
Нема да бидам чиновничка
имам уште еден миг
драматично да ти паднам в прегратки
додека тундрите се обновуваат
а кавкаскиот снег ги дави во небесата
нашите предци
ти крвариш средовечна
те гледам легната во речната постела
како протекуваш низ себе си
а твоите деца учат лекции од мракот
можеби си некоја друга стварност
па те допирам по лицето
да ти ја одредам длабочината
а веќе во огледалото
моето лице се собира и грчи
пред да ја свлече кошулата
се тресе на студот од крајот на XX век