Животот, работата и Ковид-19

13.11.2020 04:53
Животот, работата и Ковид-19

Еурофaунд, европска фондација за подобрување на животните и работните услови со седиште во Даблин, неодамна објави втор извештај со резултати од анкетното истражување за влијанието на заразата Ковид-19 на приватниот и деловниот живот на граѓаните од Европската унија. Анкетата, која е спроведена во јули, содржи прашања за влијанието на пандемијата на вработеноста на граѓаните, стабилноста на нивната работна перспектива, искуствата со работа од далечина. Истражувањето исто така опфати и некои сегменти од квалитетот на личниот живот и социјалниот живот, од теми како што се среќата и оптимизмот до задоволството од здравствените политики и довербата во институциите.

Авторите на истражувањето го истакнуваат неговиот јавно-политички контекст, пред сѐ јулската проценка на Европската комисија дека вкупното производство на земјите од ЕУ оваа година, под влијание на короната, би можело да се намали за 8,3 проценти, како и нејзините потези со кои настојува да ги амортизира најцрните економски сценарија. За таа цел Комисијата одвои 750 милијарди евра.

Авторите исто така ги истакнуваат и добрите намери на европските властодршци во однос на унапредувањето на социјалната заштита, за правото на неа да се прошири на сите жители на Унијата и да вклучува заштита на приходите - со постигнување европска рамка за национален минимум на платите. Исто така се истакнува и важноста на сузбивањето на невработеноста, пред сѐ невработеноста на младите, како група која заради заразата е најизложена на пазарот на трудот.

Истражувањето на Еурофаунд покажа дека од почетокот на пандемијата 8 проценти од работниците во ЕУ преминале во статус невработени. Состојбата е уште полоша кога се во прашање самовработените работници, кај кои ризикот од невработеност изнесува 13 проценти. Испитаниците во најмладата старосна група (од 18 до 34 години), како и помалку образованите, исто така се исклучително изложени на ризик од невработеност.

Работниците кои имале среќа да не ја изгубат работата масовно се соочиле со друг проблем - скратување на работното време, кое непосредно влијаело на нивната платежна моќ. За разлика од претходната анкета спроведена во април, и во која половина од работниците се жалеа заради намалувањето на работното време, јулското истражување покажа дека нивниот број се намалил за една третина. Од друга страна, на работниците со разни облици на прекарен труд не им се намалуваат секојдневните грижи: речиси половина мажи на возраст од 34 до 49 години, кои работат врз основа на договор на определено време, изразуваат страв дека во следниот тримесечен период би можеле да останат без работа. Како што и можеше да се очекува, истражувањето покажа дека невработените преживуваат најтешко и дека имаат сѐ поголеми проблеми со плаќањето на комуналните услуги, телекомуникациските сметки и здравственото осигурување.

Невработените исто така се најпогодени од менталните последици заради изолацијата предизвикана од пандемијата. Околу две петтини од нив изјавиле дека се чувствуваат исклучени од општеството и дека често се во некаква состојба на психичка депресија. Високо ниво на депресивност изразиле и работниците во прекарен однос.

Особено драматично е тоа што се покажа дека финансиски најранливи се токму испитаниците кои теоретски се наоѓаат во најпродуктивната животна фаза, значи оние во возрасната група од 35 до 49 години. Покрај тоа, финансиската ранливост е значително поприсутна кај жените отколку кај мажите. Заради традиционалната поделба на работите во семејствата, жените имаат далеку поголеми проблеми во комбинирањето на работниот и приватниот живот, па почесто изјавуваат дека поголемите семејни обврски во услови на работа „од далечина“ не им даваат доволно време за извршување на деловните. Иако вкупното ниво на оптимизам кај испитаниците е зголемено во периодот помеѓу априлското и јулското истражување, сепак е утврдено дека тој раст бил поизразен кај мажите отколку кај жените. Кај жените, исто така заради нивната општествена положба, забележана е помала способност за амортизација на последиците од пандемијата отколку што таа е присутна кај мажите. Од друга страна, отпорноста на кризата е најголема кај невработените, работниците со високо образование и постарите од 50 години.

Работата од далечина стана вообичаена во доба на Ковид-19. Речиси половина од испитаниците изјавиле дека барем одредено време работеле дома, а една третина изјавиле дека домот сосема им се претворил во ново „работно место“. Од друга страна, речиси половина од оние кои работат од дома изјавиле дека работодавачот не им обезбедил опрема за работа. Приватната сопственост на работниците - спалните или дневните соби, компјутерите, масите, расветата и сѐ што треба, добиле „деловен“ карактер и во одредена мера станале обртно средство на работодавачот, а на трошок на работниците веројатно во поголем дел од случаите паѓаат и сметките за потрошена енергија, режиите и останатото. Најчесто изостанала и секоја друга поддршка од управата на нивните компании, па дури и од страна на соработниците. Исто така, се потврди дека работењето од дома речиси целосно ја брише границата помеѓу работното и „слободното“ време што, како што рековме, особено ги оптоварува жените, но и децата кои често не можат да го добијат потребното родителско внимание.

Покрај тоа, работниците „од далечина“ велат дека во таков аранжман имаат проблеми со чувството на смисленост на нивната работа, со чувството на изолираност и искажале високо ниво на депресивност во прекарниот однос заради пробивањето на секоја разумна норма од страна на работодавачот.

И покрај сето тоа, на голем број испитаници им се одмилила работата од дома и велат дека во перспектива најмногу би сакале да ја комбинираат со повремена посета на конвенционалното работно место. Бидејќи и работодавачите покажуваат нескриени симпатии кон таквиот начин на ангажирање работници, авторите на истражувањето оценуваат дека тој ќе биде „популарен“ кога ќе настапи постинфекциската доба. Затоа предлагаат низа мерки за негово „институционализирање“, кои би вклучиле почитување на интересите на двете страни: утврдување процедури за поднесување барања за работа од далечина, нагласување на нејзиниот доброволен карактер, вклучување реверзибилност (враќање кон конвенционален работен однос), партиципирање на работодавачот во трошоците на работникот, гарантирање еднаквост во платите на оние кои работат од дома или на работното место, гаранции за еднакви права на обука и напредување... Авторите антиципираат поголеми социјални промени ако работата од дома пушти корени, како трансфер на поголем дел пропратни економски дејности од деловните седишта во станбените и руралните подрачја. Векат дека е можна дури и промена на постоечкиот тренд за концентрирање на економските активности со поголема додадена вредност во најголемите градски центри.

Во поглед на поддршката за невработените, досегашната социјална политика на земјите од ЕУ потфрли во просек: три петтини за време на пандемијата не добиле никаква форма на финансиска поддршка, а од оние што побарале, три петтини не ја добиле. Авторите на истражувањето ја истакнуваат важноста на овој факт, особено со оглед на опасноста од зголемување на невработеноста заради вториот бран на епидемијата кој настапи после летото. Природно, корисниците на социјална помош се пооптимистични и имаат поголема доверба во институциите, а таквата доверба се смета за важна во услови на длабока социјална криза. Интересен е податокот дека вкупната доверба на граѓаните во националните влади била поголема за време на истражувањето во април, додека испитаниците во јули изразувале поголема доверба во институциите на ЕУ.

Авторите исто така ја истакнуваат опасноста од пад на достигнатите нивоа на рамноправност меѓу половите, односно положбата на жените и затоа ја истакнуваат важноста за вклучување на жените во мерките на економските и социјалните политики. Меѓу поважните препораки за властите на членките на ЕУ ќе ја издвоиме онаа која се однесува на грижата за менталното здравје на населението, особено за младите, невработените и прекарните работници кои се во најголема опасност и страв од невработеност.

Слики: Akber Ahmed

Извор: http://www.h-alter.org