Пренамена на напуштените објекти: шанса за поквалитетен живот

13.11.2020 12:08
Пренамена на напуштените објекти: шанса за подобар квалитет на живот

Урбаниот модел на Скопје и другите поголеми македонски градови го форсира градежништвото, згуснувањето на просторот во интерес на профитот, за сметка на квалитетот на живот на граѓаните. Секое парче простор, посебно ако е лоцирано во централното градско подрачје или во близина на центарот, окупирано е од градежна активност, бетонирано или пак срушено и изградено е нешто ново. Не се дава шанса за реновирање на старите и напуштени згради, фабрики и напуштени простории, освен ако истиот објект не се сруши и на негово место се изгради нов. Затоа што новото носи повеќе пари, но тоа ново носи и дополнително загадување на воздухот бидејќи се гради во текот на целата година.

Пренамената на напуштените јавни објекти кои се урбано и културно наследство на секој град, наместо изградба на нови, во македонската јавност и свест е слабо прифатено бидејќи длабоко е вкоренето дека новото е подобро од старото. Оваа мантра е наметната од потрошувачкиот естаблишмент кој се гледа низ призма на профит. Дополнително е поддржана од локалните власти затоа што даноците од нова градба носат повеќе приноси од реконструкција и пренамена на веќе постоечкиот објект.

Овој тесноград пристап значително придонесува до зголемување на загаденоста на градовите, намалување на квалитетот на животот и дополнително уништување на зелените и јавните површини кои се наменети за граѓаните, а не за градежниот бизнис.

Овој тренд може да се избегне со реконструкција и пренамена на напуштените објекти кои се наоѓаат на разни градски локации и негативно влијаат на квалитетот на животот. Оставањето на напуштените објекти на забот на времето не само што ја прави околината непривлечна за населување, туку распаѓањето на зградата придонесува кон загадување на воздухот. Дополнително на ова е и опасноста која ја носи со себе распаднат објект кој е незаштитен од кражби и уништувања.

Светот се прилагодува и пренаменува

Напуштените згради и фабрики преку план кој ќе се прилагоди на потребите на граѓаните, лесно можат да претрпат пренамена. На истокот на Романија, градот Васлуи кој по големина е близок на Велес и Штип, служи за пример како напуштени објекти можат да се реновираат и да добијат функционална улога. Откако во 1990-тите години голем број граѓани на овој град се префрлиле на друг вид греење напуштајќи го јавниот централизиран систем на топлани, од 27 активни топлани, градот останува само на 6.

Во 2007 година, со поддршка на локалната самоуправа и финансии од Европската Унија, стартува проектот за пренамена на овие објекти во простории каде што ќе се пружаат услуги за рехабилитација на маргинализираните групи, здравствена поддршка на пензионери и лица од ранливи категории, дневни центри за деца од социјално загрозени семејства. Овој проект кој се уште е активен, дополнително придонесува за намалување на маргинализираноста на социјално загрозените групи во општеството, како и заживување на простори кои со нивно занемарување, претставуваат еколошки загадувачи и објекти потенцијално опасни за околината.

Малку авангарден, но не помалку важен пример е пренамената на готската црква од 19 век во Сент Луис, САД, во скејтерски парк. Оваа црква долги години била напуштена се додека со дозвола и поддршка на локалните власти, без оштетување на ентериерот, црквата во 2015 година е пренаменета во скејтерски парк. Ист пример имаме и во Шпанија, во градот Ланера во 2016 година, каде сто години стара црква не се руши туку се пренаменува во скејтерски парк.

Напуштениот индустриски комплекс „Купрум“ - Извор: vidivaka.mk

Пример од поблиското соседство имаме во Словенија каде општината Камник одлучува просториите на манастирот Мекиње да ги пренамени во различни облици на искористување. Овие простории со финансиска помош од самата општина и од Европскиот фонд за регионален развој, се реконструирале без нарушување на изгледот на културното наследство и се користат за одржување обуки на граѓански организации, промоција на културното наследство, одржување семинари и работилници.

Примерите кои се дадени покриваат објекти кои се индустриски, но и културно наследство. Самите тие докажуваат дека не се треба да се сруши, туку со малку напор, може функционално да се пренамени.

Циркуларната економија е патот напред

Пренамената наместо рушење на стари објекти позитивно влијае на квалитетното просторно планирање и значително остава простор на вклучување на граѓаните во процесот на одлучување. Урбаното партнерство помеѓу различни министерства за просторно планирање, енергија и екологија од различни држави во Европа (Италија, Грција, Словенија, Полска) заедно со општините како Прато, Болоња и Фиренца (Италија), Осло (Норвешка), Корк (Ирска), Антверпен (Белгија), го создаваат Правилникот за одржлива и циркуларна повторена употреба на урбани простори и објекти.

Овој правилник од 2019 година го користи принципот на циркуларна економија која е затворен систем на искористување, рециклирање и одново искористување на ресуристе со кои се располага (вода, земја, воздух, пластика, компост, сончева енергија). Правилникот дава примери како да се лоцираат и идентификуваат напуштени објекти и дава модели и предлог решенија како одредени општини ја регулираат состојбата со цел да се намали бројот на напуштени објекти. Сопствениците на простор кој е поголем од 500 метри квадратни и кои се жители на градот Цирих, ако просторот е празен повеќе од една година, должни се да го пријават во општината. Потоа општината одлучува како ќе го пренамени просторот за повторно искористување.

Напуштени не се само фабрики, институции и згради за домување, туку и објекти за одмор за кои овој правилник дава примери и насоки како со поддршка на локалната општина и заедница, можат да одново да се искористуваат. Освен идеи за пренамена, даден е позитивен пример како општината може да помогне во финансиска ревитализација на објектите. Главниот град на Латвија, Рига после 1990 година се соочува со помеѓу 500 и 1000 напуштени објекти од различен вид. Општината одлучува во 2016 година данокот на имот за реобнова и нова употреба на напуштените објекти да го намали помеѓу 25 и 90 отсто. Ова е од големо значење посебно ако објектите се препознаени и корисни за едукација, спорт, културни и општествени активности.

Поради преоптовареност, периодов беше затворен аеродромот Тегел во Берлин и беше отворен нов на југоисточната страна од градот. Овој аеродром кој за жителите на Берлин бил симбол на слобода за време на Студената војна ќе биде пренаменет во историски споменик и во просториите ќе функционира Центар за развој на Универзитетот за применети науки.

А како може кај нас?

Во нашата држава интересот за пренамена на напуштени објекти е мал, а институционалната поддршка за ваквите иницијативи е уште помала. Некои од објектите кои се напуштени, а можат да се пренаменат во Скопје, се Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто, спортската сала „Партизан“ во Карпош (која не се користи повеќе од 10 години) и фабриката за обоени метали „Купрум“ во населбата Хром.

Идејата на младите од здруженијата „Културно Ехо“ и „Сити Скоп Скопје“ е зградата на старата фабрика „Купрум“ да се пренамени во студентски град. Со тоа би се спречило ново градење и загадување на просторот и би се приближила зградата кон жителите на населбата Хром. „Купрум“ располага со огромна површина на која, меѓудругото, можат да бидат сместени зелени површини и простори за спорт и рекреација, со што овој комплекс би се претворил во културен центар.

Спортската сала „Партизан“ во Карпош. Извор: sdk.mk

Други градови во кои се лоцирани напуштени објекти кои можат да се пренаменат се Куманово, Кочани, Кичево, Охрид, Струга и Битола. Некои од градовите-индустриски центри, поради разорната и нефункционална приватизација, останаа со затворени фабрики кои можат да се пренаменат. Велес, на пример, располага со просторот на Топилницата и фабриката за порцелан „Порцеланка“ како и со просторот на напуштеното градско кино за кои се уште нема идеја како да се пренаменат и искористат во интересот и потребата на граѓаните.

Напуштените објекти во државата лесно можат да се пренаменат преку финансиска поддршка на општините, министерството за животна средина и просторно планирање и европските фондови до кои имаме пристап. Реконструкцијата и пренамената на напуштените објекти го намалува загадувањето на воздухот од градежните активности кои се докажаа како големи придонесувачи во загадувањето. Дополнително на ова, социјализацијата на долго отуѓените граѓани ќе се зголеми, што исто така придонесува за намалување на можноста за создавање гета и маргинализирање на одредени градски населби.

Пренамената не е некоја грандиозна иновација туку модел преку кој се зголемува одржливоста на урбаните средини и придонесува кон привлечноста за населување во одредена урбана населба без разлика во кој град се наоѓа. Потребни се волја и идеја за да се реализираат ваквите проекти, но и притисок врз градските власти да го штитат јавниот интерес, а не интересот за профит.

Еколошка ренесанса

Со овој пристап, од една страна градот ќе им се приближи повеќе на своите граѓани, додека граѓаните ќе изразат желба тие да придонесат со своите идеи и да учествуваат во креирање на својата околина. Ќе се зголемува нивната свест за заштита на градот и неговото еколошко и економско развивање. Принципите на циркуларна економија и директна демократија во кои се дава значење на еколошки решенија, одржливи економии и директна вклученост на граѓаните во процесите на одлучување за животните простори, се моделите кои ни се неопходни за квалитетна иднина. Моделите на функционирање кои ги имаме досега, се покажаа себични, ориентирани исклучиво кон профит на мали групи поединци. Време е за реална промена.

Извор: respublica.edu.mk

Текстот е победник на конкурсот за најдобар блог „Имаш ли (по)добра идеја?“ организиран од Рес публика и ИКС.

Слични содржини

Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Став / Екологија
Јавни простори / Став / Екологија
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото