Приказни од породилните сали

24.11.2020 13:50
Приказни од породилните сали

Отсекогаш сум чувствувала огромен страв (да не речам гадење) од чинот на пораѓање, па и од самата идеја човек да расте внатре во мене 9 месеци, за на крајот малтене да ми го снемили животот излегувајќи. Пораснав со релативно позитивни приказни во овој поглед од страна на мајка ми (и при двете бремености била во можност да плива речиси до пораѓањето, а и јас и сестра ми сме „излегле“ за максимум пола саат, наводно без многу трауми). Сепак, овој факт не спречува да се наежам кога гледам пораѓање на филм или во серија, или кога слушам нечија лична приказна.

Меѓутоа, ваквите емоции драстично ми засилија откако започнав да дознавам дека пораѓањето не вклучува само страшни породилни и постпородилни болки и секакви можности за компликации, туку многу често може да подразбира и ужасен третман - од навреди, исмевање, изживување до многу подиректно насилство од страна на персоналот во болниците врз родилката, под терминот акушерско насилство. Непотребно е да се додаде и фактот дека условите за родилките во болниците се генерално лоши во земји како нашата кои не можат да се пофалат со функционално здравство.

Според бразилските истражувачки Данубија Барбоса Јардим и Селина Модена, акушерското насилство „се открива во форма на несовесни, неодговорни, дискриминаторски и непочитувачки постапки од страна на здравствените работници, а се легитимирани преку симболичните односи на моќ што го натурализираат и тривијализираат нивното настанување“. Иако знаев дека акушерско насилство се случува, верував (или подобро, се надевав) дека се работи за ретки исклучоци, а не за правило. Згрешив. Според истражувањата на Светската здравствена организација, соочувањето со физичкото и вербалното насилство е глобален феномен (според нивното последно истражување дури една третина од жените испитанички биле жртви на ваков вид на насилство). Иако секоја жена може да биде жртва, жените кои не се мажени, кои се млади или необразовани се соочуваат со највисок ризик.

Акушерското насилство и генерално трауматичните искуства поврзани со пораѓањето се широко распространети, а истовремено претставуваат едно од низата премолчани видови на насилство врз жените. Па така, не би било претерано да се каже дека воспевањето на идејата за „остварувањето“ на жената во улога на мајка е толку доминантен дискурс, што целата голгота низ која поминува една жена за успешно да се породи (патем, зборуваме за 21 век со модерна и развиена медицинска технологија), останува невидлива.

Впрочем, наративите во јавноста, без разлика дали се работи за популарна култура или за приказни пренесувани „од уста на уста“, го прикажуваат овој чин како најпрекрасното искуство во животот на една жена, налик на чудо, и дека нормално, штом го добиеш бебето в раце, магично забораваш како дошло на овој свет. „Уживај дека се заборава“ – ова беше одговорот на една моја другарка која неодамна се породи. Овие наративи се штетни, не само затоа што се невистинити и нереални, туку и бидејќи целосно го маргинализираат искуството на жените кое (често) излегува од таа тесна рамка, во согласност со долгата традиција на игнорирање и нетретирање на женската болка во медицината.

Па така, често при пораѓање жените се среќаваат со коментари од типот: „многу се дереш“, „доста викаш“, „како ќе раѓаш ако вака се лигавиш“, „ај, не боли до толку“, „ајде ма, од сабајле си тука, до сега три пати ќе се породеше“¹ итн. Како и во другите сегменти од нашето живеење, очигледно и породилната болка и специфичните потреби при пораѓање не се земаат предвид како сериозни, а генералното очекување од жената е да биде тивка и покорна – дури и кога ѝ излегува бебе од 4 кила од вагината, или пак се опоравува од царски рез - а потоа да заборави на овој дел од исуството, да дои, да менува пелени и да се грижи за бебето, како да е родена со тие вештини.


Наспроти овие наративи, од време-навреме во јавноста се појавуваат реалните искуства на жените кои раѓаат во нехумани услови, трпат навреди и потсмев, им се вршат процедури без анастезија, а некогаш се тепани и дехуманизирани.

Пред неколку години во Хрватска се појави кампањата #PrekinimoSutnju, која имаше за цел да го обелодени акушерското насилство во Хрватска и собра над 400 сведоштва за само три дена. Истражувајќи на темата и разговарајќи со мајки за нивните лични искуства, сфатив дека ако сестрата те навредува при пораѓање или ти го каже фамозното „а кога го правеше не те болеше, така?!“ - тогаш си поминала добро. Секако, постојат и искуства кои не вклучуваат траума (психичка или физичка), но обично се поврзани со местото на пораѓање или личениот/семејниот статус на родилката. Ако имаш близок вработен во болницата, или пак, си платиш приватно, ќе бидеш третирана човечки. Па можеби знаејќи го ова, кога видов билборди за кредити за пораѓање во Систина и не бев до толку изненадена. Кој има да плати 2000 евра за ебено пораѓање? Многу малку луѓе – веројатно затоа и постојат овие криминални кредити.

Фактот дека Ромките и Албанките се ужасно третирани при пораѓањето, под изговорот дека раѓаат многу деца па затоа и заслужуваат лош третман, е исто така јавна тајна, која тешко може да се поткрепи со бројки и статистика, но може да се поткрепи со вести од црна хроника. Во 2015 година на една Ромка не ѝ било дадено мртвото бебе за да го погреба, туку било фрлено како медицински отпад. Овој случај го издвоив како симболичен во однос на нехуманиот третман, додека само оваа година имаше два смртни случаи на родилки Ромки. Проблемот со смртноста на родилките и на новороденчињата е сериозен проблем, со оглед на тоа што во 2018 бевме на второ место во Европа според смртност на новороденчиња, а тоа главно е поврзано со лошите услови во болниците, „но истовремено и со нарушените меѓучовечки односи кои водат до црни сценарија“.

Овој проблем не е директно тема на овој текст, но фактот што како држава се соочуваме со висока смртност и на родилки и на новороденчиња, не може да не биде споменато кога зборуваме за начинот на кој се третираат родилките и нивната болка, но и за условите во кои „се носат децата“ на овој свет. Па човек не може да не се запраша, каква порака им се праќа на жените ако од државни пари се спонзорираат реклами за раѓање деца, а не се одделуваат доволно средства за подобрување на условите во болниците каде тие деца треба некој да ги роди.

Тешко е да се најдат многу информации на оваа тема. За различни искуства на родилките може случајно да се прочита на социјалните мрежи кога некоја жена ќе ја сподели својата приказна, па во коментари ќе се надоврзат и други. Слична е и ситуацијата со различни женски форуми, каде жените комуницираат едни со други, споделуваат совети и искуства, но речиси секогаш во една таквжов ограничен и контролиран контекст каде проблемите со кои се соочуваат жените во здравството се сведуваат на „женски проблеми“, наместо сериозна точка во која општеството потфрла и која треба јавно да се третира. Со цел да собереме повеќе искуства од овој домен го изработивме прашалникот „Во какви услови се пораѓаме“, каде жените анонимно можат да споделат какви биле условите при нивното пораѓање и каков бил односот на медицинскиот персонал.

Не беше лесно да се читаат 120 одговорени прашалници, повеќето од нив детално пополнети, и да се изберат десетина искуства кои ќе бидат претставени во видео формат. Добивме одговори од жени од цела Македонија, но доминантно од Скопје, најмладата од нив на возраст од 20 години, а најстарата 60, со искуства на пораѓање од 1990 до 2020 г. Најголемиот дел од прашалниците се однесуваат на искуства поврзани со ГАК и Гинекологија Чаир, како и други државни и градски болници низ Македонија, и помалку, односно 30%, поврзани со приватни болници, доминантно Систина.


Искуствата се разнолики, како за различни жени, така и за различни бремености и породувања на истата жена. Она што може лесно да се потврди од податоците е дека условите и воспоставениот однос се неспоредливи помеѓу приватните и државните болници. Па така, ако „типичното“ искуство на една родилка во Систина е опишано како „одлично“, „супер“, „прекрасно“, ситуацијата за другите е драстично различна и варира од „супер“, „нормално“ и „задоволително“ до „катастрофа“, „ужасно“, „хорор“, „поразително“, „страшно“ - како за условите, така и за односот. Кога би го претставиле ова во бројки, само 40% од родилките искуството го опишале со зборови кои се позитивни или неутрални како „одлично“, „супер“, „ок“, „прифатливо“ и слично. Да бидам уште попрецизна, тоа значи дека 72 од 120 жени имале лошо искуство при пораѓање. Со сиот ризик да кажам нешто што е многу очигледно - тоа се многу жени!

Во видеото доминантно ги претставивме баш тие искуства, како класично отфрлени од јавниот дискурс, но секако претставивме и дел од позитивните искуства. Траумите може да се поделат во неколку категории. Една од тие категории е поврзана со односот, кој често се состои од навреди и лош третман кон родилките, а во прашалникот тие нешта често се споделени пропратно, како помалку важни.

„Сестрите ми викаа: “Не ти кажаа како е на пораѓај?! Убаво ти беше кога го правеше, сега што викаш, што плачеш?’“

„Со првото дете ме држеа во иста облека три дена, која целосно беше извалкана и не дозволуваа да си донесам своја.“

„Молев за вода. Контракциите веќе стануваа неподносливи. А јас бев толку слаба и толку неспремна. Плачев и врескав—за капка вода.“

„Се сеќавам дека откако ме однесоа во соба за да ја поминам првата ноќ (бебето таа ноќ не беше со мене) една медицинска сестра не сакаше да ми ја доближи торбата за да земам марамици, иако ја замолив убаво, велејќи ми ‘па еве ти ја тука е’, а мене ми беше страв да се помрднам оти имав големи болки по сечењето. На крајот некако сама си ја земав.“

„Докторот беше доста груб, без лубрикант ја стави раката да провери, а сестрата што беше со него ми викаше: ‘Ајде, не си ни прва ни последна, како ќе раѓаш, издржи.’“

„Зависи во каква смена ќе се погодиш! Првиот пораѓај (демек со врски) катастрофален…од бабици или сестри во родилна сала кои ти се дерат буквално зошто си го правела бебето ако не можеш да ги трпиш болките.“

„Односот кон нас беше како да сме животни.“

Според одговорите, чест проблем е давањето вештачки провокации предвреме, со цел побрзо да се заврши пораѓањето.

„Сестрата ми рече ќути ќе ти го пукнам водењакот и ќе му кажеш на докторот дека спонтано ти пукнал (пошо тоа го забрзува процесот а докторот не дозволува, фала за сестрата-претходно и јави мојата ‘врска’ да ми помогне, иначе уште ќе седев а беба ќе се родеше со уште една глава).“

„Дојде докторката ми ја пикна раката и вика ти си готова за пораѓај. Ми го допукна водењакот и ме прати на бокс. Ја зачудена си викам ај знае докторката, а таа да нè истера во серија сите што бевме, за да може да спие после.“

Дополнителни воочени проблеми кои се појавуваа често во одговорите се болката при шиењето (започнато шиење пред да почне да делува анестезијата), како и генерално лошо изведено шиење, кое на повеќето од жените им има направено долгорочни проблеми.

„Шиењето не го правеше докторот, туку специјализантка, за тоа дефинитивно не бев подготвена, болеше повеќе отколку самото пораѓање… на живо.“

„Во меѓувреме, седев сама во салата, со болки од раната, односно засеците, кои почна да ги шие една а ги заврши друга лекарка. Четириесет и седум конци. Два пати паднав во несвест. Ме ладеа со валкан сунѓер. Од лошото шиење и денес имам проблеми.“

„При шиењето ми заборавиле газа која можеше да доведе до сепса, но брзата реакција од моја страна и консултација со мојот матичен гинеколог, се заврши брзо во истиот ден. Ова се случи откако бев отпуштена од болницата.“



Секако, не ги игнорирам ниту останатите приказни кои на некој начин даваат надеж дека може и треба да биде поинаку. Позитивните искуства при пораѓање и задоволството со кое жените ги раскажуваат треба навистина да се потенцира како редовна пракса, а не повремена „среќна приказна“. Секако, и во овие приказни е присутна болката, физичката траума и можните компликации.

Меѓутоа, тоа што можам да го забележам е дека односот на персоналот навистина ја прави целата разлика. Па така, кога се соочуваш со екстремна болка, неизвесност, страв и сомнежи во себе, а вооедно си сосем сама и во тотално ранлива позиција, зборови на поддршка и човечен однос од страна на персоналот може целосно да го променат искуството. Смешно ми е ова да го нагласувам, но тоа треба да биде минумалниот стандард, а не игра на среќа.

„При пораѓањето најмногу ми помогна една повозрасна жена што мислев дека е бабица, на крај испадна дека е чистачка. Жената ми даде сила, спокој и техника за како побрзо да се породам. Да се појавеше порано се ќе завршеше побрзо.“

„Вториот пат ми беше нереално – во таа сала каде што се пораѓав осетив неверојатна поддршка, храбрење, женска поддршка каква што ѝ посакувам на секоја жена дури се пораѓа. И сега ми доаѓаат солзи од тоа искуство. Ама повторно имав познат човек, кој се грижеше за мене и знаев дека сум во добри раце.“

Финално, тука е и постпородилниот период. На многу од жените никој не им кажува точно што се случува со нивните бебиња откако ќе им ги земат, не им се објаснува како се дои, ниту што генерално се прави со тукушто родено бебе. Комуникацијата во овој аспект е сведена на минимум, судејќи според многу од раскажаните искуства. Зборуваме за период кога многу од мајките сè уште се соочуваат со физичка болка, нестабилна емотивна состојба и генерална збунетост. Недоволната комуникaција може да вроди фрустрација, стрес и дополнителни проблеми кај жените кои се соочуваат со постпородилна депресија. Во принцип, жените често не се подготвени за многу од аспектите поврзани со периодот по породувањето.

„Во тој момент не размислував на ништо, само сакав побргу да заврши. Откако заврши не бев подготвена за процесот наречен ДОЕЊЕ.“

„Не бев подготвена за постпородилна депресија. Очекував дека ќе се породам и се ќе биде розево и ќе бидам пресреќна, но наместо тоа се чувствував празно, осамено, а најмногу исплашено, иако не знаев од што се плашам. Уште истата вечер откако се породив добив чувство на голем страв и не можев да престанам да плачам. Тоа траеше околку 2 месеци.“

Имајќи предвид дека породилниот и постпородилниот период се тешки и комплицирани дури и во добри услови, едноставно е логично и правично здравствениот систем да направи сè што може за да им олесни на родилките и новите мајки: од услови во болниците и за медицинскиот персонал, до стимулирање на коректен однос и комуникација (можеби преку казнување на акушерското насилство), до функционални патронажни служби, за сите жени.

Наместо тоа, толку многу жени во Македонија се соочуваат со валкани породилни сали, навреди и викање, непотребни компликации, и во најекстремните случаи – смрт. Тука повторно би додала дека најголем дел од одговорите кои ние ги добивме се однесуваат на Скопје. Потребни се екстензивни и детални истражувања и увиди во однос на тоа што се случува во сите болници, како во Скопје, така и во другите градови.

Очигледно, проблемот со акушерското насилство е поврзан и со лошите работни услови, долгите смени, недостатокот на персонал и, секако, ниските плати. Па затоа, важно ми е да напоменам, иако овие сведоштва кои ги претставуваме говорат за екстремно лош однос од страна на персоналот, исто така говорат и за ужасната состојба во полето на работничките права на медицинскиот персонал.

Меѓутоа, доколку копаме подлабоко, во суштина се работи за класична системска мизогинија, која е толку распространета, што извира во една од своите најгрди форми токму кога жената ја исполнува својата „најважна“ улога за едно традиционално, хетеропатријархално општество – кога раѓа. Дополнително, споед она што го говорат податоците но и преживеаните искуства, се работи за проблем кој најсилно ги погодува жените кои се посиромашни и/или припаѓаат на етнички малцинства, па слично како со моменталната ситуација со лечење од Ковид, испаѓа дека соодветен третман ќе добие оној кој има врски или оној кој ќе плати, а во држава со јавно здравство, која се прокламира како сoцијална, тоа е едноставно не-при-фат-ли-во.

Ми се чини дека како што стојат работите во моментов, државата не сe ни приближува кон решавање на овој проблем, особено земајќи го предвид фактот дека траумите и насилството кои ги преживуваат жените не се адресираат јавно. На истите често се гледа како на индивидуален проблем, лоша среќа, исклучок, наместо на распространет проблем вкоренет во родовата нееднаквост кога зборуваме за медицината, но и дискриминацијата, системското насилство и лошите работни услови. Како и за секој друг проблем од слична природа, важно е да се крши мразот, сè додека не стане толку нормално да се зборува на темата, што стигмата нема да стои на патот на решавањето. Во моментов, молкот е првата пречка која треба да се прескокне, колку и да боли.

 

¹Сите цитати користени во текстот се извадоци од анонимните одговори на прашалникот „Во какви услови се пораѓаме“.

Извор: Медуза
Слики: Eliza Benett, Yung Cheng Lin

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото