Мерките за штедење и подемот на нацистите

20.11.2020 01:54
Мерките за штедење и подемот на нацистите

Политички агитатори на изборите во 1932 година

Многу страници веќе се напишани за тоа што го доведе Хитлер на власт. Иако економските фактори (од Големата рецесија до високите стапки на невработеност) и социо-културните услови (создадени среде опресивните мерки во рамки на Версајскиот договор) имаа неспорно важна улога, брзиот подем на Нацистичката партија сѐ уште е предмет на значајна дебата, која трае сѐ уште, речиси еден век подоцна (Adena et al. 2015, Doerr et al. 2018, Eichengreen 2018, Ferguson and Voth 2008, Satyanath et al. 2017, Voigtländer and Voth 2012, Voth 2020).

Во нашиот најнов труд покажуваме на кој начин мерките за штедење придонеле за изборниот успех на нацистите во раните триесетти (Galofré-Vilà et al. 2020). Подрачјата кои искусиле поголеми намалувања на јавната потрошувачка и зголемување на даноците, имале поголем удел во гласовите на Нацистичката партија на сите германски федерални избори помеѓу 1930 и 1933 година.

Фискалната политика тогаш е имплементирана благодарение на низа итни уредби кои во голема мера го заобиколуваа парламентот и нивните креатори ги донесуваа иако знаеја дека ќе предизвикаат огромни потешкотии за населението. Канцеларот Хајнрих Брунинг се надеваше дека извештаите на меѓународните медиуми за ситуацијата во Германија ќе влијаат меѓународната заедница да ги релаксира своите должнички и репарациски побарувања кон економски исцрпената Германија. Сепак, како што предвиде Хитлер во јуни 1931 година, „оваа итна уредба ќе ѝ помогне на мојата партија да победи и на тој начин да ги уништи илузиите на сегашниот систем“.1

Влијанието на мерките за штедење на изборните исходи

Помеѓу 1930 и 1932 година среде Големата рецесија, Брунинг ја намали јавната потрошувачка, ги зголеми даноците и ја лимитираше мрежата за социјална сигурност. Реалните издатоци беа намалени за 8 проценти, а централните реални издатоци за 14 проценти. Исплатата на парична помош и надоместот за невработеност беа ограничени, вложувањата во јавните услуги беа укинати, а платите во јавниот сектор намалени. Влијанието беше значајно во многу аспекти зашто јавната потрошувачка во 1928 година веќе беше на околу 30 проценти од БДП. Даночните стапки исто така беа зголемени, што во релативни проценти најмногу ги погоди групите со најниски приходи. Сѐ поголем број Германци се соочуваа со економска несигурност и маргинализација во моменти кога сигурноста им беше најпотребна. Наместо експанзивна фискална политика која би се соочила со рецесијата, Германците беа принудени да се потпрат на сѐ повеќе исклучувачкиот и поисцрпен систем за помош.

Дали ваквите мерки за штедење можеа да придонесат за радикализација на гласачкото тело? И ако е така, дали тоа се случи со обесправување на „истиснатата“ средна класа? Ги тестиравме двете хипотези користејќи ги официјалните податоци од Германија од повеќе од 100 градови и илјада помали области во периодот кој се однесува на четири изборни циклуси помеѓу 1930 и 1933 година. Генерално гледано, откривме дека областите кои посилно беа погодени од мерките за штедење имаа релативно поголем удел во гласовите кои оделе кај Нацистичката партија. Моделите кои ги користат градовите и резултатите од изборите како променливи варијабли при непроменети останати услови покажуваат дека секое зголемување на длабочината на мерките за штедење за една стандардна девијација во набљудуваните области доведува до раст на бројот на гласовите кои ги добија нацистите во износ помеѓу 2 и 5 проценти (или еквивалентно помеѓу четвртина и половина стандардна девијација, слика 2). Исто така, утврдивме дека зголемувањето на даноците позитивно корелира со изборниот успех на нацистите. Овие резултати се конзистентни со цел распон на спецификации, вклучувајќи ја стратегијата на инструментални варијабли како и со проектирање на дисконтинуитетот втемелен на разликите помеѓу политиките во окрузите од двете страни на државните граници.

Слика 2: Влијанието на издатоците на градовите врз уделот на гласовите на Нацистичката партија на изборите во 1930, 1932 и 1933 година.*

Исто така, разгледавме алтернативни објаснувања. Најрелеватна од нив секако е тезата дека подемот на нацистите е исклучиво последица на рецесијата - гласање во склад со материјалните интереси. Важно е што сме во можност да ги разликуваме гласовите кои ги добиваше секоја од партиите според податоците со кои располагаме. Како што е прикажано на сликата, голем број гласови на партијата од Центарот (партијата на канцеларот Брунинг) како и последиците од мерките за штедење, отидоа кај Нацистичката партија. Згора на тоа, ниедна од останатите главни партии позиционирани во рамки на политичкиот спектар на Германија (вклучувајќи ја и Германската национална народна партија, уште една идеолошки екстремно десничарска партија) не доби гласови кои можат да се поврзат со мерките за штедење. Невработените граѓани, економски најзагрозената група гласачи, не се насочија кон нацистите туку кон комунистите. Ова е конзистентно со тезата дека оние кои изгубија најмногу со намалувањето на јавната потрошувачка и со зголемувањето на даноците, оние кои се малку над невработените во рамки на економската хиерархија, ги фаворизирале нацистите кога нивната дотогашната омилена партија од Центарот не им ја обезбеди повеќе од потребната економска помош.

Мерките за штедење и влошувањето на стапката на морталитет

Исто така го проучувавме влијанието на намалувањето конкретни издатоци во рамки на пошироко разгледуваните мерки за штедење на изборниот успех на нацистите. Заклучивме дека голем дел од влијанието на мерките за штедење на изборите е поврзан со намалувањето на јавните давачки за здравство и домување, две буџетски линии сериозно погодени со воведувањето на мерките за штедење. Намалувањата кај овие давачки го влошија страдањето на голем број Германци. И покрај тоа, дојдовме до заклучок дека местата кои доживеаја релативно силни мерки за штедење, искусија и релативно големо страдање (мерено според стапката на морталитет). Гласачите во местата со големи стапки на морталитет се воедно и оние кои повеќе тежнееле да гласаат за нацистите. Ова е во склад со мислењата на политичките коментатори од тоа време. На пример, кон крајот на октомври 1930 година, Хјалмар Шахт (поранешен гувернер на Рајхбанката) даде интервју за американскиот печат во кој предупреди дека „ако германскиот народ гладува, ќе има повеќе Хитлери“ (Њујорк Тајмс, 3 октомври, 1930 година).

Заклучоци

Пропаста на Вајмарска Германија и последичниот подем на нацизмот покажува дека премногу строгите мерки за штедење можат да предизвикаат социјални немири и можат да имаат ненамерни политички последици. Дури и кога ќе се земат предвид и алтернативните објаснувања, вклучувајќи го и економскиот пад, јасно е дека мерките за штедење имаа значајна улога. Нашите наоди се конзистентни со хипотезата дека мерките за штедење доведоа до огромно човечко страдање и дека значително ги зголемија општествената нееднаквост и неправдата. Во време кога на граѓаните им е најпотребна помошта од нивната Влада, Владата ги изневери и народот беше намамен со повикот на сирените на радикалните популистички партии.
_______________________________

(1) Дванаесет дена откако Брунинг ја донесе својата четврта и последна итна уредба, Хитлер во оптек го пушти масовниот памфлет со наслов „Големата илузија на последната итна уредба“ со обид да се канализира масовната фрустрација и доаѓањето на власт. Целиот текст: Hitler, Hitler an Brüning – Broschürenreihe der Reichspropaganda-Leitung der NSDAP, Heft 5 (Munich: Franz Eher, 1931).

* Превод на пропратниот текст: „Променлива варијабла е процентуалниот удел (x100) на валидните гласови кои одеа кај главните партии на различни избори. Моделите се независно проценети и прилагодени на категориите невработеност и економски аутпут. Како контролни резултати на изборите за септември 1930 ги користиме изборните резултати од 1929 година, за изборите одржани во јуни и ноември 1932 година се служиме со резултатите од 1931 година, а за изборите во март 1933 година ги користиме резултатите од изборите во 1932 година. Користиме балансиран панел со робустни стандардни грешки кои се групирани на административно окружно ниво (вкупно 44 нивоа). На изборите во 1933 година, Германската национална народна партија (ДНВП) беше дел од Црно-бело-црвениот фронт кој покрај ДНВП го сочинуваа Stalhelm (челичните шлемови) и Landbund (Земјоделската лига). Сите модели вклучуваат ефекти фиксирани на градско ниво и на ниво на шумски поседи, конкретно на изборите во 1930 и двата избори во 1932 година се фиксирани во 1931/1932 година, додека категоријата „сите избори“ ги фиксираше ефектите на ниво на 1932 и 1933 година. Сите варијабли се стандардизирани со нулта медијана и една стандардна девијација“.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://voxeu.org

ОкоБоли главаВицФото