Оффест 2020: Финале со Кејхан Калхор и Ердал Ерзинџан

10.11.2020 11:43
Оффест 2020: Финале со Кејхан Калхор и Ердал Ерзинџан

Вечерва (10 ноември) во рамките на последната вечер на 19. OFFest, ќе се одржи еден од најпосакуваните концерти во историјата на фестивалот на музика на светот. Во Македонската филхармонија, со почеток во 19 часот, ќе настапи виртуозното дуо на иранскиот маестро Кејхан Калхор (Kayhan Kalhor) и брилијантниот турски инструменталист Ердал Ерзинџан (Erdal Erzincan). Ова е нивно прво претставување пред македонската публика.

Добитникот на наградата Греми и наградата Womex Artist Award за 2019 година Кејхан Калхор (Kayhan Kalhor) се смета за најголемиот светски мајстор на иранското ќемане (персиска виолина). Меѓу сите негови бројни проекти и уникатни соработки што го привлекoa вниманието на публиката низ целиот свет, секако едно од највозбудливите е дуото со познатиот турски виртуоз на инструментот баглама Ердал Ерзинџан (Erdal Erzincan). Нивниот заеднички албум “The Wind” беше објавен за ECM во 2006 година и оттогаш оваа соработка е непрекината и жива. Класичните музички традиции на Персија и на Отоманска Турција што ја инспирираат музиката на Калхор и Ерзинџан имаат многу заеднички нешта, вклучувајќи го и древниот модален композициски систем познат како „макам“, а идејата за импровизација игра огромна улога во нивните духовно и емотивно моќни настапи. Нивната музика е сосема модерна и настојува да го вовлече слушателот во своето кралство на трансот, со преплетување на екстатичните ритми и сензуалните мелодични фрази. Резултатот е збир на инструментални композиции коишто се влеваат една во друга како едно континуирано дело, со нежно лебдечки премини во кои двата инструмента одекнуваат и импровизираат на различни фрази.

 

Линкови за онлајн следење на концертот на Кејхан Калхор и Ердал Ерзинџан:

facebook: https://www.facebook.com/OFFest/posts/3509918729085811

youtube: 
https://www.youtube.com/watch?v=3OeWlnDA5V8