Микропластиката и климатската криза

23.11.2020 11:50
Микропластиката и климатската криза

Кат Аустен е уметница која се занимава со прашањето за заштита на околината. Комбинира разни дисциплини и медиуми, создавајќи скулпторски и новомедиумски инсталации, перформанси и партиципациски дела. Нејзината практика се заснова на опсежни истражувања и теорија, а е поттикната од мотивацијата да истражи како да се тргне кон поправедна иднина во однос на општеството и животната средина.

Во својата уметничка пракса се фокусирате на прашањата за заштита на околината. Како заживеа вашиот мултимедијален проект „Туѓинец за дрвјата“?

Туѓинец за дрвјата се темели на моето истражување кое трае во моментов за микропластиката и климатската криза. Туѓинец за дрвјата е труд кој ги истражува дофатите на антропогеното влијание, анализирајќи го соживотот на микропластиката и шумите како складишта за јаглерод. Со микропластиката како тема почнав да се занимавам во 2015 година, развивајќи Направи сам хемиски методи за изолација и идентификација на микропластиката, во соработка со Џина Шутиќ од независниот истражувачки институт Universal Research Institute. Оттаму се разви проектот за соработничко истражување и работилницата Суши Рулет, во чии рамки заедно со учесниците ја проучуваме присутноста на микропластиката во рибите. Исто така во соработка со Џоан Меклин ја започнав работилницата (Un)Real Ecologies, на која со учесниците го анализираме заемното постоење на микропластиката и микробите во водените средини.

Со климатската криза се занимавам уште подолго, а главна мотивација ми е да се обидам да го сфатам недостатокот на нашето дејствување, односно, зошто не преземаме ништо во врска со тоа. Моите претходни трудови се занимаваа со средиштето на климатската криза и кликтивизмот, односно, заменувањето на дејствувањето и емоционалните и емпатичните односи, нехуманите ставови и супериорниот начин на размислување под влијанието на антропогените промени кај животната средина.

Бидејќи поновите истражувања покажуваат дека присуството на пластиката дури и на крајните области на човечкиот дофат, од врвот Монт Еверест до дното на Маријанскиот ров, сакав да развијам проект за тоа дека пластиката, како долготраен материјал кој се темели на јаглеродот, би можела да се соедини со останатите складишта на јаглерод во околината. Загадувањето со пластика претставува проблем, но таа се добива од нафтата, со човечко преработување на органски состојки кои се разградувале илјадници години, па затоа ми се чинеше дека е соодветно да се истражи можноста за асимилација на пластиката во нејзините најдалечни предци - стеблата.

Микропластиката е исклучително штетна за екосистемот, но вашиот проект нѐ учи дека во време на климатска криза, стеблата и микропластиката можат да живеат во соживот во шумите. Може ли да ни го појасните тоа?

Би рекла дека квалитетот на тој соживот сѐ уште е неизвесен, но пластиката и дрвјата секако веќе живеат заедно еден покрај друг, зашто микропластиката е присутна насекаде. Туѓинец за дрвјата е континуирано истражување за реалната состојба на тој соживот меѓу микропластиката и дрвјата, но сѐ уште не е познато дали тие се надополнуваат или се во конфликт. Засега знаеме дека кај некои други видови растенија, присутноста на микропластиката понекогаш може да го поттикне растот заради нејзините физички учиноци на тлото. Но исто така се познати и штетните влијанија од присутноста на микропластиката во организмите и растенијата. Во соработка со стручњаци спроведувам експерименти за да откријам дали во случајот на стеблата на брезите е можно да се забележи влијанието на микропластиката врз нивниот раст и дали во самото ткиво на стеблата е видлива апсорпцијата на микропластиката.

Ова истражување го поврзувам и со прашањето на идентитетот, бидејќи инкорпорирањето на еден ентитет - кој во случајот на микропластиката го сметаме за туѓ и неприроден - во друг може да влијае на двата идентитети. Еден од сегментите на моето истражување за климатската криза го проучува влијанието на општествените структури и колективноста на нашата способност и подготвеност за прифаќање на реалноста на кризата и прилагодувањето на нашите животи во склад со неа. Во тоа клучен фактор се меѓучовечките односи, а тие зависат и од нашето сопствено, динамично поимање на идентитетите. Се надевам дека со анализирање на поимот динамичен идентитет, истражувајќи го физичкото продирање на микропластиката во сложените шумски системи и поединечни стебла, можеби ќе дојде до нови сознанија за интеракцијата меѓу луѓето, како и за односот на човекот кон не-човечките облици на живот.

Зошто токму брезата е во средиштето на вашето истражување?

