Притисокот да се биде совршен е смртоносен

21.11.2020 13:09
Притисокот да се биде своршен е смртоносен

Се чинеше дека Јуко Такеучи од Токио има прекрасен живот. Три пати е прогласена за најдобра актерка во Јапонија, а оваа година го роди и своето второ дете. Грациозната убавица минатата година имаше и голем филмски хит.

Јуко Такеучи (40) почина во септември, годинава. Најверојатно извршила самоубиство. Во јапонското општество кое ги вреднува издржливоста и саможртвувањето, многу луѓе чувствуваат притисок да ги скријат своите лични борби. Тој товар е уште потежок за познатите личности чијшто професионален успех зависи од проектирањето на безгрешен идеал.

Актерката Такеучи е само една од редицата јапонски филмски и телевизиски ѕвезди, кои оваа година си го одзедоа животот. Веста за нејзината смрт дошла само две недели по самоубиството на една друга актерка Сеи Ашина (36) и два месеци откако Харума Мијура (30) популарен телевизиски актер, беше пронајден мртов во својот дом. Покрај неговото тело била пронајдена проштална порака.

Претходно, Хана Кимура, професионална кечерка и ѕвезда на риалити шоуто „Terrace House“ не успеа да го издржи притисокот на социјалните мрежи.

Нивната смрт претставува ехо на огромниот пораст на бројот на самоубиствата во Јапонија во текот на пандемијата на коронавирусот, иако пред да избие пандемијата, по многу апели и различни мерки, во изминатата деценија Јапонија успеа да ја намали стапката на самоубиства која беше една од највисоките во светот.

Јапонските власти кажуваат дека само во август, оваа година, во однос на истиот месец во 2019 година, бројот на самоубиства се зголемил за 16 отсто. Уште пострашно е што тој број е во огромен пораст кај тинејџерките и жените на возраст помеѓу 20 и 30 години.

„Како општество чувствуваме дека не смееме да ги покажеме своите слабости, дека сè мора да држиме во себе“, вели Јасујуки Шимизу, директор на Центарот за промоција на мерките против суицид. „Не само што луѓето мислат дека не треба да одат на терапија , туку многумина сметаат дека не треба да покажат никаква слабост пред луѓето што им се најблиски“.

Причините за секое самоубиство се комплексни, но многу проблеми што ги мачат Јапонците се универзални: и тие како и бројни други луѓе во светот ги чувствуваат тие беспризорни барања од социјалните мрежи каде луѓето чувствуваат дека мора да испишат наратив за вечна среќа и успех.

Според Шимизу, тоа може да биде една од причините за депресија: доколку вашата реалност отстапува или не личи на она што некој го замислил. Дури и без социјалните мрежи, Јапонците често во јавноста проектираат позитивна фасада, а емоциите ги чуваат во најприватната сфера.

Во време на пандемијата оваа општествена тенденција, всушност ѝ помогна на земјата да го избегне големиот скок на бројката на заразени и на смртни случаи, бидејќи јавноста ги следела сугестиите на здравствените работници. Затоа и немаше потреба да се воведува строг карантин.

„Во овој случај тој квалитет кој не е претерано добар, беше наша предност“, вели Тошихико Мацумото, директор на одделението за одвикнување од дроги во Националниот центар за неврологија и психијатрија при Институтот за ментално здравје. „Па сепак, ова исто така значи дека луѓето не сакаат да побараат помош и да се рзликуваат или да се истакнуваат од другите во своето опкружување“.

Особено жените се изложени на стресни ситуации и тоа кога семејствата се заедно. Иако некои мажи помагаат околу куќата и грижата за децата, поголем број ги оставаат жените сами да се занимаваат со тоа. „Сето ова може да биде особено тешко за домаќинките, сега кога нивните сопрузи работат од дома“, вели др.Мацумото.

А кога зборуваме за познатите личности, тој секојдневен притисок од општеството се усложнува со очекувањата на милионите обожаватели.

„Доколку сте личност која цело време е во центарот на вниманието, а медиумите дознаат дека сте побарале психолошка помош, ќе имате проблеми во кариерата“, вели Тамаки Цуда, продуцент во телевизија. „Ако еднаш ви закачат ментална болест, постојано ќе се зборува за тоа. А ако се случи тоа ќе имате сè помалку понуди за работа“.
Кацунобо Като, советник во кабинетот на премиерот Јошихиде Суга, загрижен е што толку се пишува за самоубиствата на познати личности и стравува дека тоа би можело да ги наведе и другите луѓе да посегнат по својот живот.

„Тие велат дека треба да создадеме општество во кое никој нема да се чувствува осамено. Но како што е тоа случај со сите јапонски влади, не нудат никаков конкретен план“, вели Мичико Уеда, професорка по политички науки на Универзитетот Васеда во Токио.

Фотографии: Keiichi Ichikawa

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото