Се надевам дека Диего ќе го паметат по она што го правеше на теренот

26.11.2020 13:50
Се надевам дека Диего ќе го паметат по она што го правеше на теренот

Околу милион Аргентинци денес и утре би можеле да учествуваат во јавното испраќање на починатиот Диего Марадона во Буенос Аирес, известија весниците Ла Насион и Кларин, повикувајќи се на неименувани извори од аргентинската влада.

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња умре во средата на 60 годишна возраст од срцев удар, откако во својот дом во предградието на Буенос Аирес закрепнуваше од операција на главата. Последното испраќање ќе биде организирано во Каса Росада, владината зграда во срцето на главниот град.

„Иако не е сигурна за бројката, владата проценува дека фудбалската ѕвезда би можеле да ја испратат повеќе од милион луѓе во следниве 48 часа“, пишува Кларин.

Во зградата на владата ретко се одржуваа масовни испраќања на починати личности. Последниот случај беше пред 10 години кога умре Нестор Киршнер, поранешниот аргентински претседател.

Додека коронавирусот продолжува да ѝ се заканува на оваа јужноамериканска земја со 45 милиони жители, неколку министерства координирано работат на церемонијата за испраќање на Марадона, кој во 1986 година ја предводеше Аргентина до титулата Светски првак.

„Сѐ ќе организирам за да не дојде до агломерација на луѓе и што помалку време да се помине во затворен простор“, изјави аргентинскиот претседател Алберто Фернандез за локалната радио станица. Рече дека за церемонијата ќе разговара со семејството на Марадона.

„Се надевам дека Диего ќе го паметат по она што го правеше на теренот“, рече неговиот брат Хуго за аргентинската телевизија TyC Sports од Италија каде што живее, најавувајќи дека ќе дојде на погребот и покрај рестриктивните мерки заради коронавирусот. Диего Армандо Марадона беше петтиот од вкупно осум браќа кои растеа во сиромашното предградие на Буенос Аирес.

Навивачите вчера палеа свеќи и оставаа пораки во четвртта Бока, до стадионот познат под името Ла Бомбонера, каде „десетката“ играше за Бока Јуниорс од 1981 до 1982 година, па повторно од 1995 до 1997 година. Луѓето се собираа и во другите делови од Буенос Аирес и предградијата. Некои плачеа, како што прикажаа телевизиските камери.

Стадионот Ла Бомбонера на кој ја заврши играчката кариера беше едно од предложените места за масовно испраќање на починатиот Марадона.

Новинарката и телевизиска водителка Вивијана Каноса, смета дека испраќањето требаше да се организира на некој од стадионите, а не во зградата на владата. Ја повика владата да не ја користи фудбалската ѕвезда за политички цели додека земјата ги чувствува последиците од пандемијата со коронавирусот.

„Не ја валкајте топката (...)“, напиша на Твитер. „Смртта на најдобриот фудбалер нека не ја прикрива тешката реалност низ која поминуваме“, додаде.

Извор: https://sportske.jutarnji.hr/