Гелевски: Конкурсите што поттикнуваат творештво го одржуваат креативното здравје

20.11.2020 11:54
Гелевски: Книжевните конкурси внесуваат нова енергија и го одржуваат креативното здравје

Издавачката куќа „Темплум“ по петнаесетти пат го распиша конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик и по трет пат го распишува конкурсот за наградата „Лифт“, за македонски стрип.

„Сакаме луѓето да ги охрабриме да пишуваат, да цртаат, да експериментираат, особено младите луѓе, иако имавме и повозрасни што конкурираа, пред неколку години наградата ’Новите!’ ја доби Ѕвездан Георгиевски, на пример, бидејќи немаме ограничување на возраста. Нашите конкурси стимулираат шаренило, хетерогеност, плуралност...

Што се однесува до наградата „Лифт“ за стрип, тој конкурс е отворен за сите жанрови, имаме ограничување само во бројот на страниците - 16. Најдобрите стрипови што ќе пристигнат на конкурсот ги објавуваме во книга. Се надевам дека во иднина ќе расте и квалитетот на стриповите што конкурираат, и со тоа ќе го подигнеме нивото на сцената. Многу ни е важно да ги одржуваме овие конкурси баш и во таа социјална и општествена смисла, не само во културна.

Бидејќи, искрено, со годините менаџирањето на конкурсиве ни е сè поголема обврска, но истрајуваме бидејќи е многу важно да го одржуваме, поттикнуваме, да го негуваме тој општествен пламен, тоа што овде ужасно ни недостига, особено во пандемијава, но и претходно. Конкурсиве се островца, жарчиња кои емитуваат барем минимална енергија за некој што сака да се занимава со нешто квалитетно и здраво и важно за одржување на психичкото, менталното и креативното здравје. Тоа е причината зошто опстојуваме, истата заради која и правиме книги во средина во која речиси никој не чита“, вели за Утрински брифинг, Никола Гелевски, главен уредник на издавачката куќа „Темплум“.

Тој најави и формирање на ново здружение на издавачи кое има цел да влијае во процесите на креирање на политиките во издаваштвото.

Извор: Утрински брифинг