Уште колку историја ни останува?

16.11.2020 16:17
Уште колку историја ни останува?

 

Од пред триесеттина години во светот се случува вистинско повампирување на историските ревизионизми што мислевме дека неповратно исчезнаа во крвавиот 20 век, коишто целат повторно со малоумно прости и погрешни формули да ги менуваат геополитичките реалности на светот. Тие тоа го прават на најпрост можен орвеловски начин: ја моделираат иднината менувајќи ја историјата во согласност со своите сегашни апетити и неотсонувани соништа, искорисувајќи ги геополитичките вирови, историските турбуленции и можностите на денот. Интересно е што инфантилноста и несериозноста на содржината на овие ревизионизми секогаш го затекнува неподготвено најголемото мнозинство нормални луѓе.

Вие веќе погодивте, почитувани читатели, дека зборувам за бугарскиот Уценувачки меморандум, чијашто содржина е безмалку сто насто чисто ревизионистичко бладање, во кое за „злаен стандард“ на историската вистина се земаат пренаталните империјални бугарски деветнаесетовековни соништа за големото Трето Бугарско Царство, остварени – само на хартија и само за миг – со непризнаениот и правно-политички невалидниот Санстефански договор од 1878 година. Инаку, Санстефанскиот договор бил потпишан по спектакуларната руска победа во Руско-турската војна од 1877-78 година, која ги беше изненадила буквално сите, зашто Русите излегле на Егејско море и почнале да напредуваат кон Константинополис (нашиот Станбол, по Првата светска војна Истанбул), на чии порти биле сопрени со жестоката реакција на Велика Британија и другите големи европски сили.

На погрешна страна

 

Турците во Санстефанскиот договор потпишале се што Русите посакале, зашто Сан Стефано, подоцна преименувано во Јешилкој, било селце оддалечено само 11 километри од станболската Порта, а денес се наоѓа длабоко во градското ткаење на Истанбул. Елем, со договорот Русите го креирале својот излез на Средоземното Море, сметајќи дека територијата што ја освоиле и на која и подариле државност ќе претставува вечен и лојален домаќин за нивните поморски бази и за остварувањето на другите империјални интереси. Во тој имагинарен договор, кој не бил никогаш – буквално ниту една секунда – имплементиран, Бугарија се простира од Дунав до Охрид и од Черното до Бјалото Море, со Едрене во своите граници, цела денешна Северна Грција освен Халкидики и што сѐ не. Значи, по 500 години турско ропство и државно-политичко непостоење – и додека уште не била потврдена ниту бугарската автономија! – Санстефанскиот договор веќе го беше остварил сонот за Најголемото Бугарско Царство воопшто.

Но, како и сите соништа, и овој траел кусо – до будењето по три месеци – кога големите европски сили го стокмија Берлинскиот мировен договор, во кој Романија, Србија и Црна Гора добија независност, а Бугарија – во тесни граници, без Македонија, јужна Србија, Тракија, Добруџа и дури и без источна Румелија – доби автономија во рамките на Отоманското Царство. Независноста Бугарија ја прогласи дури 30 години подоцна, во 1908 година, кога се прогласи за царство.

Но, без оглед што Санстефанскиот сон траел само три месеци, тој остана средишната оска и лајтмотив на сите големи политички и воени премрежиња што бугарската држава ја водеа низ четири изгубени војни, четири голготи натопени со крв и несреќа: двете Балкански војни (во првата Бугарија излезе како голем победник, но таа била доживеана како пораз од самата Бугарија, што било и причина да ја предизвика Втората балканска војна) и двете светски војни.

За да разбере човек што ја натерало Бугарија да биде на погрешната страна од историјата во сите клучни војни во 20-иот век, треба да прелиста некои забавни страници од нивните учебници и историографски или историско-сомнамбулни писанија. Во нив, бугарската национална самосвест и етнички идентитет што се темелат на еден јазик, еден народ и една компактна и хомогена територија, се проектира наназад, во ненарушен континуитет, сѐ до средновековните бугарски царства. Проекцијата не сопира во средниот век, се разбира – таа продолжува до старо време, кога бугарскиот народ се создавал со хомогенизација на племињата што се населувале на светата бугарска земја: Келти, Тракијци, Македонци, Словени, Бугари и друга ситна боранија, но веќе во средниот век оваа хомогенизација станала „цврст факт“. Толку цврст, што бугарскиот народ населен на целата санстефанска територија, уште од раниот среден век, па преку полумилениумското турско ропство, и се до втори август 1944 година, успеал да го задржи негибнат својот национален идентитет и јазик. Но, наеднаш, таа проклета 1944 година се појавил Јосип Броз Тито, заедно со неговите злосторнички комунисти и партизани, и со национален и јазичен инженеринг успеал преку ноќ да растури еден цврст како гранит и хомоген како базалт бугарски национален идентитет и јазик – што, повторувам, издржал и се калел повеќе од илјада години – и да го замени со измислена македонска нација и со непостоечки македонски јазик!

Детски бладања

 

И навистина, кој може да се подготви на фактот дека оваа пародија е сериозна државна вистина, историски фактографски камен темелник на бугарската надворешна политика, врз основа на која тие сега ги условуваат нашите евроинтеграции? Никој, се разбира. Но, има и нешто драматично рационално во бугарските уценувања. Зашто, не е случајно избран датумот од кога бугарските сонувачи решија да ја признаваат „македонската реалност“: доколку до тој датум денешната територија на Република Северна Македонија ја населувале етнички Бугари, тоа ретроспективно ги оправдува сите воени жртви што Бугарите ги дале во Втората балканска војна, Првата светска војна и Втората светска војна. И, се разбира, ги преквалификува сите бугарски окупации на оваа територија, зашто – да се разбереме – Бугарите во сите три војни заземаа и окупираа територии на друга меѓународно признаена држава, а со оправдувањата на сите окупации, братјата сакаат да ги избришат и сите злочини сторени во тие воени походи.

Преку нашето признавање дека постоиме од 14 часот и 35 минути на 2 август 1944 година – а пред тој миг повеќе од илјада години да сме ти биле чисти, освестени и хомогенизирани Бугари – се бара оправдување и легализација на бугарските окупации на македонската територија, зашто тие само ја „администрирале“ историски, етнички и културно, својата сопствена земја и својот сопствен народ. Вери клевр, брадерс!

Во светло на овие детски бладања и едноставни историски и геополитички формули, интересна е следната математичка операција: ако бугарските вмровци бараат да се откажеме од нашата историја пред 1944 година, а нашите вмровци за последниве 30 години практично успеаја да ја избришат комунистичката историја на Македонија од 1944 до 1991, тогаш колку историја ни останува? Искажано со математичко равенство тоа би изгледало вака: Македонија – (ВМРО-Бугарска + ВМРО-Македонска) = 0.

Цртежи: Virginia Mori

Извор за текстот: Слободен печат