по војната оваа аргументација се адаптира и „збогатува” со оглед на негирањето на македонска нација. Разликата со епохата на социјализмот е дека денес во Бугарија постои и дури доминира еден антикомунистички наратив, кој што им ја префрла „вината” за постоењето на македонска нација и на (дури највеќе на) бугарските комунисти пред Живков, при тоа избегнувајќи го фактот дека овој наратив е самиот во голем степен продукт на Живковиот режим. Во тоа има одредена историска иронија. Сосема разбирливо, за времето на Живков, иако на виши партиски форуми и на средби со југословенски раководители можела да се слушне критика на „другарот Георги Димитров” и на претходната партиска линија, таа сепак не е јавно огласена.
ДВ: Во бугарските ставови со децении читаме една иста теза- онаа за „историската вистина“. Настрана проблемот што таа се наметнува како „утврден факт“ врз една соседна земја која треба да ја преземе врз принципот „земи или остави“. Но, какво е мислењето на меѓународната историографија за бугарската „историска вистина“? Се прифаќа ли таа и надвор од границите на Бугарија?
Мојот впечаток е дека странските историчари-балканисти, во Западна и Централна Европа и во Северна Америка, се резервирани и дури доволно критични спрема бугарските тези, што не значи задолжително дека ги прифаќат бескритично македонските. Впрочем, тоа важи во уште поголем степен за лингвистите: тезата за македонскиот јазик како норма, базирана врз есенцијално бугарски дијалект, веќе речиси не се прифаќа од авторитетни научници надвор од Бугарија. Треба да се рече дека во овој поглед постои одредена еволуција во меѓународните научни кругови, и таа не е во корист на Бугарија. За време на социјализмот бугарската позиција имаше повеќе застапници надвор од Бугарија, сега се помалку. За тоа придонесува самата агресивност и националистичко тесноградие на бугарската позиција во однос на Македонија, која што често ги одбива странските специјалисти - дури и оние, што отпрвин имале искрени симпатии спрема Бугарија како земја, култура и т.н.
Чавдар Маринов
ДВ: Тоа што можеби збунува многумина во целата оваа ситуација е дилемата: што губи Бугарија со постоењето на македонскиот јазик и засебен идентитет?
Секакви конкурентни интерпретации на минатото, што доаѓат од соседни балкански народи, предизвикуваат шок и негодување кај Бугарите. Конкретно со македонските интерпретации проблемот е посложен, бидејќи нашите националите наративи во поголем степен се поклопуваат, макар и со различни национални обележја како историјата на бугарскиот, односно на македонскиот народ. Причина за тоа е испреплетениот карактер на историјата на бугарскиот национализам и на македонскиот идентитет во крајот на XIX и во првите децении на XX век. По Втората светска војна конечната еманципација на македонски национален идентитет во Југославија со нејзини атрибути како македонскиот јазик предизвикува чувство на загуба, т.е. одредена фрустрација во Бугарија. Бугарите се особено чувствителни спрема начинот на кој се прикажани во македонската историографија и јавен простор, и кон конкретни елементи како српското влијание во македонскиот стандарден јазик: тоа е и првиот атрибут на современиот македонски идентит што е отфрлен од бугарското раководство уште од Димитров (Георги, н.з.) по конфликтот помеѓу Тито и Сталин во 1948 г. Но, тоа чувство на загуба претставува и неспособност да се прифати критички минатото - да се види дека многу од нашите претстави за историјата што ни се чинат „природни” се селективни, тенденциозни и базирани врз погрешни претпоставки за историски континуитет, како што велите.
Што се однесува до јазикот, Бугарите се на сличен начин чувствителни кон србизмите во „вештачкиот” македонски, без воопшто да осознаат во каков огромен степен бугарскиот стандарден јазик, што им се чини „природен”, е конструиран во XIX век под руско влијание.
ДВ: Во април 1967 г., Политбирото на ЦК на БКП формулирало една поцврста позиција во однос на македонскиот идентитет. Во Вашата книга „Македонското прашање од 1944 до денес“, оценувате дека целта на Софија била на овој начин „да ги сврти во своја корист идентитетските тенденции во југословенска Македонија.“ Актуелна ли е и денес оваа мотивација во Софија?
Денес таа е, ми се чини, дури поактуелна одошто за времето на Живков. Според прокламираната тогашна бугарска позиција, Бугарија ги признава „реалностите” во Југославија, која пак морала да признае дека Пиринскиот крај е со бугарско население: позиција што е многу слична со денешната. Меѓутоа, во интерес на вистината, ниту за време на режимот на БКП, ниту денес, Бугарија не се задоволува со нудената од самата неа зделка. Секогаш неизбежно се стигнува до прашањето за „историската вистина”, врз која официјална Бугарија смета дека има монопол и преку која се атакуваат имено денешните „реалности” во Македонија како вештачки.
По распаѓањето на Југославија, Бугарија се обидуваше да им влијае на националните наративи и култура во Македонија во рамките на возможното уште со признавањето на независноста на поранешната југословенска република, што Бугарија го направи прва и постојано го истакнува. Но, главната цел на бугарската политика беше откинувањето на Македонија од Србија: се очекуваше новите политички елити во Македонија да го сфатат „фалшoт” на својата нација и јазик, и така Македонија да се „ребугаризира”. Долгото чекање изгледа ги изнервира бугарската политичка класа и експертските средини во Министерството за надворешни работи, и во последните години Бугарија применува директен притисок врз Македонија од „грчки” тип, имено диктирајќи што Македонците мора да веруваат за себе, за својата историја и јазик.
Бугарската политика се уште ги застапува ставовите на комунистичкиот лидер Тодор Живков, вели Маринов.
ДВ: Во Меморандумот на бугарската влада испратен до земјите-членки на ЕУ, но и во изјавите на некои политичари (Каракачанов, Ковачев, и др.) зачестено се споменуваат „стотици илјади Бугари во тогашна НР Македонија кои биле жртви на југословенскиот комунистички режим“. Можно ли е овие бројки да се реални и никој во С. Македонија до ден-денешен да не дознае за овие жртви?
Овие бројки се нонсенс. Нивната основа е една мошне проблематична, непотврдена од сериозни истражувања, повеќе публицистичка литература, пишувана во Бугарија во 80-те години и објавена по падот на комунистичкиот режим. Во неа има мноштво непроверени информации, одречени од архивски истражувања (на пример, за масовно истребување на офицери и војници на Скопското Кале во декември 1944 г.), а исто така и тенденциозно квалификување како „Бугари” на секакви жртви на политички репресалии во југословенска социјалистичка Македонија. Навистина, во јануари 1945 г. се ликвидирани и многумина убедени Бугари како соработници со бугарскиот режим за време на војната: слични репресалии во поголема мера се случуваат во самата Бугарија во оној момент. Во секој случај апсолутно нереалистично е маркирањето како „бугарски патриоти” на мноштво политичари, активисти и др., репресирани во Титова Југославија како македонски националисти (на пример, Методија Андонов-Ченто, за кој што практично не постојат податоци дека се чувствувал како Бугарин) или дури како сталинисти по 1948 г. Секако, наведените од бугарските политичари бројки се комплетно произволни и дефинитивно далеку над секакви разумни калкулации.
ДВ: За мнозинството во С. Македонија неспорно е дека земјата е жртва на своите соседи во изминативе 30 години независност, па и претходно. Таквото чувство, за жал, како да стана и дел од идентитетот на Македонците. Сепак, има ли и Македонија, нејзините политичари и историчари, некаква вина што постојано и се повторуваат идентитетски спорови со соседите?
Веројатно да. Но, треба да се признае дека Бугарија неуморно им дава поводи за изјави. Од времето на „јазичното прашање” во 90-те години дури многумина националисти во Бугарија, посебно во бугарската политика, сфаќаат дека агресивноста кон македонскиот идентитет е контрапродуктивна и дека таа најмногу им дава аргументи на противниците на евентуално зближување со Бугарија.
ДВ: Македонскиот премиер Заев доаѓа на, според некои мислења, клучна средба во Софија со премиерот Борисов на 9 ноември. Доколку нешто можеме да научиме од бројните средби на оваа тема низ историјата- од оние на Црвенковски и Колишевски со Живков, па до последните 30 години- што да очекуваме од оваа? Ќе „го лапне ли Заев апчето“, да го парафразирам Живков од 1963 година?
Тешко ми е да прогнозирам. Според специјалисти за меѓународни односи, на кои што им верувам, наскоро, иако не на оваа средба, најверојатно ќе се пронајде некакво, макар и привремено решение. Борисов целосно има интерес да ја игра улогата на „доброто момче” пред Европската комисија, Европската народна партија и сегашното раководство на Германија. Истовремено, ВМРО-БНД и други националисти се сè уште коалициски партнер и применуваат притисок за поцврста позиција. Гласни националисти има и во партијата на Борисов, како што е на пример споменатиот европратеник Ковачев, а и во другите партии. Не знам дали имаме повод за оптимизам. Се сеќавам на една средба на бугарски и југословенски раководители во Софија пред точно педесет години: на 9 и 10 ноември 1970 г. Тогаш се стигнува до наредната кавга, во која бугарските раководители користат, на еден мошне наивен начин, аргументи од средновековната историја. Само југословенскиот претставник Вељко Влаховиќ забележува дека веројатно по триесет или педесет години луѓето ќе се смеат на такви расправи. За жал, половина век подоцна сè уште речиси никој не се смее.
Чавдар Маринов е доктор по историја и цивилизации. Автор е на книгата „Македонското прашање од 1944 до денес“ и на други студии и истражувања чиј фокус е изградбата на националните идентитети на Балканот, политиките на културното наследство и политичката употреба на антиката.