Убавица од насловната страна

25.11.2020 02:13
Убавица од насловната страна

Бети Пејџ

Растела во мошне скромно опкружување во градот Нешвил. Во нејзиното протестантско семејство се почитувале редот и обврските, па младата Бети после разводот на родителите се грижела за помладите браќа и сестри и успевала да биде ученичка за пример. Била втора во својата генерација, го водела дебатниот тим, сонувала еден ден да стане учителка. Животот како да не се грижел многу за нејзините планови. Набрзо запловила во брачните води. Љубовта била со краток век, и после три години, разведена и мотивирана од сосема поинакви стремежи, Бети заминала во Њујорк, каде почнува кариера на пин-ап модел.

Сѐ се случило случајно. Се шетала на плажа на Кони Ајленд и му упаднала во око на полицаецот Џери Тибс кој во слободно време се занимавал со фотографија. Во неа препознал одличен „материјал“ и, не барајќи ништо за возврат, ја замолил Бети да му дозволи да ја фотографира. Полицаецот ќе биде запаметен по еден мошне важен детал во биографијата на пин-ап кралицата. Токму Тибс е оној што ја наговорил Бети да носи шишки за да го покрие високото чело, а токму тие шишки подоцна ќе станат нејзин личен печат, заедно со продорните сини очи и заводливата насмевка.

Незадуздана фантазија

Во времето кога Бети ја почнуваше кариерата, пин-ап фотографиите се продаваа „под рака“. Не беше пристојно да се гледаат разголени девојки во јавност. Постоеја посебни клубови со обожаватели. Постерите беа наменети само за нивните очи и не смееше да се закачуваат каде било. Членовите на клубовите имаа привилегија да нарачуваат тематски фотографии со омилените девојки, секако, со огромен паричен надомест. Бети преку ноќ стана нивна миленичка.

Позираше без никакво ограничување, на снимањата се однесуваше како во природно опкружување. Високи потпетици, необични кожни костуми, оскудна долна облека, пози доволно провокативни за да ја разгорат фантазијата, понекогаш и камшик во рака, само за да ја докаже својата женска доминација - така некако изгледаа нејзините најпродавани слики. А се печатеа во огромни тиражи. Колку што стануваа поомилени, фотографиите сѐ повеќе го привлекуваа вниманието на членовите на американскиот Конгрес кои гласно ги осудуваа. Некој мораше да одговара. За време на судскиот процес во 1957 година беа уништени многу слики и видео снимки. За среќа, некои негативи и ленти навреме беа скриени.

Кога прашината слегна доволно, избраната екипа продолжи со редовно производство на пин-ап фотограии. Бети најчесто сама ја шиела гардеробата и ја избирала шминката зашто имала истенчено чувство за она што би можело да им се допадне на гледачите. И, како што кажуваше подоцна, било многу поинтересно да се помине денот пред фото апарат отколку да се биде нечија секретарка, Бети постојано сакаше да стане нешто повеќе. Нејзин сон беа Холивуд и глумата. Себеси се гледаше на филмското платно покрај глумците како што се Ерол Флин или Берт Ланкастер. Направи пробни снимки за едно големо американско студио, но животот повторно ѝ ги расипа плановите. Покрај неколкуте улоги во филмовите снимени за истиот клуб обожаватели, Бети не постигна ништо значајно.

 Џери Тибс, полицаецот што ја откри Бети Пејџ

Кај пошироката јавност стана попозната благодарение на списанието „Плејбој“. Познатиот Хју Хефнер само две години го уредуваше списанието, но веќе имаше извежбано око за убави девојки. Бети се појави во божиќното издание 1955 година, носејќи само капа од Дедо Мраз. Фотографиите направија вистински хаос, предизвикувајќи лавина признанија, но и осуди. Тогаш ја доби титулата најубава пин-ап девојка во светот. Хефнер беше меѓу оние што ѝ се воодушевуваа, па и многу подоцна имаше само пофални зборови за неа:

„Беше секс-симбол и исклучителна дама која ѝ се претстави на публиката на вистински начин. Привлечна, но не вулгарна. Имаше чувство за камера, за мода, затоа остави толкав белег во популарната култура.“

Вртоглавиот пад

Само неколку години по успешното појавување во „Плејбој“, Бети одеднаш ги напушти светлата на рефлекторите. Долго не се знаеше што се случува со некогашната кралица. Јавноста брзо најде инспирација во новите, помлади девојки. Познато е дека Бети му се посветила на Бог и дека одела на предавања за библиски прашања на неколку американски колеџи. Имала желба како мисионерка да отпатува во Африка и да му помага на тамошното население. Многумина би рекле, чуден пресврт во кариерата. Не и оние кои посериозно се занимаваа со биографијата на пин-ап иконата. Дури подоцна се откриени нималку ведри детали од нејзиниот живот поминат во сенка.

После уште два пропаднати бракови, почна да се покажува нејзината темна страна. Заради здравствени проблеми не можеше да има деца. Психичи сѐ понестабилна, често беше во конфликт со соседите во Калифорнија, каде трајно се насели. Еден од тие конфликти можел да заврши трагично. Во разговор со жената што ѝ го издавала станот, заради неплатени сметки, Бети во еден момент посегнала по нож. Тоа е првиот од неколкуте нервни сломови. Ја одведоа во установа за душевно болни, каде после прегледот на лекарот е утврдено дека боледува од шизофренија. Во болница помина дваесет месеци. Враќањето „на слобода“ значеше и дека повторно нема никој што може да ја следи нејзината душевна состојба. Последиците повторно беа речиси кобни - уште еден напад на жената што ѝ го изнајмувала станот. Бети е уапсена, прегледана и пуштена заради болест.

 Фотографијата од насловната страна на Плејбој, Божиќно издание 1955 година

Уметност на ѕидовите

Англискиот израз пин-ап (pin up - закачува, најчесто на ѕид) почна да се користи 1941 година и се однесуваше на фотографии со женски модели во заводливи пози. Меѓу нив имаше професионални манекенки, но и познати актерки. Фотографиите често се појавуваа на календари, во списанија и на разгледници. Во педесеттите почна масовно печатење постери со пин-ап девојки.

Во тоа време многумина веќе заборавија на темнокосата девојка со шишки. Нејзиниот лик повторно оживеа во осумдесеттите. Девојките ги привлече модата од една одвеана декада, па почнаа да се шминкаат и да прават фризури како Бети. Мажите повторно со воодушевување ги гледаа нејзините облини. А некогашната кралица, осамена, не ни знаеше дека околу неа се создава своевиден култ.

Живееше на раб на егзистенција, извесно време дури во дом за бездомници. Одби неколку покани од новинари и телевизиски екипи. Дури 1993 година се согласи на еден телефонски разговор. Се жалеше на вишок килограми, небојадисана коса и недостаток на сите други атрибути кои некогаш ја красеа.

„Сакам луѓето да ме запаметат онаква каква што бев некогаш. Никој не би сакал да ги види своите идоли остарени“, му објасни на новинарот зошто веќе не сака да застане пред камерите.

Во овој и уште неколкуте ретки разговори во кои ѝ се обрати на јавноста, Бети секогаш ја бранеше својата кариера на пин-ап модел.

„Никогаш немав намера да ги шокирам луѓето, ниту верував дека правам нешто што на кој било начин може да го промени или загрози општеството во кое живееме. Едноставно, таква бев, и не можам да замислам да живеам на кој било друг начин“, им се довери на своите обожаватели.

Многу малку се знае за последните години на пин-ап иконата. Покрај Бети останаа само неколку блиски пријатели. Еден од нив беше агентот Марк Рослер, кој во декември 2008 година на медиумите им ја пренесе тажната вест - Бети почина во болница како последица на срцев удар. Следбениците на популарната култура и занесните женски облини и денес ја креваат до небо и имаат навика да кажат:

„Мерилин Монро имаше пример. Тоа беше Бети Пејџ. Но пред Бети, не постоеше никој сличен“.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото