Македонско-бугарски континуум и дисконтинуум

20.11.2020 16:45
Македонско-бугарски континуум и дисконтинуум


Имам малку трпение за крајности содржани во изјави од типот – „македонскиот и бугарскиот јазик (и народ) немаат ништо заедничко“, „македонскиот и бугарскиот се сосем различни“ итн… Божем, македонскиот се разликува од бугарскиот јазик подеднакво како што македонскиот се разликува од јапонскиот или од свахили. Да се разбереме, ниту еден јазик на светот не е сосем различен од кој и да е друг јазик, ниту еден народ на земјата не е сосем различен од кој било друг народ. Впрочем, нема поглупава идеја од таа јазиците, а и сврзаните со нив идентитети, да се гледаат како неменливи самозатворени монади, кои отсекогаш и засекогаш се апсолутно идентични сами на себе и апсолутно различни една од друга. Ако ја оставиме таа фантазија во сферата на соништата, ќе видиме дека во реалноста секогаш има градација на сличноста и различноста, неизоставно доаѓа до помало или поголемо преклопување. Така, македонскиот литературен јазик е најблизок до бугарскиот литературен јазик, а потоа следи српскохрватскиот, па словенечкиот, по него и останатите словенски јазици, следени од балтските јазици и воопшто индоевропските јазици, првин од шатем групата, потоа и од кентум групата, та конечно (барем ако ја прифатиме хипотезата на Сергеј Старостин) и ностратичките јазици, итн… Овде сами од себе ни се наметнуваат зборовите на Јован Златоуст: „Со сите луѓе имаме нешто заедничко, единствено со сатаната немаме ништо заедничко.“

Сега, навраќајќи се на јужнословенското јазично пространство, мораме да се соочиме со тоа дека сите ние тука сме вклучени во еден дијалектен континуум. Што е тоа? За да го разберете овој поим заборавете накусо дека постојат национални држави со меѓусебни граници и јасно именувани кодифицирани национални јазици. Да се вратиме заедно во минатото, да речеме некаде кон крајот на XVIII век. И да почнеме патување, еве од Охрид накај Црното Море, застанувајќи да преноќиме во секое село на патот. Движејќи се, ќе забележиме дека јазичните црти од едно до следното населено место речиси и да не се разликуваат и сите мештани совршено си ги разбираат своите непосредни соседи, но дури кога ќе стигнеме на крајот од патот, споредувајќи ретроспективно со местото од каде што сме тргнале, ќе увидиме дека помеѓу тие две крајни точки веќе се насобрале позабележливи јазични разлики. Ви честитам, тукушто го откривте источниот јужнословенски дијалектен континуум, кој преку торлачките говори што се зборуваат во североисточна Македонија, југоисточна Србија и западниот раб на Бугарија, се прелева во западниот јужнословенски дијалектен континуум, што се протега сѐ до Алпите.

Дојде време тука да го отвориме прашањето што е јазик, а што дијалект. Значи, кога ќе кажеме „јазик“ мислиме на едно од овие две – јазик како општ поим, односно како симболички систем за комуникација присушт на човечкиот род, и јазик како конкретно именуван говор – „корејски“, „македонски“, „англиски“ итн… Притоа, во рамките на второво значење на поимот „јазик“ треба да знаеме дека во реалноста на теренот постојат само дијалекти. Дијалект, пак, би бил говор кој споделува исти граматички, лексички, фонетски црти на дадена ограничена географска територија. Она што постои како именуван јазик – „бугарски“, „португалски“, „синхалски“ итн, во стварноста претставува само дијалект со конкретна географска местоположба во склоп на некој дијалектен континуум, кој во својство на престижен бидува наметнат на говорителите од многу пошироко географско подрачје одошто неговото првично, служејќи како средство за меѓусебна вербална и писмена комуникација. Токму ова е она што ние го подразбираме како кодифициран литературен јазик со посебно име. Притоа, неретко при дефинирањето на еден таков престижен дијалект, освен од основниот, во помала мера свесно се мешаат јазични црти и од други дијалекти, црти кои „на теренот“ никогаш не се среќаваат едновремено, а се случува да се прават и интервенции во лексиката, на пример – елиминирање на „туѓи“ зборови и создавање на нови „свои“. Следствено, секој литературен јазик без исклучок е на некој начин „вештачки“ јазик, бидејќи ние никаде нема да најдеме, еве да речеме, некое имагинарно село, чии жители и пред да минат низ процесот на стандардизирано образование и без да бидат изложени на медиумско влијание би зборувале „природно“ со говор, којшто во однос на граматичките црти, изговорот, акцентирњето и лексиката стопроцентно би се поклопувал со литературниот јазик. Во ваквиот избор на еден престижен дијалект, понекогаш проследен и со неговата модификација, се состои процесот на кодификација на еден стандарден литературен јазик. Тој процес речиси секогаш го извршува авторитетна институција, најчесто државата, но има случаи таа улога да ја преземе верска организација или академска институција итн… Дури среќаваме случаи и на релативно „спонтана“ кодификација, кога јазичните црти застапени во некое авторитетно книжевно остварување подоцна свесно се следат и од други автори на пошироко говорно подрачје, што доведува до de facto создавање на литературен јазик. Ова се има случено со современиот персиски јазик, кога конкретните јазични црти присутни во величествениот еп Шахнаме од Фирдоуси (935-1020) почнуваат да се прифаќаат како нормативни во творештвото на последователните автори од поширокото персиско говорно подрачје. На тој начин во основни рамки бил дефиниран персискиот литературен јазик, кој опстојува до денес.

Како што гледаме, од строго научно стојалиште нема разлика помеѓу јазик и дијалект. Единствената разлика се состои во социолошкиот факт дека зад некој конкретен дијалект застанува државата, која го промовира врз територијата над која има јуриздикција како екслузивно средство за официјална комуникација и литерарна продукција, со што тој се здобива со статус на национален јазик. Народски кажано, во склад со изјавата што ја има популаризирано Макс Вајнрајх (1894-1969): „Јазик е дијалект со армија и флота.“ Што се однесува до нашиот случај, во рамките на општиот источен јужнословенски дијалектен континуум, македонскиот стандарден литературен јазик е кодифициран врз основа на крајните југозападни говори од тој континуум, додека стандардниот бугарски литературен јазик е кодифициран врз основа на крајните североисточни говори. Како што гледаме, обата национални јазика стојат во подеднаков однос кон целината на дијалектниот континуум. Оттука, во никој случај не може да се тврди дека едниот литературен јазик е дијалект на другиот. Тоа би било исто како кога еден брат би тврдел дека другиот брат потекнува од него. Точно е дека обајцата се наоѓаат во подеднаков однос кон сопствените родители, и во таквиот свој однос тие се сосема рамноправни, но би се косело со логиката тврдењето дека едниот брат потекнува од другиот, без разлика кој попрво се родил. Следствено, и македонскиот и бугарскиот јазик се рамноправни без разлика на тоа кој бил порано стандардизиран. Всушност, тврдењата дека овој или оној јазик е дијалект на оној другиот се базираат врз банална категоријална грешка, која во престижниот дијалект нарекуван „литературен“ или „национален јазик“ гледа квалитативно различен феномен од секој останат дијалект. Од строго лингвистичка гледна точка тоа не е така, зашто литературниот јазик именуван со национално име е подеднакво дијалект, како и некој говор што се зборува во некаква рурална долина. Разликите во согледуваниот статус на тие два дијалекта немаат никаква лингвистичка подлога, туку исклучиво – социополитичка. Кога имаме работа со дијалектен континуум, многу тешко е да се открие отсечна граница кога еден конкретен локален говор во однос на јазичните црти повеќе наликува на едниот или другиот литературен јазик создадени од различни дијалекти на истиот континуум.

Случаи како нашиот, кога во рамките на еден дијалектен континуум се формираат два (а и повеќе) литературни јазици врз основа на географски оддалечени дијалекти од тој континуум земени како основа на книжевната норма имаме премногу, и на европскиот, но и на останатите континенти. Холандскиот, како стандарден литературен јазик, припаѓа на општиот континентално-германски дијалектен континуум, а поточно на неговата долногерманска половина. Од друга страна, стандардниот германски јазик е формиран врз друга дијалектна основа од тој континуум, горногерманската. Тоа во пракса значи дека народните говори од рајнскиот предел на германската сојузна држава Северна Рајна – Вестфалија, еве да речеме, од околината на Дуисбург, се поблиски до говорот што се зборува во Амстердам отколку до стандардниот германски јазик, а изворните говори од Долна Саксонија, како и од Бремен или Хамбург, се поблиски на тие преку холандската граница околу Гронинген, додека многу повеќе се разликуваат од стандардниот германски јазик. И пак, говорителите на наведените дијалекти соодветно себеси се перципираат во национална смисла како Холанѓани или Германци во зависност од тоа на која страна на границата се родиле. Во својство на мала дигресија тука, да ве прашам, а како се ословува холандскиот јазик и холандскиот народ во англиското говорно подрачје? – да, во право сте, со името – Dutch. Овој назив доаѓа од самоословувањето на жителите на Холандија како Dietsc или Duitsc, кое го користеле во континуитет сè до XVIII век. И веќе правилно претпоставивте дека ова име е идентично на името, со коешто и денеска се именуваат себеси Германците – Deutsch. Чешкиот и словачкиот претставуваат уште еден пример во Европа на два литературни јазици, кои се формирани на тој начин што како нивни основи се земени различни говори од истиот дијалектен континуум. Надвор од Европа, случаи како со македонскиот и бугарскиот, германскиот и холандскиот, чешкиот и словачкиот, имаме кај тајскиот и лаоскиот јазик во Југоисточна Азија (официјални јазици соодветно на Тајланд и Лаос), или на пример, турскиот и азербејџанскиот јазик, тамилскиот јазик и малајалам (официјалните јазици соодветно на индиските држави Тамил Наду и Керала) итн…

Меѓутоа, во светот на јазиците имаме и друг вид на ситуации, потенцијално поконтроверзни, кога de facto еден јазик, кодифициран врз иста дијалектна основа, бидува официјално именуван со различни имиња во разни држави. Нема да се осврнеме на блискиот нам српскохрватски / хрватскосрпски (со сите регионални варијации: српска, хрватска, босанска, црногорска), чија литературна норма се базира врз штокавскиот дијалект на западно-јужнословенскиот дијалектен континуум (а за ситничарите можеме и да допрецизираме – источно-херцеговскиот новоштокавски говор). Ќе скокнеме сега до Северна Европа. Имено, цела Скандинавија претставува еден единствен дијалектен континуум, но каде имаме диференцирано четири литературни јазици: дански, норвешки, шведски и исландски. Од нив, данскиот, шведскиот и исландскиот имаат книжевни норми, кои се базираат на географски различни дијалекти во рамките на тој континуум, и нивниот меѓусебен однос е еднаков на односот помеѓу македонскиот и бугарскиот литературен јазик. Но случајот на данскиот и норвешкиот јазик е поинаков. Од 1397 год. Норвешка (како и Шведска до 1523 год.) потпаѓа под суверенитет на данската круна, и останува под ефективна данска власт во наредните 434 години. Во услови на елитна доминација на данскиот јазик, како јазик на администрацијата, на литературата и на (лутеранската) Црква, најголем дел од населението на Норвешка постепено преоѓа на разговорен дански јазик (а на тоа допринела и демографската катастрофа во втората половина од XIV век, кога како последица на епидемијата на бубонската чума Норвешка губи приближно 60% од своето население). Но после осамостојувањето на Норвешка, токму тој „увезен“ јазик е кодифициран во својство на литературен јазик (bokmål) на новата независна држава и е именуван со името „норвешки“ (norsk), па така добиваме објективно еден јазик да биде официјално именуван со две различни имиња во разни држави. И… никому ништо. Не сум чул Данска некому нешто да оспорува, да уценува, да се заканува… Изгледа, и покрај гласините за неговата гнилост, ова кралство, сепак, да ти било цивилизирано. Ќе продолжиме на Средниот Исток. Таму имаме слична ситуација кога еден јазик, кој во Иран е ословуван како фарси (т.е. персиски), во соседен Авганистан е именуван како дари, а во Таџикистан како тоџики (т.е. таџички), и во сите три држави има статус на официјален јазик. Изворно, на териториите на денешен Авганистан и Таџикистан се говореле јазици од т.н. источно-иранска јазична група, како бактрискиот или согдискиот, но во ерата на Сасанидската Империја (226-651) и првите векови на Исламот, а особено после формирањето на Абасидскиот Халифат во 750 год. населението во спомнатите краишта полека преминало на говорниот персиски јазик, кој од своја страна, припаѓа на западната група ирански јазици, којшто изворно се зборувал само на висорамнинската третина од југозападот на денешен Иран, област нарекувана Парс (од каде доаѓа и називот „Персија“ и „персиски„). Тој јазик, во рамките на државите Авганистан и Таџикистан подоцна е именуван соодветно – дари и тоџики. И… никому ништо. Иран е премногу цивилизирана држава за да падне на тоа ниво да уценува и да им се заканува на помали земји. Ќе ја посетиме и Јужна Азија, каде истиот јазик, кого хиндусите го именуваат како „хинди“ и го пишуваат со деванагари, а муслиманите го ословуваат како „урду“ и го пишуваат со арабица има официјален статус под тие разни именувања и во Индија и во Пакистан. Да нагласам, литературната норма на хинди, односно, урду се базира на ист дијалект – дехлави, говорот на Делхи. Патем, конкретно во Индија, и обата назива на јазикот – „хинди“ и „урду“ под тие различни имиња имаат уставно загарантиран статус, како два од 22 службени јазици на нацијата. И… никој никому ништо не бара да смени или преименува. Индија и Пакистан, така, докажуваат дека се зрели и цивилизирани држави. А цивилизирани држави се и Малезија и Индонезија, каде што литературната норма на малајскиот јазик (еден од австронезиските јазици, мајчин на Малајците со подрачје на населување во централно-источните области од островот Суматра, како и Малајскиот полуостров) во едната земја е кодифицирана под името бахаса малајсиа, т.е. малезиски јазик (додуша, во Малезија напоредно се користи и називот бахаса мелају – малајски јазик), а во другата под името бахаса индонесиа, односно индонезиски јазик, и служи како официјален јазик на спомнативе две држави.

Осврнувајќи се одново кон феноменот во рамките на еден дијалектен континуум историски да се развијат два или повеќе литературни, односно национални јазици, се поставува прашањето – а дали можело да се случи и поинаку? Колку и да е неблагодарно во историската сфера да се говори од позиција – „што би било кога би било“, сепак, ќе се обидеме да претпоставуваме, да не кажам фантазираме… Еве, доколку при поделбата на суверенитетот помеѓу шпанските и австриските Хабзбурзи во 1556 год., она што подоцна ќе стане Холандија не припаднеше на шпанската круна, и ако за време на Реформацијата населението на спомнатата област не се приклонеше во голема мера на калвинизмот, резултирајќи во војна со „најкатоличкиот“ крал на Шпанија Филип II (1556-1598), која ќе се издолжи 80 години, на крајот од којашто во 1648 год. холандските „Обединети провинции“ стануваат посебна државна творба, па со тоа оваа територија се најде одвоена од правниот и политички поредок на Светото Римско Царство, можеби никогаш немаше да се искристализира самобитна холандска нација и стандардизиран посебен холандски литературен јазик; сосем веројатно Холандија денес не ќе се разликуваше од Баварија, Вестфaлија или Шлезвиг-Холштајн, сочинувајќи компонента на еден поширок германски идентитет и прифаќајќи во својство на литературен јазик друг престижен дијалект од континенталниот германски дијалектен континуум, кој ќе носеше име „германски“. А можело да се случи и обратното. На пример, што ако Отон I (962-973) не бил крунисан како цар на Светото Римско Царство во 962 год., па центрифугалните тенденции во териториите нам сега познати како Германија продолжеле да дејствуваат и понатаму без постоење на некоја политичка и правна суперструктура како Царството што би давала барем привид на единство, можеби таму наместо сегашната единствена германска нација и држава ќе се формирале неколку нации, кои ќе си стандардизирале различни дијалекти од континентално-германскиот дијалектен континуум во својство на посебни литературни јазици, секој со свое национално име. Или Скандинавија. Да речеме, ако се одржала и понатаму општо-нордиската држава на Кнут Велики во XI век, или ако не таа, тогаш како втора шанса да опстанела до денес Калмарската Унија (1397-1523), тогаш сосема е можно наместо четири скандинавски нации, во наше време да постоеше само една нација со еден стандардизаран литературен јазик. А теоретски можела да се одржи и Велика Моравија како самостојна држава без да потклекне и да биде разбиена при миграциите и освојувањата на Унгарците во Централна Европа за време на X век, и прашање е тогаш дали би постоеле денес две одвоени чешка и словачка нација, секоја со свој национален литературен јазик, наместо една нација со еден национален јазик, кој можеби би бил именуван „моравски“… Но штом нешто веќе историски се случило, не може да го отслучиме.

Враќајќи се во сегашноста, треба да запомниме дека суверената држава е таа која неприкосновено си го именува сопствениот официјален јазик, та досега ова никој никаде го нема поставувано како меѓународен проблем, и тоа во ситуации, како што видовме, објективно многу попроблематични од нашава македонско-бугарска. А што се однесува до „правото“ една држава да принудува друга да менува именувања на било кое поле, за да ја илустрираме неговата апсурдност, ќе ве соочам со најочигледниот кандидат во Европа за примена на ова „право“. Кога ненадејно би решила да тргне по „логиката“ на сегашната грчка и бугарска етнополитика, Германија би имала многу повеќе „право“ да го оспори и државното и националното и јазичното име на својот „западен сосед“ со главен град Париз. Имено, сите овие три именувања во крајна линија потекнуваат од називот „Франк“, кој изворно означувал една од германските народности, којашто во V век се втурнува во освојување на преостанатите римски владенија во Западна Европа, формирајќи го и првото признаено од Црквата „варварско“ кралство со покрстувањето, а подоцна и крунисувањето на Хлодвиг I (466-511), чие име, патем, е овековечено како во германското име „Лудвиг“, така и во француското „Луј“. Значи, да видиме. Името „Франк“ е со несомнено германска етимологија, означувајќи германска етничка група, чии потомци и ден денес живеат во Германија и Холандија. Токму тие луѓе и сега говорат на сплет на германски говори, коишто се нарекуваат „франкски“ (Fränkisch), а чија територија на употреба се протега дијагонално од Северното море, па сѐ до сегашната германско-чешка граница (патем, врз основа на долно-франкскиот дијалект е кодифициран стандардниот холандски јазик). Згора, во рамките на Германија постои и географска област што се нарекува Franken, буквално – „Франкија“, „Франција“ (тоа е северната половина на денешната сојузна држава Баварија, со центар во Нирнберг), а да не зборуваме за присуство на топоними во Германија каде фигурира ова име, на пример – „Франкфурт“, „Франкска Јура (Frankenjura)“ итн. Просто, човек да се зачуди како при толку меѓусебни војни и судири низ последниве три-четири века, во Германија никому не му текнало да ја примени „грчко-бугарската“ стратегија, па да го оспори и националното име „Французи“ на својот непријател (како тоа романизирани Келти да се китат со германско име), следствено и државното име „Франција“, а и јазичното име „француски“ (нели, зар може со германски назив да се ословува јазик што потекнува од латинскиот), па на тој начин да го деморализира противникот, принудувајќи го галскиот петел и без борба да потпише морална капитулација. Ах, тие некреативни Тевтонци…

Кога на едно место ќе се доведе во прашање сувереното право на говорителите на еден јазик да го именуваат како што сакаат, тогаш, извинете, секаде сѐ е доведено во прашање. Еве, во однос на името на бугарскиот јазик. Што ако Турција или некоја заедница од туркски (за читателите: разликата помеѓу придавките „туркски“ и „турски“ е истоветна на разликата помеѓу „словенски“ и „словенечки“) земји, како што се Узбекистан, Казахстан, Азербејџан итн, официјално побараат спомнатиот јазик да не се ословува како „бугарски“? А зошто би го оспорувале тоа именување? Името Булгар е од туркско потекло, коешто првобитно означувало конкретна туркска народност, која говорела на еден од туркските јазици од огурската група, чијшто современ изданок како потомок на тој изворен бугарски јазик е чувашкиот јазик што денес се зборува на Волга, во Република Чувашија, која е во склоп на Руската Федерација (патем, добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 1994 год. Генадиj Ајги беше Чуваш). Дали ова некому му дава за право да побара, да се закани, да ја уцени Р. Бугарија да си го смени називот на својот државен јазик, зашто, нели, „апсурдно“ е, „нелогично“, еден словенски јазик да носи туркско име, и со самото тоа да предизвикува забуни? Или барем во најмала рака да биде модифицирано именувањето на јазикот, да речеме во „словенобугарски“ (навраќајќи се на Паисиј Хилендарски), или да се послужат со фусноти, цртички, запирки и останатите оружја на интерпункцијата, кои нам толку великодушно ни се предлагаат како инструменти за безболно самоубиство?

А зошто да се запре кај јазикот? Претставете си Турција или (и) група на туркски држави да побараат, а ако треба да применат и методи на присила и уцена против Р. Бугарија со цел таа официјално да признае црно на бело во својот устав, посипувајќи се со пепел, дека нејзината државност има туркски корени, само врз основа на фактот дека првата држава на Балканот што се именува како „Бугарија“ е основана од предмалку спомнатата туркска етничка група која говорела на туркски јазик. Иако фактот е неоспорен, тоа не би било многу фино, нели…?

А моменталната политичка класа на Р. Бугарија во однос на Македонија без грам совест го прави токму тоа што „воопшто не е фино“, и со нас нивните „браќа“ постапува нималку братски. Браќата, дури и да си убеден дека грешат, не се уценуваат. Дури и да веруваш дека браќата се во заблуда, сепак не им се закануваш со насилство. Го застапувам мислењето дека во минатото кога не сме живееле во посебни држави предците на современите Македонци и Бугари опстојувале во ситуации на многу поголема културна испреплетеност, па дури и идентитетско преклопување, што донекаде кај нас беше (и е уште) табуизирано. Ако ова мнение ме прави „бугарофил“, нека ви биде… Меѓутоа со постојново опортунистичко, цинично и предаторско однесување кон нас, бугарската политичка класа би предизвикала одбивност и гадење и кај најблагонаклонетиот бугарофил во Македонија. Зарем поведениево не оддава одредени признаци на она што Ниче го нарекува Sklavenmoral, кои се огледаат во понизната покорност кон тие што во моментот се перцепирани како посилни (читај: Брисел и Вашингтон) и компензирачко изживување до суровост во однос на оние, кои се согледувани како послаби (за жал, ние ја имаме таа чест). А зошто да застанеме кај Брисел и Вашингтон? Забележувате нешто чудно? Сегашната политичка гарнитура на Р. Бугарија во мачо манир се заканува и врши притисок врз Македонија, а донекаде и врз Албанија, тврдејќи дека јазикот што се говори во Македонија треба сосила да се именува бугарски, а истото мора да го стори и македонското малцинство во Р. Албанија. Но некој недостасува, нели? Да, токму така. Каде е Грција? Зарем во северна Грција не живеат луѓе (колку и да се на број, нека се и малку), кои зборуваат горе-долу на истиот јазик како нас? Еве, конкретно во леринско зарем не се зборува на речиси ист дијалект како во битолско, и сега битолчани сите да ми ти биле без исклучок Бугари, а леринци… не смееме да писнеме. Дали со ваквиот начин на однесување, закани и уцени, кои се упатуваат кон Македонија и Албанија, бугарската политичка гарнитура би се осмелила да настапи и пред Грција? Молк. Повторно Sklavenmoral на дело – пред тие што ги сметаме за послаби се изживуваме и „лечиме“ комплекси, но пред оние што ги согледуваме како посилни си ја подвиткуваме националната опашка. Ајде да видиме, ако тоа што го прават се темели на искрен национализам и ревност за националната кауза, тогаш барањата во однос на Македонија и Албанија би требало во истоветна форма да се адресираат и кон Грција. Фактот дека тоа не се прави фрла сомневање дали оваа политичка гарнитура од Р. Бугарија воопшто верува во она, коешто јавно го изјавува во врска со „националните прашања“. Оттука, не е лошо секогаш кога ќе се укаже можност во јавната сфера, на националните пулени од сегашнава бугарска власт да им се поставуваат следниве две прашања и да се инсистира на јавен (!) и јасен одговор (со „да“ или „не“): „Дали во Грција постои бугарско малцинство? Дали во северна Грција се говори бугарски јазик?“ На крајот на краиштата, не мора ни да дочекаме одговор. Гледаме со свои очи дека тие не бараат ништо од Грција, и со самото тоа ни сведочат дека веќе си ја напуштиле својата декларирана кауза, или таа никогаш и не била реална, бидејќи, нели, ако нема Бугари во грчкиот дел на Мала Преспа, како може да има во албанскиот, ако нема Бугари во грчкиот дел од Пелагонија, тогаш како може да има во нашиот итн… Зарем со ова самите не си ги предале и не ли се имаат веќе откажано од „македонските Бугари“?

На крај, се прашувам дали тука оспорувано е просто именувањето на јазикот, зашто една држава a priori нема можност да признава или не признава именување на официјален јазик на друга држава. Држава признава или одбива да признае друга држава и точка. Сѐ ми наликува дека она што (индиректно) се оспорува е самата државност (да ми простите на плеоназмот) на државата. Составен дел од суверенитетот на која и да е држава е фактот што таа си го именува официјалниот јазик како сака, па со негирањето на тој факт, реално ѝ се негираат атрибуитите на државноста, како резултат на што „на мала врата“ таа се претвора во de facto освоена географска територија каде владее волјата на друга држава.

И барем таа друга држава денес да имаше лице и образ пред нас. Какво лице Бугарија треба да ни покаже доколку сака да нѐ убеди дека работите што меѓусебно нѐ поврзуваат се повеќе од оние што нѐ разделуваат? Посакував лицето на Бугарија во Македонија да беше Иван Вазов, или ако не тој, тогаш Петко и Пенчо Славејков, татко и син, да ги пратеа во лет до нас своите стихови, а зошто и Димчо Дебељанов и Пејо Јаворов да не им ги придружеа на тоа јато и сопствените крилати певови, но никако не смееме да ја пренебрегнеме и Елисавета Багрјана, првата дама на поезијата. Камо да беше лицето на Бугарија пред нас Алеко Константинов, па заедно да се изнасмеевме на она заедничкото во нашиот менталитет, а кога сме кај смеењето, и Чудомир е поканет да даде удел, та ако може тој, тогаш зошто не и Радој Ралин. Ќе направиме место за многу лица, сепак, и лицето на Јордан Радичков е лицето на Бугарија, а го сакаме и лицето на Георги Господинов, но во моменти кога ни се фантазира, но строго на научна основа, ќе ни биде добредојден и Љубен Дилов. Конечно, ќе ја викнеме да биде лицето на Бугарија пред нас и Марија Тодорова, па заедно да си го замислуваме нашиот Балкан…

Но не, ние сме лишени од сите овие светли лица, зашто во мигов единственото лице што Бугарија ни дава да го видиме е ликот на еден компромитиран политикант со досие на агент на ДС, како и оној на една друга персона искачена на малку повисока позиција (тука ќе мора да ми простите за политичката некоректност) со класична физиономија на мутра.

(Авторот е лингвист и синолог)


Слики: Coco Fronsac
Извор за текстот: Плус инфо

 

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Култура / Теорија / Историја
Gif / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото