Запознајте ја жената која прва укажа дека јаглеродниот диоксид може да ја загрева планетата

06.11.2020 02:28
Запознајте ја жената која прва укажа дека јаглеродниот диоксид може да ја загрева планетата

Јунис Фут

Во 1819 година во американското село Гошен, во државата Конектикат, во семејство на човек со интересно име, Исак Њутн, се родила ќерката Јунис. Иако таткото имал исто име како и славниот физичар, тој никогаш не тргнал по патиштата на науката туку бил фармер. Од друга страна, неговата ќерка која била со љубопитен дух ќе дојде до едно важно откритие за науката. Но исто така долго ќе биде заборавена.

Семејството мошне брзо по раѓањето на ќерката Јунис се сели во државата Њујорк, каде и натаму живее во село, а девојчето добива можност да го посетува женското училиште Troy Female Seminary кое особено ги поттикнувало ученичките да се занимаваат со природни науки, што не било чест случај во 19 век. Дел од наставата се одвивал и во лабораториите на блискиот колеџ. Иако, Јунис Фут (родена Њутн) формално не можела да го продолжи своето школување и да стане професионален истражувач, нејзиниот интерес за науката не згаснувал. Затоа во домашни услови извела експеримент кој го направил нејзиното име значајно за историјата на науката, а особено во изучувањето на климатските промени.

Сѐ што ѝ било потребно за овој експеримент се два стаклени цилиндри кои ги полнела со разни супстанци и гасови и во нив ставила термометар. Цилиндрите ги изложувала на сончева светлина и набљудувала што се случува со температурата. Така утврдила дека цилиндарот со влажен воздух побрзо се загрева од оној со сув воздух, а дека најмногу се загрева оној што бил исполнет со јаглерод диоксид. Освен тоа, на цилиндарот со јаглерод диоксид му било потребно и најмногу време да се излади.

Џон Тиндал

Промислување за иднината на планетата

После овој експеримент, во 1856 година Јунис Фут го пишува трудот со наслов Circumstances Affecting the Heat of the Sun’s Rays, кој е претставен на годинешниот состанок на Американската асоцијација за унапредување на науката. Меѓутоа, од досега непознати причини трудот не го претставила самата авторка туку научникот Џозеф Хенри. Најважно достигнување на овој нејзин труд бил нејзиниот заклучок дека еден ден кога ќе се зголеми концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата, тоа би можело да доведе до загревање на планетата, што науката подоцна и го потврдила.

Можеби целиот пат по кој Јунис Фут дошла до овој заклучок од денешна перспектива би можел да се смета за наивен и недоволно неоснован, но тоа не го менува фактот дека токму таа, иако според нејзините пишани белешки, е првата личност во историјата која согледала дека водената пареа и јаглеродниот диоксид ја апсорбираат топлината и дека од нивната концентрација зависи колкава ќе биде температурата.

Три години после овој недоволно забележан и заборавен експеримент, ирскиот физичар Џон Тиндал официјално го објавил првиот труд за гасовите со ефект на стаклена градина. Никаде не ја споменал Јунис Фут, а како што претпоставува Роланд Џексон од Кралската институција на Велика Британија, веројатно не ни знаел за нејзиниот резултат. Тиндал во своите објаснувања и заклучоци бил многу попрецизен, но треба да се има предвид дека тој бил професионален научник кој зад себе веќе имал значајни резултати, а Јунис Фут била аматерка која од љубопитност се обидувала да ги утврди природните законитости со помош на скромна и единствено достапна опрема. Освен тоа, таа се фокусирала на видливиот, а Тиндал со помош на спектроскопија на инфрацрвениот спектар кој е и поважен за загревањето на Земјата бидејќи гасовите со ефект на стаклена градина го впиваат токму тој дел од спектарот кој го емитува површината на нашата планета во вид на топлина.

Роланд Џексон

Враќање од заборав

Микробиологот Роланд Џексон на почетокот од минатата година објави труд за поврзаноста на овие два експерименти, со фокус на прашањето дали Тиндал знаел за резултатот до кој дошла Јунис Фут, а во трудот пред сѐ се фокусира на односот помеѓу научните заедници во Европа и Америка од таа доба. Како што тврди Џексон во својот текст, во Америка кон средината на 19 век имало неспоредливо помалку активни стручни истражувачи отколку во Европа, а ни степенот на образование не им бил еднаков.

Освен тоа, меѓу малубројните професионални американски научници, имало малкумина кои се занимавале со физика и оваа заедница имала слаба комуникација со Европа. Затоа Џексон заклучува дека за делото на Јунис Фут не се знаело во Европа и нагласува дека нејзините достигнувања биле дополнително невидливи затоа што таа била аматерка и жена.

Денес за револуционерната идеја на Јунис Фут знаеме пред сѐ благодарение на пензионираниот геолог Реј Соренсон, кој во 2010 година го нашол нејзиниот труд во списанието Annual Scientific Discovery од 1857 година. После тоа, повеќе истражувачи се вклучиле во проучување на нејзините живот и дело, обидувајќи се да го насочат вниманието на јавноста кон значењето на оваа рана идеја за влијанието на јаглеродниот диоксид на загревањето на планетата.

Меѓу оние кои го истражуваат делото на Јунис Фут се и климатологот Катарин Хејхоу од Тексашкиот технолошки универзитет и Џон Перлин од Калифорнискиот универзитет во Санта Барбара. Во неодамнешно интервју за сајтот Chemistry world, Прелин рече дека работи на биографијата на Јунис Фут и дека „таа заслужува да биде запаметена како личност која ги постави темелите за нашето разбирање на климатските промени“.

За научничката аматерка која дојде до ова важно откритие, во 2018 година беше снимен и десетминутниот филм „Јунис“ (Eunice), кој го режираше Ерик Гаро.

Извор: https://www.klima101.rs

ОкоБоли главаВицФото