Интернет и литература

21.11.2020 13:28
Интернет и литература

(ВРЗ ПРИМЕРОТ НА ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ОН-ЛАЈН КНИЖЕВЕН КОНКУРС ЕЛЕКТРОЛИТ)*

Вовед

На истекот од минатиот век, кога светот живееше во исчекување на разврската од ефектот на т.н. милениумска бубачка (millennium bug), обичниот човек го доживуваше виртуелниот простор со сета негова содржина како паралелна стварност на реалниот живот. Денес, нешто повеќе од петнаесеттина години подоцна, на интернетот веќе се гледа како на продолжение на стварноста, а во поглед на литературата, како негова водечка содржина, на него се гледа и како на зона во која се пресекуваат два режима на продукција, рецепција и дистрибуција на книжевниот текст. Од една страна е присутен традиционалниот, линеарен и статичен модел на литература што опстојува во стабилните граници помеѓу две корици, кој сè помасовно се дигитализира и го исполнува виртуелниот простор, и заедно со него, го следиме развојот на електронската (e-literature) или сајбер литература (cyber literature), како литература која суверено функционира според правилата на виртуелниот простор во којшто се раѓа и развива.

Дигитална литература: Интернет литература и Литература на интернет

Во размислувањата за феноменологијата на дигиталната или електронска литература денес преовладуваат ставовите кои ја посочуваат поетиката на мултимедијалноста како нејзина клучна точка којашто ги активира сите човекови сетила и непосредно го вклучува читателот во процесот на настанување на книжевното дело (Капушевска-Дракулевска, 2014: 7-28). При обидот да се класифицира оваа литература можат да се издвојат два основни видови: интернет литература и литература на интернет. Под поимот интернет литература треба да се подведат сите текстови со нелинеарна структура наречени хипертекстови (hyper text), односно хиперфикции (hyper fiction). Софтверското дефинирање на хиперфикцијата може да биде втемелено на разновидни програмски системи какви што се на пр. приказна за просторот (Story Space), хиперводич (Hyper Guide), хиперкарта (Hyper Card) и др. кои овозможуваат разновидни наративни стратегии какви што се на пример географски втемеленото раскажување, пародирањето на класиците, просторните поеми, интерактивните комедии, метаморфичните соништа, неразрешени крими мистерии итн.

Оваа радикално поинаква технологија според предзнакот на интерактивноста и полифоничноста со кои се карактеризира го фаворизира плурализмот на дискусиите пред конечното фиксирање на текстот и поврзувањето на неговите составни делови. Авторот на првото литературно остварување во хипертекст, Мичел Џојс вели дека станува збор за мултимодално и мултисензуално пишување. Временската линија на традиционалното пишување овде исчезнува во простор сличен на природниот или во безизлезен лавиринт каде нема хиерархија и конвенционални делења на текстот според параграфи или поглавја. Делото не може да се печати. Читателот не само што го чита, туку и го структурира текстот, а сето тоа заедно доведува до суштинска промена на статусот на учесниците во литературниот процес која може да се следи на неколку нивоа: писателот станува анонимен, читателот станува соучесник, коавтор или коистражувач, додека прашањата што се исправаат пред книжевната критика се однесуваат на предизвикот како да се анализира и како да се пишува за дело, кое ја остава можноста за секојпат ново, ексклузивно и оригинално читање.

За разлика од интернет литература, терминот литература во интернет се однесува на линеарно структурирани текстови напишани во дигитален формат, популарно наречени електонски книги или е-книги, кои по потреба можат да постојат и во печатена варијанта, а ги користат дистрибутивните можности на интернетот. Тука, исто така спаѓаат и т.н. проширени книги (Expended Books), односно „псевдодигиталната литература“ т.е. класичните печатени книги/текстови кои се прилагодени за електронскиот медиум.

Литературата во дигиталната ера во македонската културна средина

Прегледот на книжевната содржина во македонскиот спектар на интернетот покажува отсуство на книжевни дела што можат да се подведат според жанровската разновидност на хиперфикцијата. Од друга страна покренувањето на електронските списанија за уметност, култура и литература (Блесок, Разноликост, Окно, Репер, Куцкамен итн), како и оформувањето на виртуелните библиотеки со електронски книги (Македоника, Блесок, македонскиот огранок на Проектот Растко, електронската книготека на Букбокс во составот на порталот Оффнет, делот со електронски книги на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ итн.) заедно со феноменот литература во блогосферата и на социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер, Тамблир и др.), освен што нѐ потсетуват на компаративното проучување на книжевноста која според дигиталните врски помеѓу текстовите се покажува како мошне „сродна и созвучна со можностите на електронските медиуми“ (Капушевска Дракулевска, 2014: 12), тие со својата понуда на литературни содржини од современи автори во фокусот на вниманието го поставуваат прашањето дали она што се појавува како првообјава во македонскиот спектар на интернетот, може да се препознае како литературно дело, а потоа да се третира и како трајна вредност.

Историјата на литературата укажува на фактот дека статусот „литературно дело“ претставува резултат на повеќестепена хиерархија во рамките на книжевниот процес. Во основата на овој процес е поставена дејноста на издавачот, односно, изборот на уредникот и неговите евентуални „вмешувања“. Кон нив се надоврзува критичката оцена на проучувачите на литературата и читателскиот интерес како своевидни признанија според кои текстот се стекнува со статус на дело, а потем, евентуално и со статус на „литературно наследство“. Отсуството на некој од овие критериуми од една страна прави литературата на интернет да не се восприема како „литературно дело“ во класичната смисла на зборот. Од друга страна, пак, токму променетите услови на регулација на текстот прави интернетот се восприема како медиум, којшто ја гарантира слободата на авторот и на неговото дело. 

Он-лајн книжевните конкурси претставуваат концепти кои не само што го поттикнуваат литературното творештво, туку и „места“ каде распрснатата, и недоволно популаризирана литература добива институционализиран/централизиран карактер благодарение на критериумите за учество и подложувањето на книжевната понуда кон механизмите на регулација што се обликувани според целите, вкусот, како и според авторитетот на организаторот. Оттука како пример со кој може да се илустрира односот помеѓу интернетот и литературата кај нас може да послужи првиот македонски он-лајн книжевен конкурс Електролит. Идејата за овој книжевен конкурс во нашата средина се наметна уште во текот на 2006 и 2007 год. промовирајќи го интернетот како „нов, евтин и релативно силен медиум за презентација и афирмација на литературата пишувана на македонски јазик, главно од помлади и недоволно познати автори“ (Електролит, 2006 :6).

Основачите на конкурсот, книгоиздателството Темплум, во својот повик до потенцијалните писатели го објаснија неговиот некомерцијален и демократски карактер како можност да се избегне процесот на барање издавач и средства. Како цел беше поставена намерата „Електролит да прерасне во некој вид на заеднички блог/голема архива на текстови која ќе функционира како некој контра/паралелен/виртуелен и динамичен литературен простор во кој ќе бидат лансирани млади и непознати, но потенцијално моќни писателски катапулти. Тие катапулти, меѓу другото, „како што стои во објавата“ можеби ќе се обидат да го парчосаат големиот челичен писателски Титаник, замрзнат и заспан некаде на некоја наша Антарктадемија“(Електролит, 2006:7).

Статистиката вели дека во текот на 8-те конкурси во 2006 год. биле испратени 508 раскази, додека следната 2007 година бројот на пристигнати раскази изнесувал 368. Од нив во 2006 год. биле наградени 31 расказ од 24 автори, додека следната 2007 год. бројот на вкупно наградени раскази изнесувал 16 од 13 автори.

Она што привлекува внимание во однос на учесниците на конкурсот е тоа дека помеѓу застапените автори, денес препознаваме веќе објавувани и наградувани имиња од помладата генерација македонски прозаисти: Ненад Јолдески, Петар Андоновски, Живко Грозданоски, Иван Шопов, Марта Маркоска, Алекс Букарски, Ирена Цветковиќ и др. Дел од нив подоцна ги објавуваат расказите со кои учествувале на конкурсот во своите збирки како печатени изданија со што го привлекуваат вниманието и на академската книжевна средина. Во таа смисла како парадигматичен се издвојува примерот со публикувањето на расказите на Ирена Цветковиќ, која во 2008 год. во издание на Ѓурѓа ја објави својата збирка со раскази насловена како Оргазмични писма. Јадрото на оваа збирка го сочинуваат токму расказите со кои се Цветковиќ јавува на конкурсот Електролит во текот на 2006 год. (Скопска приказна, Облици на осамата) и во текот на 2007 год. (Шах, Дупката, Огледало, Утро). Изданието како печатена објава го привлече вниманието на проследувачите и проучувачите на книжевноста, културата, теоријата на родот и женското писмо кај нас, како објава на понови и поинакви дела на македонски прозаистки, но и како дебитантски раскази – точки во кои се стопуваат еротичноста, телесноста, игривиот дискурс и субверзивноста со кои “се свртува нова завртка во македонската литература“

Кон овој аспект на значењето на прозите обединети под насловот Оргазмични писма се осврнува и Гоце Смилевски. Во поговорот кон збирката на раскази, Смилевски, со историографска акрибичност и особено чувство за фактографија ќе се повика на книжевното минато на Цветковиќ во блогосферата и на успехот што го таа го постигнува со учеството на конкурсот Електролит. Тој ќе го посочи и специфичниот миг на пренесување на расказите од блогот во книга за да го означи чинот на воведување на темата за лезбејската љубов во македонската книжевност, како што вели, претходно присутна во само трагови: „Минатата година, во виртуелниот простор на македонската блогосфера, започна проектот Алена, по победата на конкурсот на Електролит со расказот ‘Шах‘. И пред и по таа победа, Алена (или, со нејзиното вистинско име Ирена Цветковиќ) уште неколку пати ќе се јавува на конкурсите организирани од страна на издавачката куќа Темплум, и притоа ќе понесе високи оцени од жири-комисијата, која за нејзините раскази ќе се изјасни како за субверзивни, снажно натопени во женскиот светоглед (супериорен и хиперартикулиран), потенцирајќи ги во нив јасната приказна, добро изградените ликови, впечатливите драмски ситуации... За наградениот расказ ‘Шах‘, пак, беше речено од страна на основачот на конкурсот, Никола Гелевски, дека фасцинира со ‘неговата слоевитост: хомосексуалната љубов може да се чита и како жал по детството, незадоволство од грубото (добро ни е познато!) опкружување, критика на здодевната и исто така грубијанска хетеросексуалност, копнеж по некој друг свет…’ Сега, пренесувајќи ги своите раскази од блогот (кој е еден од најпосетуваните и најкоментираните на www.blog.com.mk) во оваа книга Ирена Цветковиќ-Алена ја воведува во македонската книжевност темата која кај нас досега беше присутна само во траги – темата на лезбејската љубов.“ (Смилевски 2008: 96).

Поместувањето на расказите на Ирена Цветковиќ од виртуелниот простор како интернет литература (блогот www.femgerila.com.mk, електронскиот книжевен конкурс Електролит) во стабилните граници на печатената збирка Оргазмични писма, освен што посочи одредена тема како повеќе или помалку присутна во македонската литература, е истовремено показателно и за низа состојби и прашања поврзани со литературниот живот кај нас, кои се однесуваат на тоа дека:

-не се од она што се појавува како литература во македонскиот спектар на интернетот се одликува со недостиг на книжевен критериум и вредности;

-дека литературата на интернет, иако е масовна и се третира како производ на популарната култура, таа не секогаш страда од „синдромот на графоманија“, сфатен во смисла на објавување по секоја цена;

-дека она што масовно се појавува/објавува на интернет не е важно единствено за младите автори, туку дека може да има значење за пошироката заедница, и, можеби, најважното,

-дека проследувањето и проучувањето на една национална литература треба едновремено, да ги има во фокус и канонот и современиот миг во литературниот живот, т.е. дека освен проучувањето на книжевното минато и историја, потребно е да се има увид во она што како творештво се случува и во дигиталната епоха.

Во тој поглед, освен проучувањето на литературата во интернет, за македонската литература е показателно и отсуството на дела што се целосно создадени според правилата на информатичките и компјутерски технологии, кои експериментирaјќи со утописките концепции на авангардата и постмодерната, настојуваат на уметничка обнова преку креативна активност и слобода.

Литература:

Баковска. Елизабета. “Subkultura ‘drugih’ spisateljica u savremenoj makedonskoj prozi”. Otvoreni kulturni forum http://okf-cetinje.org/elizabeta-bakovska-subkultura-drugih-spisateljica... (пристапено на 15.5.2016 г.).
Електролит. 2006: избор од најдобрите раскази од конкурсот Електролит“ за 2006 година. Темплум. Скопје.
Електролит. 2007: избор од најдобрите раскази од конкурсот Електролит“ за 2007 година. Темплум. Скопје.
Капушевска-Дракулевска, Лидија. 2014. „Компаративната книжевност и дигиталната култура“. Контекст. бр. 12, 7-28.
Мијаковска, Марина „Субверзивната сексуалност против стереотипите“. Репер http://www.reper.net.mk/star.reper.net.mk/statija.php?ID=59 (пристапено на 19.5.2016 г.).
Мијаковска, Марина. „Сексуалноста помеѓу стереотипите и субверзивноста“. Мираж. http://www.mirage.com.mk/index.php/mk/component/content/article/334-mira... (пристапено на 19.5.2016 г.).
Цветковиќ, Ирена. 2008. Оргазмични писма. Ѓурѓа. Скопје.

Joyce. Michael. 1991. Notes Toward an Unwritten Non-Linear Electronic Text. "The Ends of Print Culture" (a work in progress). https://www.uv.es/~fores/programa/joyce.html (пристапено на 10.12.2016 год.).

*Трудот беше презентиран на Меѓународната научна конференција Критика и молк: читање на македонската литература и култура - по повод 35-годишниот јубилеј на Институтот за македонска литература, МАНУ, Скопје, 7 и 8 ноември 2016 година.

Слични содржини

Книжевност / Став
Книжевност / Став
Книжевност / Став
Книжевност / Став

ОкоБоли главаВицФото