Брезата е пионерски вид, што значи дека ги колинизира оштетените подрачја на тлото, овозможувајќи садење на други видови дрвја. Често расте на периферни подрачја. Заради виткото стебло, треперливите лисја и белата кора, брезите ги доживуваме како кревки, но тие впрочем се мошне отпорни стебла кои ја предводат обновата. Во многу култури брезата традиционално се смета за заштитник и симболизира чистина, светлина, пролет и женственост. Денес особено интересен е фактот дека брезата некогаш се садела пред куќите за нејзиниот дух да ги штити домашните од епидемии. Новите истражувања покажуваат дека брезата е добар кандидат за ремедијација на тлото погодено од некаков облик на хемиско загадување. Благодарение на спојот на традиционалните верувања, естетиката и природните својства, брезата е одличен кандидат за остварување соживот со пластиката за благосостојба на екосистемот - брезата е пионер во пластисферата.

Што откривте проучувајќи ги шумите со брези на подрачјето помеѓу Берлин и Вроцлав каде микропластиката и стеблата живеат во соживот?

Од Берлин до Вроцлав има многу шуми со брези. Најголемите од нив се наоѓаат во регионот Лужице, каде природата полека закрепнува од рударењето и се создаваат езера на местата на некогашните рудници со површински ископ од кои се ископуваше кафеав јаглен. Во Берлин и Вроцлав има многу брези на периферните делови од градовите. Во Берлин истражувачки се фокусирав на Мауервег, шеталиште кое се протегнува по должина на некогашниот Берлински ѕид. Таму растат мноштво брези кои повторно го заземаат песочното тло, кое претходно беше раздвоено за да се направи место за изградба на оваа политичка поделба, а ѝ беше вратено на природата дури пред неколку децении. Се чини дека и тука брезите ја предводат ремедијацијата на тлото.

Главната шума која ја посетив во Вроцлав беше на подрачјето на гробиштата Особовице, во северозападниот дел од градот. Оваа прекрасна шума ја посетуваат голем број луѓе, а додека сте таму сѐ уште се слушаат звуците на авионите и автомобилите - човечки активности. Во каналите, на патиштата и под листовите можно е да наидете на пластика во разни форми, видови и големини. Во оваа област микропластиката е присутна насекаде, но присутни се и поголеми парчиња пластика.

Во Вроцлав бев во март минатата година, а во шумата со брези во Особовице насекаде се слушаше звук на капење. Открив дека речиси на секое стебло една гранка е засечена, а на нејзиниот врв се наоѓа пластично шише со кое луѓето ги собираат соковите кои во пролет почнуваат да течат по стеблото. Но, само некои од гранките беа засечени зашто во спротивно на стеблото нема да му останат доволно сокови за него. Мислам дека тоа е соодветна метафора за можниот соживот помеѓу човекот, шумите и пластиката.

Според вашето мислење, каква е иднината на нашите шуми? Дали тие се во состојба да им се прилагодат на средините кои изобилуваат со пластика?

Нашите шуми се загрозени од разни фактори. На пример, на просторот на аеродромот Берлин Бранденбург и по патот до Вроцлав, изминатите неколку години шумите беа погодени од голема суша. Освен проблемите на животната средина, во двете земји се спроведува интензивно сечење на шумите. Затоа зголемената количина микропластика во шумите би можела да биде дополнителен стресор или пак би можела да го помогне растот на одредени видови - би можела значително да влијае на различни видови. Освен тоа, знаеме дека некои видови микропластика делуваат како преносители на хемиски загадувачи кои може да почнат да се испуштаат во одредени услови, на пример, ако ги изедат животните кои живеат во шумата. Исто така знаеме дека шумите се мошне сложени и испреплетени екосистеми и дека микропластиката влијае на микробите и габите.

Едно е сигурно, а тоа е дека не е можно да се отстрани сета микропластика која ја исфрлил човекот во шумите и ја натрупал на планетата. Сега ни преостанува да го откриеме нејзиното влијание и да се прилагодиме на тоа. Шумите можат да ја поднесат присутноста на пластиката, но во која мера тоа претставува мошне сложено и динамично прашање, затоа е клучно постигнувањето рамнотежа. Проблемите настануваат кога таа рамнотежа претерано ќе се наруши, на пример, кога пластиката се натрупува во шумите побрзо одошто тие можат да ја асимилираат. Примерот со Берлинскиот ѕид во Мауервег покажува дека промените можат да бидат ненадејни или можат да се одвиваат полека, но постоењето значи да се биде во постојана состојба на промени.

Слики: Кат Аустен

Превод: Алек Кузмановски

Извор: http://www.h-alter.org

 

ОкоБоли главаВицФото