13 Ноември. Што е Скопје?

13.11.2020 12:20
13 Ноември. Што е Скопје?

Грдата ноќ се влече зад мене како сенка. На некогашната „Даме Груев“, спроти некогашното „Беко“, џиновска шахта сред коловозот. Метална. Не е ни шахта, како двокрилна, заклучена врата е. Колите ја заобиколуваат со векови, секое утро опасно приближувајќи ни се на пешаците кои стоиме на ивичникот и чекаме да поминеме, да одиме преку плоштадот на ВМРО каде што со денови, во седум и пол, еден човек се расправа самиот со себе во два гласа. Темата, горе-долу е секогаш истата. Општествена. Се расправа за политика со својот имагинарен крвен непријател влезен во него како подмолен Друг. Порано мислев дека е пијан. Не е.

Којзнае што му е.

Се мислам и не можам да решам. Што е Скопје? Џиновската, двокрилна шахта сред коловозот, грдата ноќ-сенка во пеколен ден или кутриот човек со два гласа заробен во самиот себе?

Ме запира една жена на која ѝ е пладне. Не знае да си извади пари од банкомат. Ми вели „ќерко“, а не сум сигурна дека е постара од мене. Ѝ ги подавам, едно по едно, како што ги исплукува банкоматот, илјадарката, картичката и ливчето. Таа е Скопје! Чека некој друг да ѝ го даде она што е нејзино.

Којзнае што ни е на сите.

 

Фотографија: Старо Скопје 

Слични содржини

Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност / Настан
Јавни простори / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото