Фасцинантната историја на ромскиот јазик

12.11.2020 16:42
Фасцинантната историја на ромскиот јазик

Според своето потекло ромскиот јазик спаѓа во индоаријската група индоевроски јазици. Освен Ромите индоаријски јазици говорат главно жители на денешна Индија, Пакистан, Багладеш (и други соседни земји). Ромскиот јазик е единствениот европски и, дополнително, балкански јазик од индиско потекло. Значи, генетски тој е поврзан со индиските јазии, но поради контактите попримил некои типолошки црти на јазиците кои припаѓаат на т.н. балкански јазичен сојуз [Uhlik 1973]. Претците на Ромите, излегувајќи од својата индиска прататковина, постепено стигнале во југоисточна Европа, каде започнале да ги формираат нивните дијалекти во повеќе или помалку нам познатиот облик.

Сознанието дека Ромите дошле од Индија е плод на научна работа која се одвивала во време на настанувањето на современата лингисвитика. Тоа дека ромскиот јазик е сроден на јазиците на Индија е дефинитивно познато од 18 век, додека во 17 век се пронајден првите индиции за тоа. [Bakker 2017]. Сепак, до ден-денес попрецизните генетски корени на ромскиот јазик меѓу јазиците на Индија се отворено прашање. Треба да се каже дека дури во рамки на староиндискиот јазик генетската класификација не е секогаш јасна. Најголемиот проблем е во тоа што староиндискиот јазик (ведскиот т.е. класичен санскрит), средноиндиските јазици (неколку пракрти јазици и пали) и новоиндиските јазици (десетици „големи“ јазици со нивните бројни варијанти) не може да се сведат на еднозначно идеолошко дрво, а уште помалку ромскиот кој од нив доста рано се одвоил. Меѓутоа, ромскиот јазик, иако веројатно не е директен потомок на ниеден од познатите старо- или средноиндиски идиоми, сепак е поблизок до новоиндиските јазици т.н. централни зони (хинду/урду, раџастани и др.) што доаѓа до израз во некои посебности на фонетскиот развиток [Turner 1926]. Toa автоматски би ја сместило најраната ромска прататковина некаде во централна Индија.

Географска распределеност на ромски дијалекти

Интересно е што дури и вон Индија ромскиот јазик има барем две доста блиски лингвистички роднини, имено јазиците домари (денес се говори, на пример, во еден кварт во Ерусалим) и ломаврен (се говорел во Арменија. Говорителите на тие јазици понекогаш се нарекувани „азиски Цигани“, иако е доста сомнително дека тие и Ромите кога било припаѓале на една иста етничка група. Меѓутоа, ендонимите (сопствените називи за себе) на сите тие народи: ром, дом, лом, очигледно потекнуваат од истиот староиндиски збор dom(b)a – (со рефлексивна согласка на почетокот), денес dom, што означува припадници на одредени општествени групи од различни занаети (помеѓу останатото музика и ковање) во различни региони во денешна Индија [Matras 2004:15]. Иако не се работи за единствена јазична група, туку веројатно само за заеднички општествени корени, сличностите помеѓу јазиците на Ромите, Домите и Ломите (во случајов само остатоци) понекогаш се доста впечатливи.

Што можеме да дознаеме за историјата на Ромите врз основа на нивниот јазик? Поради целосно отсуство на доверливи рани историски споменици за Ромите, единствениот извор за реконструкција на патот на миграција на Ромите е јазикот, особено неговата лексика. Освен изворните индиски зборови, во ромскиот јазик се гледаат неколку важни предевропски лексички слоеви, имено дардски, ирански и eрменски. Впечатлива особина на иранската (главно персиска) компонента е целосното отсуство на арабизми. Овој факт води многу ромолози до заклучок дека миграцијата на пра-Ромите преку територијата на иранските јазици сигурно се случила пред муслиманското освојување на Персија (средина на 7 век). [Tcherenkov, Laederich 2004: 15]. Ако е тоа вистина, со оглед дека пред тоа претците на Ромите морале да минат доста долго време меѓу Дардите, напуштањето на централноиндиската прататковина би било неколку века порано. Некои научници ги наведувале раните позајмувања наводно од арапско потекло, но секогаш излегува дека имаат поинаква етимологија. Друг аргумент во прилог на раното напуштање е обликот на ерменски позајмувања со архаична согласка (ł) која во ерменскиот најдоцна во 10 век станала (ɣ). Не е јасно колку бранови праромски миграции имало, но се чини веројатно дека, дури и ако не биле повеќе, сите праромски групи создавале некаква барем делумна културна и јазична заедница.


Последниот повеќе или помалку заеднички лексички слој се состои од грчки позајмици, што не’ упатува на западниот дел од Мала Азија и источниот дел од Балканот (т.н. Византиско царство). Во 12 век се појавуваат првите (недоверливи) спомени кои може да се однесуваат на Ромите. Значи, пра-Ромите минале долг пат од Индија, преку денешен Авганистан, Иран, Ерменија (тогаш се простирала подалеку кон југ) и Турција, се’ до Балкан, после што започнува нова доба во судбината на ромскиот јазик во балканската културна средина, помеѓу говорниците на балкански, романски и јужнословенски јазици. Коку траело тоа не е целосно јасно – веројатно два или три века, после што таа заедница целосно се распаднала и Ромите се расеале по различни земји. Можеме да ги одредиме најдоцните датуми на селидбата на Ромите, бидејќи знаеме кога се појавуваат спомени за Ромите во различни европски земји: на пример, во Германија (1406), во Шпанија (1425), во Британија (1506). Меѓутоа, има и посредни, т.е. повторно јазчини, индиции за периодизацијата на најраниот крај од тој „раноромски“ балкански престој. Се работи за „општобалкански зборови“. Еден од таквите зборови е „пушка“ токму во значење на „огнено војничко или ловечко оружје“ (на Балканот веројатно дошла од Германците), кој постои (како позајмица) во повеќето ромски дијалекти, без разлика колку географски оддалечени од историскиот центар. Настанувањето на тој збор може да се поврзе со почетокот на правење пушки во Европа во 14 век, што значи дека Ромите се’ дотогаш претставувале компактна заедница на Балканот.

Понатамошниот развој на ромскиот јазик се одвива во облик на засебни дијалекти кои се делумно взаемно изолирани. Некои од нив во последно време одново се мешаат, но тоа не значи дека не е можна посериозна генетска класификација (навистина, се’ уште не постои). Во секој случај очигледно е дека постојат неколку основни групи во кои спаѓаат повеќето дијалекти. Според современата класификација (која сепак донекаде е географска) има барем четири големи групи ромски дијалекти [Matras 2004:7]. Ромите кои, изгледа, не го напуштиле Балканот веднаш по распаѓањето на заедницата ги говорат дијалектите на балканската група (под влијание на грчкиот јазик); на територијата на романскиот јазик се формирале влашки дијалекти; во унгарската средина централни (или карпатски) дијалекти; во германската средина северни дијалекти.

Колку добро е опишан и колку им е познат на лингвистите ромскиот јазик? Иако постојат десетици речници и граматики на разни ромски дијалекти, за жал ниеден од нив не е опишан ниту оддалеку на ниво споредливо со описите на останатите европски јазици. Првиот подетален граматички и лексички опис на импресивниот број ромски дијалекти го направил истакнатиот словенски лингвист Франц Миклошиќ [Miklosich 1872-80]. Некои дијалекти се опишани баш на работ од изумирањето, на пример, исклучително богатиот велшки дијалект изумрел речиси веднаш откако добил извонреден опис [Sampson 1926]. Гурбетскиот дијалект (најраширениот во земјите на поранешна Југославија) во бројни трудови детално го опишал Раде Ухлик. Подобро од останатите дијалекти е познат калдерашкиот дијалект, кој има неколку граматики.

Колку се разликуваат меѓусебно тие дијалекти? Дали постои единствен ромски јазик? Како и во било која група јазици разликите зависат од времето минато без меѓусебно контакти и од јачината на надворешните влијанија. На истиот начин, како што да речеме, словенечкиот јазик доживеал свој посебен развој во рамки на јужнословенската група јазици за време од речиси илјада години, па подоцна прифатил некои обележја од германското влијание, додека да речеме, рускиот независно се развивал во целосно поинаква културна средина, поради што сега тие јазици меѓусебно многу слабо се разбираат, освен во основната лексика. Исто така прилично тешко меѓусебно се разбираат, на пример, прекмурскиот ромски и рускоромскиот (иако се генетски поблиски). Треба повторно да се каже дека, за разлика од словенските јазици, во ромскиот нема книжевен регистар, па затоа практично се’ што не е наследено се позајмува директно од доминантниот јази, што во некои случаи (ако доминантните јазици се целосно различни, на пример грчкиот и унгарскиот) содава поприлични потешкотии во разбирањето. Доколку ромскиот јазик е многу слабо кодифициран (и покрај обидите) можеме да речеме дека, како говорен јазик, постои само во облик на дијалекти, што значи дека прашањето на постоење на единствен ромски јазик е прилично апстрактно. Како и да е, според една од класификациите (Ethnologue) постојат дури седум ромски јазици. Во науката сепак обично се говори за ромски јазик како за јасно одреден јазичен ентитет.


Што се однесува до сопствениот идентитет на говорителите на тој јазик, треба да се каже дека денес не постои заедничко „ромско општество“, иако Ромите како заедница, според своето традиционално сфаќање, децидно се одвојуваат од останатите народи. Ако ги погледнеме идентитетските разлики помеѓу самите Роми, ќе констатираме дека тука ситуацијата е покомплицирана. Врските помеѓу различните групи можат да бидат цврсти или речиси отсутни; заедниците се нетериторијални и се засноваат главно на потеклото. Има и посебни групи, германски Синти, чии претстаници понекогаш дури и инсистираат на тоа дека не се Роми [Tcherenkov, Laederich 2004: 373], што е сигурно делумно поврзано со тоа дека кај нив поновиот етноним синти наголемо го истиснал стариот ендоним ром.

Тоа не’ доведува до прашањето за егзонимите, т.е. називите на Ромите во неромските јазици. Во Европа постојат главно две традиции. Едната потекнува од не целосно јасниот грчки назив од 11 век Ἀθίγγανοι [се чита: атинганој] (кој изворно се однесувал на фригијската христијанска секта која нема врска со Ромите). Оттаму потекнува зборот Циган(ин) и слично во словенските јазици, Tigan во романскиот, Zingaro во италијанскиот, Zigeuner во германскиот итн. Втората традиција е поврзана со средновековната заблуда дека Ромите дошле од Египет, оттаму зборовите како англискиот gypsy, шпанскиот gitano, грчкиот Γύφτος [гифтос] итн. Во текот на последните децении овие традиционални називи на Ромите во многу земји полека исчезнуваат од службената и научната употреба како политички некоректни (но не секаде: не е случај, на пример, во Русија, во Франција), што е пример за интересна појава – кога некогаш слабо познат ендоним на еден народ продира истовремено во многу јазици. Тоа е резултат на одредени општествени промени, растечкото движење за човековите права на Ромите, како и различни меѓународни влијанија поврзани со делувањето на бројни невладини организации.


Во контекст на споменатите општествени промени, Ромите, кои со векови говореле еден или повеќе јазици освен својот, чувајќи го како мајчин, конечно започнуваат масовно да преминуваат на доминантните јазици. Навистина, изумирањето на ромските дијалекти е стара појава: на пример, шпанскиот ромски веќе пред 17 век постоел само во облик на лексички остатоци [Bakker 1995] т.е. целосно ја изгубил сопствената граматика и станал параромски јазик. Истото се случило со британскиот (во 19 век) и велшкиот ( на почетокот на 20 век) дијалект. Но сега губењето на ромскиот јазик станува се’ побрзо.

Во врска со виталноста на живите ромски дијалекти треба да се каже дека повеќето се многу загрозени. Денес ромскиот ги има сите ознаки на жив јазик само во општествено изолираните (и поради тоа, за жал, дискриминирани) средини. Додека сите или повеќето Роми биде номади и слабо се интегрирале во политички доминантните култури, го чувале својот јазик како единствен начин за меѓусебна комуникација. Во некои ситуации станувале жртви на присилна асимилација или директна агресија и геноцид. Но и во поповолни околности, благодарение на контактите и постапната, „природна“ интеграција и, што е важно, образованието, бидејќи престижот на мајчиниот ромски јазик речиси секогаш е низок помеѓу самите соговорници, полека преовладува јазиот на неромските средини. Се’ уште не заборавајќи го својот јазик, младите Роми се’ повеќе преминуваат на друг јазици. Таквата ситуација во повеќето ромски групи денес е нормална. Нема да биде претерано песимистичка прогноза, иако во текот на неколку децении ромскиот јазик сигурно нема целосно да изумре, дека за мнозинстовото говорители ќе стане втор, „помошен“ јазик. Иако сега таа ситуација е веќе типична за голем дел Роми во светот, има и исклучоци. На пример, Калдерашите во поранешниот Советски Сојуз се’ уште го користат ромскиот како единствен вистински мајчин јазик: децата многу слабо знаат руски пред училиште, сиот живот во рамките на ромските населби (руските Калдераши живеат изолирано од не-Ромите) се одвива на ромски. Гу чуваат древните ромски традиции и свесно се оградуваат од надворешни влијанија. Тоа не значи дека нема јазична интерференција, но рускиот се’ уште им е туѓ јазик. Понатамошната судбина на ромскиот, како и другите претежно усмени јазици, зависи не само од државната поддршка, туку и од желбата на говорителите да продолжат да го користат својот јазик и да го пренесат на децата.

Библиографија:

Bakker 1995: Peter Bakker. Notes on the genesis of Caló and other Iberian Para-Romani varieties // Yaron Matras (ed.). Romani in contact: The history, structure and sociology of a language. Amsterdam: Benjamins.

Bakker 2017: Peter Bakker. The first suggestion of an Indic connection of the Romani language: Tentzel 1689 // Kirill Kozhanov, Mikhail Oslon, Dieter W. Halwachs (eds.). Das amen godi pala Lev Čerenkov. Graz.

Boretzky 1994: Norbert Borezky. Romani: Grammatik des Kalderaš-Dialekts mit Texten und Glossar. Berlin.

Matras 2002: Yaron Matras. Romani. A linguistic introduction. Cambridge.

Matras 2004: Yaron Matras. The Role of Language in Mystifying and Demystifying Gypsy Identity // Nicholas Saul / Susan Tebbutt, The Role of the Romanies: Images and Counter-images of “Gypsies”/Romanies in European Cultures, Liverpool University.

Miklosich 1872–80: Franz Xaver Ritter von Miklosich. Über die Mundarten und Wanderungen der Zigeuner Europas, 12 Tle. Wien.

Ослон 2012: М.В. Ослон. Отражение древнеиндийского среднего рода в цыганском // Вопросы языкового родства. № 8. М., 2012. 93–100.

Oslon 2017: Mikhail Oslon. Jek puśimos la istorijaka fonetikako la kêldêraricko śibaki: le vokalongê źutengi e : ê aj i : î distribucîja // Kirill Kozhanov, Mikhail Oslon, Dieter W. Halwachs (eds.). Das amen godi pala Lev Čerenkov. Romani historija, čhib taj kultura. Graz: GLM, 2017.

Ослон 2018: М.В. Ослон. Язык котляров-молдовая. Грамматика кэлдэрарского диалекта цыганского языка в русскоязычном окружении. Москва: ЯСК, 2018.

Sampson 1926: John Sampson. The Dialect of the Gypsies of Wales. Oxford, 1926.

Tcherenkov, Laederich 2004: Lev Tcherenkov / Stéphane Laederich. The Rroma Otherwise known as Gypsies, Gitanos, Tsiganes, Tigani, Çingene, Zigeuner, Bohémiens, Travellers, Fahrende etc. 2004.

Turner 1926: Sir Ralph Lilley Turner. The position of Romani in Indo-Aryan // Journal of Gypsy Lore Society, Vol. V, No. 4, 1927.

Uhlik 1973: Rade Uhlik. Govori južnoslovenskih Cigana u okviru balkanskog jezičkog saveza // Godišnjak. Knjiga X. Centar za balkanološka ispitivanja. Akademija nauka i umjetnosti Bosne i Hercegovine. Knjiga 8. Sarajevo.

Илустрации: Hanna Barczyk
Извор:
Radnicka fronta 

ОкоБоли главаВицФото