Што видовме кај Шерон Стоун, видовме...

16.11.2020 02:13
Што видовме кај Шерон Стоун, видовме...

Пред неколку месеци допирот, бакнежот, прегратката, сексуалниот однос беа дел од категоријата „не се препорачува“, додека денес се снимаат експлицитни државни реклами со цел да се дистанцираме од елементарната интима за да ги спасиме најмилите. Така остануваме лишени од употребата на вообичаените антрополошки инстинкти чии последици допрва ќе се појават и ќе се изучуваат. Во ера на глобални пандемии, веројатно не ни постоеше механизам да се шири пропаганда за отсуство на блискоста, најпосле, главeн рекламен стожер беше црквата.

Откако Порнхаб стана бесплатен, а шампион на Нетфликс според прегледи стана скокотливата полска софткор драма „365 дена“, време е за редефинирање на сопствениот однос спрема сетилната љубов. Се разбира, новиот пуританизам како и левиот фашизам во сите нео-преиспитувања најдоа плодно земјиште за некое ново време кое некогаш аматерски се нарекуваше Нов светски поредок.

Покренатата лавина преиспитувања на идеите за презентација на сексот во споменатиот филм (што во популарната литература постои уште од „1001 ноќ“) секако не е мејнстрим туку трапаво се вклопува во оваа анти-допирачка епоха. Да не заборавиме дека еротскиот филм некогаш се нарекуваше софткор и дека беше мошне важен поджанр за станувањето адолесцент во пред-дигиталната ера. Секако, ако земеме предвид дека до појавувањето на вториот бран на феминизмот секој филм имаше „male gaze“ или машки поглед. Порно-филмот е врвот на овој феномен зашто се занимава исклучиво со машките фантазии, иако во последно време постои и поджанр на порнографскиот филм кој се фокусира на женската страна од приказната, што значи повеќе реакција а помалку акција. Стоја, порно-дивата со српско потекло, е мошне успешна како режисерка на вакви содржини.

Да им се вратиме на седумдесеттите и делумно на осумдесеттите кога софткор филмовите како „Емануела“ се прикажуваа, на пример, во киното „Белград“ (денес Театар на Теразија) а хардкор филмовите во киното „Партизан“, спроти тогашната Железничка станица. Најпопуларни термини беа попладневните зашто просечниот селанец кога ќе ја заклучеше тезгата на некој од прометните белградски пазари, мораше некаде да „утепа“ време до вечерниот дански кралски воз, на пример, до Сталаќ или Смедеревска Паланка.

Софткорот е значаен зашто нема снимки со пенетрација или ејакулација („money shot“) но се фокусира на сензуалноста и допирот, што е многу пореално за умовите на тогашните тинејџери да го замислат останатото. Во нашиот отуѓен свет веќе две децении, два кликови нѐ одвојуваат од секакви интернет перверзии, па јасно е од каде доаѓа сѐ помалиот интерес за „нормални“ врски, зашто мажите научија да постигнат задоволство со мастурбација па еректилната дисфункција стана сосема природна, а не современа психолошка патологија кога ќе се соочат со реален партнер од спротивен или ист пол. Добар пример е филмот „Men, Women and Children“ од 2014 година кој денес е уште поактуелен отколку што беше пред шест години.

Од друга страна, покрај изобилството порно содржини, зачудува појавата на софткор филмови како „365 дена“ или „50 нијанси...“ кои додуша се занимаваат со машкиот поглед на доминацијата, со елегантна доза садизам и мазохизам, односно политички покоректно - женско препуштање, зашто, може да се каже, така природата ја одредила состојбата на нештата. Да не заборавиме дека жените се столбови на патријархалното конзервативно општество, а не мажите кои се само „изведувачи на цивилизациските работи“. Затоа таа улога на „жртва“ му е интересна и на пасивниот и на активниот протагонист. Со тоа многу се занимаваше филмската теоретичарка Лора Малви во својата грандиозна студија „Визуелните и други задоволства“ во издание на ФЦС. Оној што сакал, преку интернет видел сѐ што може и многу повеќе. Суштинско прашање е практиката зашто и пред глобалната пандемија имавме сѐ повеќе асексуални млади, ненавикнати и неподготвени на судбината на природата, на врска и секс.

Шеесетите се клучни и за перцепцијата на сексот освен за социјалните, расните, половите и културните слободи. Освен литературата, односно книжевноста, во Британија стана достапна антибеби пилулата (додуша на рецепт) која го воведе концептот на планирана бременост, што не е во согласност со црквата, особено католичката. Рокенролот беше саундтрак за големо ослободување, кое ги воведе и наркотиците во популарната култура, така што идејата за сексот еволуираше и имплодираше во краток момент. Во седумдесеттите холивудскиот филм беше стожер на минливата сексуална револуција, најмногу под влијание на францускиот нов бран но и на европскиот арт хаус филм. Во осумдесеттите влеговме во еден вид материјалистички пуританизам, па еротските трилери на Верховен и Ештерхази од почетокот на деведесеттите за последен пат на сексот гледаат гламурозно, речиси театрално. Од тој момент, сексот на филм засекогаш се сели на авторскиот филм со потребната деградација и изопачување... (Ноа, Ханеке...) или на Далечниот исток.

Од друга страна, стереотипот за „сѐ побрутален секс на филм“ не е одржлив. Сексот и насилството престанаа да бидат дел од мејнстрим филмовите уште кон крајот на седумдесеттите. На почетокот од деведесеттите постоеше тенденција на еротски трилери со моќни, пореметени женски ликови, често нимфоманки за кои сценариото го пишуваше споменатиот Џо Ештерхази. Што видовме во она прекрстување на нозете на Шерон Стоун, видовме, а тој мит исто така се изгуби заради дигитализацијата и можноста за паузирање и премотување.

Оттогаш, мејнстрим филмовите се оперирани од сексот кој побара и доби азил на телевизија како тогашната револуционерната ХБО серија „Сексот и градот“, а подоцна посимптоматичната „Девојки“.

Новото будење на феминизмот и #MeToo движењето елегантно се вклопува во новата краткотрајна доба на привидна нормализација во која е нормално Афроамеринакците да добиваат неколку Оскари годишно во епохата на афроамериканскиот претседател. Сепак, жените ги прифатија правилата на игра уште од самите почетоци на филмот. Студио системот од дваесеттите и триесеттите во Холивуд своите глумци ги сметаше за робови, што и беа заради понижувачките договорни обврски на младата индустриска гранка - филмот, така што немаше разлика помеѓу Мики Рурк и Џуди Гарланд.

Ешли Џад како првоборец направи пресврт зашто се окуражи да прозбори во случајот „Вајнстин“, па започна стихија и нештата си дојдоа на свое место. Сепак, откривањето на „женските“ права или кои било други права на малцинствата во втората деценија од 21 век е апсурдно. Камо среќа сѐ да завршеше во шеесеттите кога и требаше. Исто така културолошки релевантна ТВ серија во врска со ова прашање е „Mad Men“ кога во педесеттите во канцелариите мажите уживаа во својот мачизам, ги штипкаа секретарките или ги коментираа половите страсти, пиеја виски и се правеа важни, а потоа кон средината на шеесеттите кога Дрејпер ќе се врати дома, жената му напишала „Вечерата е во рерната, излегов со другарките“, а тој апатично ќе го пушти албумот „Револвер“ на Битлси и сеобјаснувачката песна „Tomorrow Never Knows“. Тој „шифт“ беше катаклизмичен но недоволен за повремено да се појават монструми како Харви Вајнстин. Но најлош сој се луѓето од неговото опкружување, кои сето тоа го знаеја по системот „ама ајде, тоа е само нашиот Хари“, и се согласуваа со тие „анегдоти“ заради својата сигурност и репутацијата, потоците виски, дагњите со вино и слични перверзии. Политичка атмосфера многу блиска до локалниот момент кој го живееме.

На површното прашање дали се работи за тренд или индустријата има дилема дали да снима добри или гледани филмови, следи арогантен одговор: Што е индустрија? Холивуд или Нетфликс? Нетфликс прв почна на режисерите да им дава „потполна авторска слобода“, а тоа не се случило во Холивуд уште од „Кум 2“ на Копола. Затоа Алекс Гарланд е релевантен филмски режисер. Оттаму и успехот на Бонг Џун Хо. Оттаму и филмот „Ирецот“ на Скорсезе кој трае како гладна година. Оттаму и диверзивните содржини како полскиот феномен „365 дена“. Од друга страна, Холивуд сѐ уште е ригиден, и ако се занимава со „сексот“ тогаш е со три пара евтини ракавици. Индустријата се обидува да направи и добар и гледан филм. Човечки е да се греши. Целата историја на филмот е преполна со „добар или гледан, гледан и добар...“.

Ако сѐ уште сме во тематиката на табуата во врска со сексот, кога филмот започна како индустрија за забава на почетокот на 20 век, имавме филмови од Шведска или Данска со мошне разуздани кадри. Пуританска Америка мошне брзо направи кодекс (Хејсовиот) кој имаше јасни правила следниот половина век, сопружниците спијат во одвоени кревети, бакнежот трае само три секунди, здолништето е под коленици, нема никакво наговестување на она што почнува на „с“ а завршува на „екс“... и така натаму. Големите режисери како Хичкок успеваа да се подбиваат со овие ограничувања како во филмот „Озлогласена“ со Ингрид Бергман и Кери Грант и нивниот бескраен бакнеж со паузи.

Природно, шеесеттите донесоа разни слободи, па и сексуална револуција, па и перцепцијата на сексот на филм беше сѐ послободна и експлодираше во хедонистичките седумдесетти. Денес се чини дека Америка никогаш не била попуританистичка, левиот фашизам во последните месеци ја редефинира културата на согледување што било што е надвор од контекст, од филмот „Aliens“ до „Одвеано со виорот“. Новата политичка коректност е на пат да ги уништи и хуморот и сексот... но тоа нека остане за некој следен текст.

Слики: Kellesimone Waits

Извор: Nedeljnik
 

ОкоБоли главаВицФото