Рамбо Амадеус: Јазикот не е измислен за да ја зборува вистината

09.11.2020 14:38
Рамбо Амадеус: Јазикот не е измислен за да ја зборува вистината

Кога почна првпат да читаш весници и да гледаш телевизија? Што најмногу те заинтересира од од тоа што прочита и виде?

Па весници не читав, а слабо ме интересираше и телевизијата; првото што некако ми предизвика внимание беше стрипот „Алан Форд“, подоцна порно филмовите на приватните тв канали во сопственост на идниот премиер на Италија, Берлускони. Вградувавме некои засилувачи на антените, ги вртевме антените кон морето, се трудевме, со ноќи зјапавме во екранот покриен со „снег“, но за жал и покрај целата електроника и труд, не успеав да видам пичка. Тогаш  засекогаш заклучив дека од медиумите не треба многу да се очекува.

Зошто луѓето толку обожаваат да бидат излажани, па уште и самите учествуваат во тоа?

Јазикот не е измислен за хомо сапиенсот да ја зборува вистината, туку за да може да манипулира и полесно да дојде до целта. Лажењето е природна работа. Замислете како лаже крокодилот кога глуми дека е лилјан, чекајќи ја срната да ми пријде доволно блиску, или месојадното растение кое глуми дека е цвет за да ја зароби и изеде пчелата. Човекот има фантазија, имагинација, тоа е неговото единствено оружје. По вистината трагаат само филозофите и научниците. Затоа јас се занимавам со музика, тука лажењето не се замерува, дури особено се почитува.

Како сега го коментираш срамот што ни се случи во 1990 година и финалните трагични последици? Дали и под кои услови овдешниот свет може да ги врати тековите на пристојната егзистенција или битката е изгубена и пред да почне, со оглед на тоа што овдешниот примитивизам со генерации е внимателно негуван од страна на власта, како корисна подлога за секој вид автократи?

Очигледно е дека СФРЈ беше кулиса, а ние во социјалистичките костуми самите себе, а и на другите, им се гледавме многу подобро, попристојно и поморално отколку што навистина сме. Но, велат докторите, исправната дијагноза е половина пат до излекување, па реалната слика што ја имаме за нас самите е патот кон заздравувањето. Значи, јас сум оптимист.

Своевремено некои демонстранти во Црна Гора излегоа со слоганот: „Сакаме Руси“, па на крајот Русите навистина дојдоа, купија многубројни недвижнини и уште сенешто. Такво нешто се случи ширум Југославија. Кој кого го повикуваше, тој потоа навистина дојде - но за да го купи? Дали тоа беше главната цел на војната во поранешната СФРЈ?

Немаше тука некоја цел, план, мисија, само обични фантазии за национални преродби. Пијанство кое резултираше со крвав пир, подоцна мамурлук што боли. И, се разбира, попатен премин во тврд либерален капитализам. Либералниот капитализам секогаш самиот се воспоставува, како печурка по дожд, кога нема силна регулатива, зашто е природен, огледало на нашите најпримитивни инстинкти, па е логично да се воспостави во тој хаос. Но, капиталот овде едвај да може да се задржи во исти раце во две генерации, од татко на син, внукот задолжително останува со кратки ракави. Исто така, во последните стотина години, внукот никогаш не се родил во истата држава со својот дедо, па тешко е да се очекува дека и капиталот ќе се скраси кај новата елита.

Во кои услови ќе настапи катаклизма на капитализмот? Или таа веќе настапила со еколошката катаклизма, само сите се прават дека не ја гледаат?

Либералниот капитализам се потпира на ресурсите на земјата и на вишокот производи. Кога ќе дојде до недостиг на суровини и на производи, берзата ќе ја изгуби својата смисла. Со недостигот на вода за пиење, храна, гориво, сето останато, повторно ќе дојдат боновите како во комунизмот. Тука нема простор за берзата, освен за црната берза. Живееме во предмојсиевско време, без идеологија. А нужноста го менува законот, т.е. идеологијата. Штом загрозената планета малку поостро му ги покаже забите на човекот, на врата ни доаѓа новата идеологија - екологијата, која е невозможно да се спроведе без командна економија и напуштање на моделот на либералниот пазар.

Колкави се размерите на таа идна катастрофа, можеме ли воопшто да замислиме во што се претвора нашиот свет?

Зависи од која перспектива гледате. Претпоставувам дека до 2150 година бројот на жители ќе биде трипати помал отколку што е сега. Околу три милијарди. Но во 1900 година нè имаше околу милијарда жители на планетата. Значи, во 2150 година, сепак ќе бидеме трипати повеќе отколку во 1900-та година. А дваесеттиот век ќе се памети како век на неконтролирано размножување на човечкиот вид, па овие предвидувања не се страшни од аспект на човештвото во целина, но страшни се од аспект на армијата несудени родители и нивните неродени деца.

Што конкретно може да се направи за да се спаси природната околина од нас самите? Што конкретно може да направи поединецот? Што правиш ти?

Па се трудам да не правам многу. Не брзам. Мрзливите не загадуваат, туку овие многу амбициозните што сакаат сешто да постигнат во животот. Најдобро е да се биде скромен, да се троши што помалку. Економијата на растот што сите ја заговараат е лимитирана од ресурсите и еден ден ќе пукне како меур од сапуница.

Во целата таа политичка работа, каде се уметниците, па ете и музичарите? Дали некогаш во минатото си се почувствувал искористен за политички цели од страна на луѓе на кои си им верувал, си мислел дека се носители на идеи што навистина водат напред?

Уметници...уметноста без постојано етичко и естетско преиспитување и поместување на границите е кич. Ние денес ги сметаме за уметници многумина производители на кич, па чудно ни е што се опортунисти, што се „над политиката“, а всушност такви се - под маса. Мислам дека должност на секој независен и мислечки човек е да има јасен, отворен и критички став кон стварноста и власта. Власта има природна потреба да ги присвојува уметниците, а задача на уметникот е да се дистанцира. Во спротивно е само дворски шут. Колку власта го направи поголем, а неговата кариера пограндиозна, толку му се поголеми ѕвонците на капата.

Дали уметникот денес некаде е заштитен како човек и творец? Што ќе биде со нашите деца и нивниот свет? Во каков свет тие ќе растат?

А кога воопшто од настанувањето на првиот едноклеточен организам па до денес, кој било облик на живот бил заштитен? Освен можеби пудлиците во палатите? Постоењето на луѓето, интелигентниот живот во овој агол на вселената, треба да се сфати како неверојатна среќа, инцидент на кој, перманентно од сите страни, му се заканува опасност. Ние постојано мислиме дека нешто ни следува. Ништо не ни следува. Ни следува само она за кое сме се избориле и кое грижливо го чуваме, па и тоа не е гарант дека веќе во следниот момент нема да исчезне како меур од сапуница.

Извор: Време бр. 1556

 

Слични содржини

Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Европа / Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика

ОкоБоли главаВицФото