Политички слики после смртта на уметноста (2)

18.11.2020 12:35
Политички слики после смртта на уметноста (2)

СВИРАЧИЊА
Фотомонтажните сатирични слики на Свирачиња, или што би рекол воскреснатиот Трајан Секуловски-Свиракус 
(34)

Меѓу сите автори кои објавувале критички и сатирични слики, почнувајќи од 2011 година најредовно и најдоследно се појавуваат фотомонтажите на Свирачиња, градејќи една огромна архива на сатирична хроника (35).

Авторите на сатиричните фотомонтажи кои стојат зад колективниот псевдоним „Свирачиња“ (Владимир Лукаш и Ѓорѓе Јовановиќ) својата инспирација ја црпеле од антимилитантниот интернационалистички дух на историската авангарда, особено врзан за дадаистичкиот лудизам: Тие се самопрогласени, но легитимни наследници на апсурдниот крик на Дадаизмот, во кој острата и сериозна критика на актуелните општествени случувања се проткајува со посебен вид хумор.

Иако претходно познати преку своите музичко-сценски перформанси кои вклучуваат поголем број учесници, овој „проект“ создаван во соработка со Окно во периодот 2011-2017, којшто брои околу 1000 различни фотомонтажни слики, претставува порадикално свртување кон експлицитен политички ангажман во арената на политичкото, пречекорувајќи ја границата на автономно-уметничкото.

Комплементарни со прецизните текстови, стилски богати со метафори и алегории, на најзастапените автори на порталот Окно (36), Никола Гелевски, Бранко Тричковски и Мирослав Грчев, фотомонтажните сатирични слики на Свирачиња, како и насловните страни земени во целина претставуваат еден богат иконографско-јазички трезор и сведоштво за раскошната („барокна“) имагинација на авторите, откривајќи ја притоа специфичната екстравагантност на Власта. Сликите како матрици користат општо познати слики од класичната уметност, култни филмски сцени и имаат цел да бидат јасни, директни, препознатливи, но истовремено да го отворат процепот помеѓу реалното и фиктивното, идното можно или, пак, веќе слученото, но погледнато од многу неочекувани агли.

Во сликите на Свирачиња актуелниот момент е споен со, условно речено, суштината на главните обележја на критикуваните ситуации и психолошкиот профил на ликовите од поранешниот владин состав, нивните медиумски мегафони, но меѓу нив, секако заслужено, доминира ликот на поранешниот премиер Никола Груевски, истакнувајќи ја неговата изразена тенденција за автократска сеприсутност (Како свињар што тера маторица со македонско знаме, па дури и како одраз во огледалото на „Венера“ од Диего Веласкез).

Свирачиња, Илустрација за „Балада за пастирот“ од Пандалф Вулкански, Окно, 25 јули 2014

Меѓу големиот број нивни слики, најчесто работени како тематски серии, се издвојуваат повеќе кои се одликуваат со едноставност во изведбата и луциден избор на клучните елементи, како изразот на централниот лик, минимални интервенции во композицијата. Нивната повеќеслојност во семантичка смисла остава силен впечаток, па дури и делуваат претскажувачки. Овде се фокусираме на само три примери, еден од 2014 и два од 2015 година.

На 25 јули 2014 година во текстот на Пандалф Вулкански „Балада за пастирот и неговите фасади“(37) како дел од серијата составена од четири фотомонтажи кои ја илустрираат книжевната творба објавена на порталот Окно, Никола Груевски се појавува во преден план како инфант-демон, во црвено костумче со црни крилја, со злокобен поглед и насмевка, како седи над пеколниот оган кој се издигнува одоздола. Во заднината се гледа зградата на новиот Археолошки музеј од двете страни придружен од стоечките фигури на бронзените Прометеј со фаќелот и Филип Втори со стисната тупаница – пеколна визија на „Скопје 2014“ и една од најдобрите сублимации на инфантилноста и ужасот на „Скопје 2014“ и урбанистичко-идентитескиот инженеринг.

Другите две се од периодот по објавувањето на прислушуваните разговори, таканаречените „бомби“ на тогашната опозиција, кои фрлија светло на случувањата зад завесата, за нарачките и донесувањето на одлуките и го најавија постепениот пад на Владата на Груевски.

На 20 март 2015 година, Свирачиња објавуваат посебна серија од 10 фотомонтажи насловена „Давеници“ (38), меѓу кои се издвојува една која на сугестивен начин го претставува поранешниот премиер Груевски како жртва на сопствената споменикоманија: Ликот на Груевски е измонтиран на фигура која е поставена централно - во костум со врзани раце, со нозете во бетонски блок, потонат под вода - еден од мафијашките методи на елиминација познат како „бетонски чевли“ – впечатлива алузија на крајот на неговото владеење и споменик на неуспехот на сопствениот култ на личноста кој го градеше токму преку споменичната културно-идентитетска матрица со (зло)употреба на целата институционална мрежа на државниот апарат.

Свирачиња, Од серијата „Давеници“, Окно, 20 март 2015.   

Иако и претходно, но и потоа, Свирачиња изработиле повеќе фотомонтажи со (симболичка) декапитација на некој од носителите на власта, на 7 април 2015 , како илустрација на коментар од Бранко Тричковски насловен „Груевски ќе нема кој да го аболира!“(39), се појавува една специфична фотомонтажа која обединува неколку важни аспекти на тогашната локална реалност, но и тоа што ќе следи потоа.

Користејќи предлошка од слика на Комар и Меламид, насловена „Монументална пропаганда“ (1994)(40), со едноставно бришење на Советскиот срп и чекан од постаментот на бистата и замена на главата на Ленин со таа на Груевски. Искористена е и случајноста што Двоглавиот орел од рускиот царски грб наместо жолто-златен е црн, како и албанскиот симбол. Така, оваа слика од 2015 година, ќе стане одлична префигурација, антиципациска илустрација на тоа што ќе се случи во јануари 2017 година, кога крајот на децениското владеење на Груевски ќе го стави доминатната албанска партија со одлуката да не ја продолжи коалициската соработка.

Очигледно е дека сликите на Свирачиња, надоврзувајќи се на подолга традиција сликовни „манипулативни“ интервенции кои не ја преминуваат границата на фикциското, претставуваат видливо конструиран упад во конкретен специфичен историски момент. А, сепак, тие се доволно отворени за да можат да сугерираат вклучување на ликови и ситуации од она што допрва ќе се случува.

Проекции за иднината: Како да се сонува понатаму?

Поминаа цели единаесет години од првите јасни знаци на судирот околу узурпацијата и обидите да се одбрани правото на град (29 март 2009), шест откако проектот требаше да биде завршен, и три од промената на власта, а пред нас сè уште е отворен контрадикторно претрупаниот амбис на доминантната Голема слика, на веќе заземениот простор, потрошеното време и огромна сума материјални средства отидени во неповрат.

Пишувајќи го овој краток осврт, периодот 2009-2016 година кога се изработени најголемиот дел од сатиричните фотомонтажи ми изгледа сè уште неверојатно актуелен, бидејќи и по промената на власта, решенијата на најголемиот дел од проблемите не се ни на повидок: се чини дека ние како јавност сè уште можеме да се справиме со феноменот „Скопје 2014“! А, тоа е така, пред сè поради тоа што правосудниот систем е речиси целосно руиниран, а за злосторствата сè уште нема казни.

Свирачиња, Илустрација за ФБ коментар на Бранко Тричковски, Окно, 7 април 2015.

Ефектите на индивидуалниот гест во постисторискиот меур на (а)социјалните мрежи

Јасно е дека денешните мимови (memes) се создаваат во различни, социополитички и економски околности, како и технички услови во споредба со фотомонтажите во златната ера на неспоредливо поужасните 1930ти. Но, ефектите на вториве не биле нималку помали во случаи како на пример еден неделник како A-I-Z (Arbeiter-Illustrierte-Zeitung) кој достигнувал тираж и до 500.000 примероци(41) - но и покрај тоа сепак не успеал да ги спречи нацистичките сили да ја освојат власта, по што тие ги користат сите сили со брутална цензура да се сопре антихегемониската пропаганда на лево-ориентираните ангажирани уметници предводени од Џон Хартфилд.

Иако, несомнено е дека условите во голема мера се различни, и во однос на медиумската инфраструктура, и во распоредот на политиките сили, па и во нивните долгорочни стратегии и блиц тактики, и воопшто не можеме да ги користиме истите категории кога зборуваме за нив, освен некои ориентациски параметри, сепак треба да се има предвид дека во повеќе аспекти, се работи за истата визуелна култура на отпорот. Еден од главните проблеми во перцепцијата на ефектите од визуелната сатира е типичниот „меур ефект“ на социјалните мрежи(42), што најверојатно во голема мера го отежнува, па дури и оневозможува пореалистично спротивставување со суровите, гломазни и длабоко вкоренети системи на моќ (43).

Ефектите на секој индивидуален гест, не можат прецизно да се проектираат ниту да се проценат, ниту да се предвидат, но, сепак исклучително важен е моралниот аспект, односно јавно изразениот став и заземањето страна во специфични историски околности, пред себеси и заедницата, како израз на ултимативниот простор на борба против корумпирачките сили на системот.

 Крајот на почетокот: За отворените можности

Фотомонтажните сатирични слики како матрици користат современи новински фотографии, историски фотографии, општо познати слики од класичната уметност, како и култни филмски сцени и имаат цел да бидат јасни, директни и препознатливи, но истовремено го отвораат процепот помеѓу фактичкото и фикциското, анализирајќи го тој однос низ специфична призма. Овие слики, како една вешто конструирана рамка, иако реферираат на конкретен историски момент, оставаат можност да се читаат и како празни места или огледални процепи во кои можат да се сместат и многу сегашни и идни политички актери и носители на власта.

Специфичните визуелни дела на Матеј Богдановски и Свирачиња, но и бројни други автори, одбележуваат едно турбулентно време. Како слика на состојбите, се надоврзуваат на бројните осврти, дебати и дискусии во јавниот простор, во еден поинаков медиум и со сериозна документарна важност. Секако, тие ќе останат како едно значајно потсетување, па можеби и дури како еден мал поттик за зачувување на вербата дека секој отпор колку и да е маргинален во однос на несразмерно надмоќниот пирамидален систем, може да придонесе постојниот свет на моќта да биде заменет со нов. И да повторам, таков, кој ќе се заснова на егалитарни, емпатиски модели, каде што „Слободата, Еднаквоста и Заедништвото“ нема да бидат само испразнета и обесмислена фраза.

***

Оваа студија која се фокусира на периодот 2009-2016 година, преку анализа на контекстот и обидите за разбирањето на моќта на сликата во современоста, е само почетна фаза во истражувањето на локалната современа сатирична продукција. Анализата на соодносот помеѓу интервенциите во симболичкиот простор и активистичките акции, со цел да се процени потенцијалот на протестната визуелна култура, особено во ситуација кога сè уште се чувствува незивесноста за политичката иднина на земјата и светот, заслужува континуиран истражувачки фокус.

(34) Трајан Секуловски – Свиракус (1915-1999) е фиктивен уметник, дел од проект на Ѓорѓе Јовановиќ од 2008 година, замислен како игра помеѓу фиктивното и фактичкото, како критика и упад во историографијата на модерната македонска уметност, на која наседнуваат некои локални критичари. Види:. Владимир Величковски, „Свежо и веќе видено“, Вечер бр.14036 (25 февруари 2009).

(35) Владимир Јанчевски, „Свирачиња на насловните страници на порталот Окно“, во: Сто насловни страници на „Окно“ (Скопје: Темплум, 2019), 105-107.

(36) За насловните страници на Окно голем придонес имаат и дизајнерите од графичкото студио Кома (можеби најмногу Александар Јосифовски, кој и самиот во тој период, 2011-2017, изработил низа извонредни колажи-монтажи и гифови).

(37)  Пристапено на 10 јули 2020, https://okno.mk/node/39602

(38) Пристапено на 10 јули 2020, https://okno.mk/node/45581

(39) Пристапено на 10 јули 2020, https://okno.mk/node/46076

(40)  Dore Ashton (ed.), Monumental Propaganda, international project instigated by Komar & Melamid (New York: Independent Curators Incorporated, 1994). Сликата се наоѓа на корицата на публикацијата за истоимениот проект на Комар и Меламид.

(41)  За улогата на илустрираните списанија и нивната политика и тиражи, особено во 1930-тите години в. Steven Heller, Design Literacy: Understanding Graphic Design, revised edition (New York: Allworth Press, 2004), 64.

(42) Geert Lovink, "Overcoming Internet Disillusionment: On the Principles of Meme Design" (e-flux, no. 83, June 2017). http://www.e-flux.com/journal/83/141287/overcoming-internet-disillusionm...

(43) Byung-Chul Han, ibid.

Кон првиот дел 

Насловна илустрација: Свирачиња

ВЛАДИМИР ЈАНЧЕВСКИ (1984/Скопје)
самостоен истражувач кој живее и работи во Скопје.

Паралелно работи во областа на современата уметност и визуелните студии. Негов предмет на интерес се проблемите и предизвиците на интердисциплинарното истражување, границите и вкрстувањето на уметничката практика и теоријата на сликите, потоа ангажираната уметност, интервенции во јавен простор и социополитички феномени, како и современите форми на цензура и иконокластички акти.

Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност (2009-2011, четири семестри).
Во текот на додипломските студии (2002-2005) член е на редакцискиот одбор на гласникот на Филозофскиот факултет, во кој објавува свои текстови и прилози. Учествувал во неколку акции во јавен простор, иницирани и реализирани со група колеги во рамки на Катедрата за историја на уметноста („Крик“, 2005; „Молци“, 2006, „Социјален перформанс 2“, 2006 ).

Од 2005 година активно соработува со повеќе национални и меѓународни институции, организации, независни уметници и истражувачи на различни проекти: уметнички изложби, работилници, предавања, презентации, театарски проекти и др.). Организирал повеќе самостојни и групни изложби („Тишина: Слика - одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Семјуел Бекет“, Национална галерија на Македонија - мултимедијален центар Мала станица, ноември-декември 2006, „Уметнички дијалози 2“, НГМ-Мала станица, мај 2007) како и јавни предавања во Скопје со интернационални предавачи (Виталиј Комар - „Виталиј Комар: слики.. со свои зборови“, МСУ, 21-26 април 2012; Џејмс Елкинс - „Сликовни перспективи: Надминување на бинарноста“, МСУ, 16-17 декември 2014).

Во 2018 година поканет како ко-куратор на 12-тото Биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност-Скопје („Ќе биде ли доцна, ако времето запре?“, февруари-март 2018).
Учествувал на панел дискусии и одржал јавни предавања во Скопје (ИМЛ, 2018, 2016; УГД-Штип/Музеј на Македонија, 2018; ФЛУ, 2019, 2018, 2016, 2015; СЦ Дуња, јули/септември 2017; Фестивал „Друга приказна“ МСУ, септември 2017), Битола (Фестивал за современи уметности АКТО 2013, 2014, 2018), Струга (ДримОн: јули 2015, август 2019), Фрајзинг/Минхен (Open Sysyems, јуни 2014) итн.

Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии - Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции организирани од универзитети во Риека, Будимпешта (Iconology - Old and New, 23-31 мај 2013), Клуж (Provocation as Art, 28-30 мај 2015), Кил (Handeln mit Bildern / Images as Agents, 28-30 јануари 2016), Скопје (Критика и молк, МАНУ, ноември 2016), Вилнус (The Revolutionary Imaginary: Visual Culture in an Age of Political Turbulences, ноември 2017 итн.).

Како дел од јадрото на уметничката Иницијатива КООПЕРАЦИЈА (2012-2015), коорганизирал, кокурирал, модерирал и пишувал за петнаесетина интернационални настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии посветени на актуелни теми.
Автор е на повеќе од 50 текстови за современата уметност, теоријата на сликата, како и текстови за современите визуелни уметници (вклучувајќи ги Игор Тошевски, Групата ОПА, Никола Узуновски, Аљбан Муја, Владимир Лукаш, Матеј Богдановски, Иван Ивановски, Искра Димитрова и др).

 

Слични содржини

Никола Гелевски
Став

ОкоБоли главаВицФото