Не можеме да ги запреме климатските промени без класна борба

18.11.2020 02:53
Не можеме да ги запреме климатските промени без класна борба

Додека во Калифорнија беснеат пожари, на Сибир се топи вечниот мраз, Европа ја погодуваат топлотни бранови, а ураганите и тајфуните стануваат сѐ посилни, итно ни е потребно амбициозно климатско дејствување. Но, прашањето е како ќе изгледа тоа и кој ќе го сноси товарот на транзицијата кон поодржлив свет.

Веќе неколку децении доминантните пораки за заштита на околината кои ѝ се испраќаат на јавноста се однесуваат на индивидуалното дејствување. Кажано ни е дека, за да ја решиме климатската криза, мора да ги промениме светилките, да се префрлиме на користење поефикасни енергетски уреди, да купиме хибридни или електрични возила, подобро да ги изолираме домовите, да престанеме да користиме пластични кеси и да ја промениме личната потрошувачка на разни други начини.

Сето тоа се несомнено позитивни промени, но не се доволни за решавање на огромната криза со која сме соочени, и можат да доведат до искривени заклучоци за тоа каде навистина лежи вината за климатската криза.

Сѐ поголем замав зема аргументацијата дека една од движечките сили на климатската криза е глобалната популација. Светот е пренаселен, ни велат, и затоа емисиите со гасови се толку големи. Ова тврдење најчесто го истражуваат екофашистите, кои сметаат дека е потребен геноцид за да се намали човечката популација. На пренаселеноста се повикуваат и водечките либерални фигури како што е приматологот Џејн Гудал и проучувачот на природата Сер Дејвид Атебороу, што помага во разгорување на лажни и загрижувачки заклучоци за тоа што точно ги причинува климатските промени.

И додека при фокусирањето на личната потрошувачка одговорноста донекаде рамномерно се распоредува на сите нас, кога фокусот е на растот на населението, вината им се припишува на земјите од Африка и Азија чии популации продолжија да се зголемуваат последниве децении. Меѓутоа, овие земји имаат едни од најмалите јаглеродни отпечатоци во светот, додека кога ќе погледнеме кои јурисдикции испуштале гасови со ефект на стаклена градина кои ја загреваат планетата, одговорот е единствен: САД и Европа.

Сепак, дури кога вината потполно би ја префрлиле на Американците и Европејците, би пропуштиле да ја согледаме пошироката слика. Новиот извештај на Оксфарм открива дека најбогатиот еден процент се одговорни за двојно повеќе емисии на гасови со ефект на стаклена градина од најсиромашните 50 проценти од светската популација. Тоа значи дека, дури и работничката класа од глобалниот север да ги преземе сите препорачани индивидуални мерки или сиромашните луѓе од глобалниот југ да ги присилиме да имаат деца, тоа и натаму не би го решило проблемот.

Нашиот преостанат јаглероден буџет се жртвува за глобалната елита да може да го задржи својот расипнички стил на живот, додека со приватни авиони заминуваат на климатски конференции за да изгледа дека божем се грижат. Основачот на Вирџин, Ричард Бренсон, е предводник во овој милијардерски гринвошинг (greenwashing), па така се обврза на климатски ветувања кои не ги исполни додека го прошируваше својот воздухопловен бизнис. Слично, Илон Маск тврди дека се грижи за климата за да продаде повеќе автомобили, а истовремено го критикува јавниот превоз и се обидува да ги запре проектите за брзи железници.

Веројатно најпознат од сите милјардери кои се занимаваат со гринвошинг на своите неодржливи активности, сепак е Џеф Безос. На почетокот на годинава директорот на Амазон беше опсипан со фалби од страна на печатот заради неговиот фонд вреден 10 милијарди долари, Bezos Earth Fund - ги купи дури и правата да го преименува стадионот во Сиетл во склад со своето климатско ветување! Но, фондот сѐ уште не доделил никаква поддршка, додека Амазон и натаму им помага на нафтените компании и компаниите за гас, поефикесно да ги црпат фосилните горива.

Овие милијардери тврдат дека капитализмот може да ја реши климатската криза и дека нивните инвестиции помагаат во создавањето нов облик „зелен капитализам“ кој ќе ги намали емисиите на гасови со ефект на стаклена градина и ќе нѐ воведе во одржлива иднина. Владите исто така наседнуваат на овој мит и го ставаат во центарот на своите планови за закрепнување од пандемијата. Во јули британската влада најави план вреден 350 милиони фунти, кој Британија би ја ставил на чело на „зелените иновации“ - капка во морето потребни вложувања. Како што можеше да се предвиди, планот не вклучува предлог за соочување со емисиите на гасови со ефект на стаклена градина на богатите преку намалување на нивното богатство, забрана за приватни авиони или редуцирање на загадувачките индустрии од кои профитираат.

За тоа време во САД, претседателот Доналд Трамп нема ни климатски план, а дури ни Џо Бајден не се фокусира на обновливите извори и електричните автомобили, додека ветува нови автопатишта со станици за полнење и одбива да го забрани хидрауличното фракирање. Северно од нив, премиерот Џастин Тридо во неодамнешниот говор од престолот вети дека климатските политики ќе станат „камен темелник“ на канадското закрепнување од пандемијата, притоа фокусирајќи се на електричните возила, рударење повеќе елементи за нив и поголеми инвестиции во хидроенергијата. Не кажа ни збор за влијанието на овие иницијативи врз околината.

Зелениот капитализам никогаш нема да овозможи опсег на дејствување нужен за загревањето да се задржи под 1,5 или дури 2 степени целзиусови, зашто одбива да се соочи со моќните луѓе и индустриите кои првенствено ја поттикнуваат климатската криза. И натаму обезбедува проток на привилегии за врвот додека истовремено ја ослабнува средната класа и создава климатски наративи во кои товарот на одговорноста се префрла на оние кои немаат доволно моќ да ги спроведат потребните промени: јавноста, но и глобалната сиромашна популација.

Борбата против климатските промени каква што ни треба, бара спротивставување на богатите и организирање со визија за поинакво општество. Тоа не значи само да се натераат богатите да плаќаат повисоки даноци, туку и активно да ги демонтираат економските структури кои го олеснуваат нивното акумулирање богатство, третирањето на планетата како неограничено изобилство за бесплатни суровини и генерирање на сите емисии на гасови со ефект на стаклена градина кои ја загреваат планетата.

Или ќе му се спротивставиме на капитализмот и неговите првенци или нема да можеме да ги запреме климатските промени кои излегоа од контрола, ниту да им помогнеме на климатските бегалци, ниту да го запреме екофашистичкиот мит за пренаселеноста кој ќе се развива дополнително. Нашиот избор е или социјализам или варварство, како што рече еднаш Роза Луксембург. Зелениот капитализам нема да нѐ спаси.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Du Zhenjun

Извор: https://tribunemag.co.uk/

Слични содржини

Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Европа / Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото