Бал

25.11.2020 12:06
Бал

– Ќе те носам на бал.
– На бал?! Каков бал?
– Бал под маски.
– Но, јас немам маска.
– Имаш. Еве ја. Купив и за тебе и за мене.
– Навистина! Убаво ме изненади. Веднаш ќе се преоблечам.

Скали... чекори... кола... куќа... врата, а зад вратата гласна музика и луѓе облечени во најразлични костими.

– Не знаев дека уште се случуваат вакви собири. Ќе одам да разгледам.
– Оди. Јас ќе бидам кај шанкот. Таму се пронаоѓам.
– Ха...

Метеж. Таа бавно се движи и разгледува. Ја гледаат, ги гледа и таа. Но, сеедно, никој никого не препознава.
Застанува. Доаѓа некој и ѝ нуди пијалок. Прифаќа. Мисли дека го познава...

– Добра си?
– Да, а ти?
– И јас. Всушност, онака.
– Не ти се допаѓа настанов?
– Добар е.
– Чуден си.
– Како чуден?
– Ко да не си ти.
– Ме познаваш?
– Секако дека те познавам.
– Од каде?
– Сега си уште почуден. Се шегуваш, нели? Па, тоа сум јас!
– А која си ти?
– Добро, што испи? Се разделивме пред само дваесет минути, а ти...
– Јас не сум „тој“.
– Како тоа?!
– Па, вака...

Ја бакнува... таа не се поттргнува... му возвраќа. Полека, но сигурно се оддалечуваат од толпата. Му ја крева маската...

– Ти навистина не си „ти“!
– Зар е важно?

Продолжува да ја допира. Страста меѓу нив се разгорува. Легнуваат врз тревата. Водат љубов...

Тој беше тука, недалеку од нив. Ги гледаше. Водеа љубов. Не се сврте, туку седна.

Чекори... врата... кола... уште една врата... Влегоа.

– Мислев дека си „ти” – му рече.
– И јас.
– Што и „ти” ?
– Мислев дека сум „јас“.
– Не разбирам...
– Не е важно. Уживав во глетката.

Беше како претстава во магла... и само две фигури... навидум две.

Молк... поглед... бакнеж... Легнаа на подот... Водеа љубов... Никој не ги гледаше.

Слика: Аноним, 1771 (Британски музеј)

Извор: Анета Попова, Најкратки раскази (Антолог, 2009)

 

ОкоБоли главаВицФото