Нова шанса за демократите

17.11.2020 12:15
Нова шанса за демократите

По неколку дена неизвесност, Џо Бајден ја обезбеди победата на американските претседателски избори, но коментаторите и новинарите останаа збунети. Заведени од резултатите на анкетите, многумина очекуваа дека демократите ќе доживеат историска победа и ќе ја освојат не само Белата куќа, туку и Сенатот. Како е можно Доналд Трамп да успее да ја сочува поддршката од толку голем број Американци и да освои дури повеќе гласови отколку пред четири години, наспроти дрските лаги, очигледната корумпираност и катастрофалната реакција на пандемијата?

Значењето на овие прашања ги надминува рамките на американската политика. Партиите на левиот центар ширум светот бараат начини да им се спротивстават на десните популисти и да ја вратат поддршката на избирачкото тело. Иако Бајден според темпераментот му припаѓа на ценатарот, платформата на Демкратската партија значително се придвижи кон лево, барем според американските стандарди. Ако демократите оствареја убедлива победа, тоа секако би го подигнало моралот на умерената левица: можеби за триумф на изборите е доволно да се комбинираат прогресивни економски политики со посветеност на демократските вредности и елементарна пристојност?

Наголемо се полемизира за тоа што треба да се направи за да се обезбеди подобар резултат на демократите. За жал, од нивната тесна победа не е лесно да се извлечат корисни лекции. Американската политика се врти околу две главни оски – култура и економија – и во двата сегменти има коментатори кои тврдат дека Демократската партија овојпат отишла предалеку, како и оние кои тврдат дека не понудила доволно.

Со тековните културни војни продлабочен е судирот помеѓу општествено конзервативните и доминантно бели региони во централните делови од земјата и метрополите во кои доминираат „просветени“ политички ставови. На едната страна се семејните вредности, спротивставувањето за абортус и инсистирањето на правото на поседување на огнено оружје. На другата страна се правата на ЛГБТ+ заедницата, социјалната правда и борбата против „системскиот расизам“.

Поддршката на демократите за уличните протести против полициската бруталност, гласачите на Трамп ја протолкуваа како одобрување на насилството и паушална осуда за систематскиот расизам на целата држава. Некои коментатори сметаат дека Демократската партија, на тој начин, се изложила на обвиненија за морално позирање и отфрлање на вредностите кои се важни за жителите на средните делови на САД, иако и самиот Бајден го осуди насилството. Други заклучуваат дека неочекуваната поддршка за Трамп само покажува колку расизмот и биготеријата се длабоко вкоренети и заради што треба посилно да им се спротивставиме.

Што се однесува до економијата, бројни аналитичари, вклучувајќи ги и центристите од Демократската партија, веруваат дека со поместувањето кон лево, демократите ги исплашиле конзервативните гласачи. Во согласност со традицијата, републиканците тоа го искористија за потпалување на стравовите од зголемување на даноците, гасење на работни места заради еколошки политики и социјализирана здравствена заштита. Стариот американски мит за претприемачот кој најдобро работи кога државата најмалку му се меша во работата и натаму е жив и здрав во двете водечки партии.

Но прогресивното крило на партијата не се согласува со таквото толкување. Неговите претставници тврдат дека Бајден ја водел кампањата со предлози кои никако не можат да се опишат како радикални, барем според мерилата на другите развиени држави. Всушност, Бајден од почетокот изборите ги сфаќал како референдум против Трамп, а не како изјаснување на јавноста за алтернативна политичка програма што ја нуди. Можеби Берни Сандерс или Елизабет Ворен со своето инсистирање на работни места, економска сигурност и редистрибуција би биле поблиски на аспирациите на мнозинството на Американци.

Со оглед на тоа што изборите се одржани насред сè посмртоносната пандемија, можно е врз определувањето на гласачите да влијаела комбинацијата на здравствени и економски причини кои немаат многу врска со темите за кои дебатираат аналитичарите. Некои од инсајдерите во Демократската партија веруваат дека гласачите се загрижени заради можните економски последици на построгите мерки во борбата против пандемијата на Ковид-19 кои ги предлагаат демократите. Ако е тоа точно, погоре наброените расправи се главно беспредметни.

Во секој случај, јасно е дека овие избори не донесоа одговор на прашањето како треба да се позиционираат политичарите од Демократската партија и партиите од левиот центар во однос на важни културни и економски прашања за да добијат поголема поддршка од гласачите. Исто така, резулатот не ја промени значајно природата на предизвиците со кои се соочуваат овие партии. Политичките лидери на левицата мора да изградат помалку елитистички идентитет и кредибилна економска политика.

Како што забележал Тоамс Пикети, а и многу други автори, партиите на левицата се претвориле во партии на образовани урбани елити. Со ерозијата на нивната традиционална база во работничката класа, порасна влијанието на припадниците на глобализираните професии, финансиката индустрија и корпоративните интереси. Проблемот не е само тоа што овие елити често избираат економски политики кои не им одговараат на средните и пониските класи и позаостанатите региони, туку и тоа што нивната културна, општествена и просторна изолираност ги прави неспособни да ги прифатат и разберат ставовите на луѓето што живеат поскромно од нив. Индикативна е леснотијата со која културните елити ги отфрлаат 70 – те милиони Американци кои гласале за Трамп, опишувајќи ги како несвесни суштества кои гласаат на штета на сопствените интереси.

Во доменот на економијата левицата уште нема добар одговор на жешкото прашање на нашето време: Каде да се пронајдат добри работни места? Попрогресивното оданочување, инвестициите во образованието и инфраструктурата, како и универзално здравствено осигурување (во Соединетите држави) се многу важни. Но тоа не е доволно. Заради актуелните трендови на технологизација и глобализација има сè помалку добри работни места кои ја одржуваа во живот средната класа. Пандемијата со Ковид-19 дополнително ја продлабочи поларизацијата на пазарот на трудот. Затоа ни е потребна проактивна стратегија на државите директно насочена кон создавање добри работни места.

Високата цена што ја плаќаат заедниците од кадешто исчезнуваат добрите работни места не е само економска. Во нив расте бројот на зависници и растурени семејства, како и стапката на криминалитет. Припадниците на заедниците реагираат со посилно врзување за традиционалните вредности, стануваат помалку толерантни кон странците и поподготвени да ги поддржат авторитарните лидери. Така економската неизвесност ги поттикнува и продлабочува линиите на постоечките културни и расни поделби.

Партиите на левицата мора да развиваат програмски решенија за економските проблеми. Но технократските решенија нема да бидат доволни. Потребно е да се вложи многу труд за надминување на длабоките поделби во општеството, за кои во голем дел одговорноста ја имаат културните елити. Во спротивно, демократите за четири години ќе ги дочека уште едно непријатно изненадување.

Слики: Alex Griffin

Извор: Project Syndicate

 

ОкоБоли главаВицФото