Букви и котелци

20.11.2020 10:02
Букви и котелци

 

Баба ми велеше дека кога ќе починела некоја вредна рачноработна жена и ќе си го оставела плеталото недоплетено, морало некоја друга жена, не од домашните туку од еснафот, подеднакво вредна и рачноработна, да го заврши започнатото и тоа првата година по смртта. Потоа – не ќе чинело, премногу ќе двоело. Морало да се стави некаков нишан, друга боја или ред-два со поинаква плетка, за да се означи смртта и да се продолжи животот на плеталото со други, достојни раце. Помнам црвени џемперчиња со црн ред на грбот или на ракавот; шалови со патент-плетка прекината со саќе-ред или два... Уште оддалеку знаев дека две плетачки ги изработувале: една мртва и друга жива. Од еснафот, плетачкиот, не од домашните луѓе.

Често мислам дали кога ќе почине некоја вредна, рачноработна писателка и ќе си ја остави книгата недопишана, некоја друга писателка, подеднакво вредна и рачноработна, мора да го заврши започнатото, запишуваното. Првата година по смртта, зашто потоа – не ќе чини текстот, премногу ќе двои. Каков нишан треба да се стави за да се означи смртта и да се продолжи животот на текстот со други, достојни раце. МОЖЕБИ ЦЕЛ РЕД ИЛИ ДВА СО ГОЛЕМИ БУКВИ или КУРЗИВ би биле доволни да се забележи додека се чита дека две писателки ја изработувале книгата: една мртва и друга жива. Од еснафот, писателскиот, не од домашните луѓе.

Вез: Michelle Kingdom 

ОкоБоли главаВицФото