1026 hPa
87 %
5 °C
Скопје - Пон, 11.11.2024 23:59
Не е баш некое златно доба на телевизиската научна фантастика. Жанрот кој би требало да предничи со свежи и одважни идеи – на малите екрани во последниве кој знае колку години живурка низ продолженијата на со децении старите франшизи (Discovery, Picard, The Mandalorian), рибутите (Westworld, Lost in Space, Battlestar Galactica – за кој се подготвува УШТЕ ЕДЕН рибут!), или во најдобар случај екранизација на СФ-романите. Како на пример The Expanse, кој важи за најдобрата СФ-серија денес – а и тој има понекоја болка, да речеме, тесниот буџет, типичен за сериите на каналот SyFy, поради што не е визуелно импресивен како што би можел и заслужува да биде.
Поради тоа серијалот Raised by Wolves е дочекан како нова голема надеж на телевизискиот СФ, бидејќи, за чудо, не е франшиза (барем не засега, лол), ниту рибут, па ни екранизација... И не е дури ни нешто евтино, туку скапоцена продукција на HBO, а за впечатокот на визуелен спектакл да биде целосен – пред две епизоди режисер беше и Ридли Скот! За СФ-фановите тоа беше како некој да ги шармирал со букет убави цвеќиња и ги одвел во преубаво бистро на вечера - за разлика од поголемиот број телевизиски СФ-продукции изминатава деценија, кои главно беа како некој лузер да те води на прв состанок во маалска биртија со три маси и пикадо и каде со години не зачекорила женска нога, не сметајќи ја келнерката. Се чувствувавме така разгалено!
Серијата ни ги претстави двајцата атеистички андроиди, Мајката и Таткото кои основаат колонија и одгледуваат мала група човечки деца на далечната, наизглед ненаселена планета Кеплер–22б , откако нивната матична Земја е речиси целосно уништена во немилосрдните војни помеѓу атеистите и митраистите, фанатичните обожатаватели на богот Сол. А потоа излегува дека и митраистите се упатиле на Кеплер-22б, и – ете ти беља...
Пилот епизодата имаше се’ што би можеле да посакате од пилотот на една ваква серија: многу интересна премиса, впечатлива фотографија, топ ефекти и возбудлив, па и шокантен развој на настани кој не’ остави со сто прашања во глава и онаа слатко-горчлива желба да добиеме барем некаков одговор во наредните недели. Униерзалното одушевување од пилотот, меѓутоа, не се развлече до крајот на сезоната, кога публиката веќе се подели на два табори: оние кои и натаму ја обожаваа серијата со митраистички жар – и ние кои станувавме се’ поскептични, ако не и полни со пцовки за Сол после поларизирачкото финале на неоданешната прва сезона.
Но, не е дека не бев подготвен на тоа. Бидејќи колку и да ми се допадна пилотот, ова сепак и натаму е високобуџетна серија на HBO за андроиди – баш како оној несреќен Westworld, кој исто така имаше сјајно отворање за потоа да станува сe’ повеќе и повеќе крш, на крајот завршувајќи во рубриката „ЗОШТО добога уште го гледам ова?!?“. Taка што, и во Raised by Wolves од самиот почеток се плашев од тој почеток на распад на системот – сега кога гледам наназад, би рекол дека тоа беше некаде околу... втората епизода?
Да не бидам премногу строг кон серијата – не е тоа некое зафркавање со гледачот чисто поради зафркавање како во случајот со Westworld, чии автори беа толку опседнати со насобирање митерии и загатки и наведување на гледачот на погрешна трага, што попатно заборавија како едноставно да раскажат приказна со глава и опашка. Raised by Wolves не е ни приближно толку екстремен пример на форсирање на енигматиката наспроти драмата, но сеедно би рекол дека е... толку е покриен со плашт на тајновитост што си штети себеси?
Како да препознаеш серија која е премногу зависна од мистериите како нејзино гориво? Па, така што, кога сезоната ќе дојде при крај и ќе се свртите наназад, ќе сфатите дека цело време нештата главно сте ги дознавале капка по капна – нешта за минатото на ликовите, за нивните вистински мотиви, за нивното окружување и т.н. – но дека релативно малку од тие конкретни нешта се случиле во сегашноста на дејството. А дејството во првата сезона на Raised by Wolves главно се сведува на... па, на два-три судири на Мајката и Таткото со митраистите. Плус некои чудни нешта што повремено им се случуваат помеѓу тие судири, а кои делуват сомнително бидејќи ви е скратен речиси каков било контекст за разбирање, бидејќи - МИСТЕРИИ.
Мислам, сакам јас и добра мистерија – кој не сака? – но едно е да има мистерија а друго е кога таа мистерија, јеботе, ја парализира сериајта! На пример, мислам дека нема да биде некој претеран спојлер ако објавам дека ќе се покаже дека наизглед ненаселената Кеплер-22б – и не е така ненаселена како што се чини. Знаете веќе каква е процедурата со ваквите серии, дека после две-три епизоди ќе почнете да ги гледате нивните силуети во мракот и дека што било пококретно за нив ќе дознаете... веројатно дури на крајот од сезоната?
И така би било и овде, само што тие маскирани староседелци, домородци, што ли веќе, не да не се некоја заканувачка појава, туку со физиономијата и движењето најмногу ме потсетуваа на, хм... Евокси? Знаете, оние добродушни, кадрави, речиси мечиња од Star Wars? Е, така некако, што можеби и не е најпожелна асоцијација за серија која инаку се труди да гради некаква морничава атмосфера. Мислам дека и на сценаристите тоа подоцна им светнало, па во втората половина од сезоната брзо вметнаа сцена во која овие се молат на нешто то изгледа како... глава на јагне на ражен? А би можело сето тоа фино да се избегне така што некаде во, да речеме, четвртата или петтата епизода, се разјаснеше кои се и што се тие суштества и да се продолжеше оттаму, но – не, се’ што може да биде мистерија мора да биде мистерија и точка, па макар и ја нарушувало атмосферата на серијата!
А постоењето на некои други суштества на Кеплер е инаку целосна новост за Мајката и Таткото, цели дванаесет години откако на непознатата планета засновале колонија која би требало да биде иднината на човековиот вид – дванаесет години во кои очигледно не се одважиле пристојно да ја скенираат ниту најблиската околина за можни закани за потенцијално последните издатоци на човековиот вид кои, као, се програмирани да ги штитат? Да не споменувам дека, од сите можни агли на планетата, избрале децата да ги населат токму до една – огромна дупка без дно, широка едно, барем десет метри?!? Тоа е една таква целосна немарност што не би ме изненадил пресврт воопшто да не се атеистички андроиди, туку на Кеплер да ги сместило ХДЗ!
А кога на андроидите логиката не им е силна страна, можете да замислите како во серијата се однесуваат луѓето. Митрастите се да речеме исто така уверени дека се помеѓу последните живи претставници на човековиот род – па сеедно продолжуваат меѓусебно да се убиваат поради глупави интерни срања! Меѓутоа, добро, сфаќам: религиозни фанатици, слепо верување во авторитетите и во хиерархијата, бла бла, но кога веќе сте толку десеткувани што сте останати само десетина-дваесет, а навистина сте уверени дека сте меѓу последните преживеани хомо сапиенси – па дали е премногу да се очекува дека некој од ва би можел во некој миг да рече дека, можеби, штознам, би можеле и малку да ја смирите топката? Главниот на митраистите, инаку, го глуми Тревис Фимел, или Рагнар од Vikings, и глуми лутајќи наоколу како пијан – но, остатокот од поставката е главно океј, Аманда Колин и Абубакар Салим се многу добри како Мајката и Таткото, а ниту Винта Мекграт не е за фрлање во главната детска улога (иако целосно ме деконцентрираше тоа колку личи на Киернан Шипка!)
Е, и уште врз сето тоа – финалето на сезоната! Сето она што досега го наведов не е ништо во однос на финалето, кое како да е напишано во целосно кокаинско бунило, без никакви филтри, како сценаристите да нафрлале се’ што им паѓало напамет. Некои тоа финале толку ги револтираше што ја прецртаа серијата... Вистина, и јас повеќе или помалку ја прецртав како сериозна серија, но ќе погледнам барем уште една сезона бидејќи ако и биде ТВ-сообраќајка како што ми се чини – ќе биде барем прописно забавна сообраќајка, за разлика од последните две сезони на Westworld.
Извор: Kulturunkt