Дали би пробале овошје старо две илјади години?

16.11.2020 02:15
Дали би пробале овошје старо две илјади години?

Дебелкастите, златно-кафеави урми што висеа веднаш над песочното тло најпосле беа стасани за берба.

Полека созреваа на пустинската жештина со месеци. Но, младото дрво на кое растеа има многу подревно минато - изникнало од семе старо две илјади години, пронајдено во археолошките ископини во јудејската дивина.

„Прекрасни се!“, воскликна д-р Сара Салон во моментот кога последната датула беше скината од гранката во еден кибуц на југот од Израел. Медениот, полусув плод имаше растеглива структура и суптилна слаткост.

Ова беа легендарните, но одамна изгубени јудејски датули, а нивната берба е поздравена како модерно чудо на науката.

Д-р Сара Салон, чија потесна специјалност е природната медицина, се здружила со Илејн Соловеј, експертка за земјоделство во сушни предели, во обид да го пронајде древното семе уште во 2005 година. Бербата на овошје во кибуцот Кетур беше кулминација на нивниот потфат.

„Во овие тешки времиња на климатски промени, загаденост и видови кои изумираат забрзано, да се врати нешто во живот од вековен сон е мошне симболично“, рече Салон. „Запрашувањето на овие неверојатни урми и нивниот род претставуваат сноп светлина во мрачна доба.“

За датулите се зборува и во Библијата и во Куранот. Тие се симбол на изобилство. Во антички времиња, јудејските палми биле и чести мотиви во синагогите.

Д-р Сара Салон избрала повеќе од триесет семки датула од различни археолошки наоѓалишта, вклучувајќи го и Кумран, каде се пронајдени Свици од Мртвото море. Од семињата што биле посадени помеѓу 2011 и 2014 година, шест семки изртеле.

Една, пронајдена во стара пештера во Вади ел Макуку, во близина на Јерихон, има потекло помеѓу првиот и четвртиот век пред нашата ера. Тоа е едно од најстарите семиња кое некогаш е вратено во живот.

Д-р Сара Салон

Истражувањето беше испратено до водечките научни списанија и во февруари беше објавено во журналот „Science Advances“.

Генетските експерти од Универзитетот во Монпеље во Франција велат дека генотипот на изртените растенија покажа дека постарите семиња се поблиски до источните варијанти, кои цветале од Месопотамија до Арабија и Пакистан. Се претпоставува дека одгледувањето на датулата е старо и до 6 500 години.

Колку што е помладо семето, толку повеќе наликувало на варијантите кои се саделе западно од Египет, како што се мароканските меџул датули.

„Што пронајдовме?“, праша Сара Салон и имаше подготвен одговор. „Приказна за стариот Израел и Евреите, за дијаспората, трговските рути, за пазарите ширум Блискиот исток.“

После берењето и пробувањето, датулите ги однесоа на мерење. Десет - од вкупно стотина плодови - се испратени во истражувачкиот институт на Министерството за земјоделство.

„За среќа, вкусот беше добар“, ѝ олесна на д-р Илејн Соловеј. „Што ќе кажев ако вкусот беше ужасен? Дека во минатото луѓето не знаеле што е добра датула? Бидејќи од дамнешни времиња се сочувани многу записи дека, без сомнеж, тоа биле најдобрите урми во светот“.

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото