Како да се порази десницата

27.11.2020 01:14
Како да се порази десницата

Од двете страни на Атлантикот се води дискусија за исходот на претседателските избори во Америка и неговото значење за левицата ширум светот. Иако опасноста од преземање на власта од страна на Трамп сѐ уште не е помината, тоа е важна тема, зашто се однесува на иднината на целата планета.

Џо Бајден освои мнозинство гласови од гласачкото тело (51 процент во однос на 48 проценти на Трамп) и ги придоби одлучувачките држави од индустрискиот појас, од Пенсилванија до Висконсин. Но и Трамп го зголеми бројот на освоени гласови во однос на резултатот од 2016 година за дури 9 милиони, и покрај отворениот расизам, непростливото однесување и некомпетентното управување со пандемската криза. Оттука би требало да биде јасно кои се главните предизвици пред Демократската партија во претстојниот период.

Базата на Демократската партија еродира - тоа го покажува неочекуваната поддршка која ја доби Трамп во Флорида и долината на Рио Гранде во Тексас, како и загубата (засега) на 10 демократски места во Претставничкиот дом, од кои неколку им припаѓаат на областите со латиноамериканско мнозинство.

Во тоа центристите гледаат доказ дека нападите на Трамп кон Бајден како „социјалист“ беа успешни, најмногу затоа што радикалното крило на Демократската партија, покрај големиот дел на нејзината урбана активистичка база, водеше кампањи за универзална здравствена заштита, „намалување на буџетот за полицијата“ и напуштање на фосилните горива.

Левичарите одговараат дека оние кои ги изгубиле местата во Сенатот не биле доволно активни и не одговориле адекватно на кампањата на Трамп со дезинформирање за организирање вмрежени кампањи соодветни за сегашното време. Тимот на Демократската партија за водење национални кампањи сѐ уште се потпира на методите од времето пред подемот на политичкиот популизам.

Неволјата е во тоа што и едните и другите се во право. Како и сите прогресивни партии, Демократската партија е коалиција на радикали, прогресивни либерали и умерено конзервативни гласачи од редовите на средната класа. Организаторите на кампањата на Трамп ги утврдија пукнатините во нивниот блок и ги искористија.

Овојпат не беше важно кој и што нуди за време на кампањата, зашто јазот помеѓу двата системи на вредности кои беа во конфликт - кои ги кршат копјата на темите раса, родови односи, работа на полицијата и климатски промени - значајно се актуелизираше благодарение на силниот отпор кој во послените четири години го пружаа црните заедници, жените, американските Индијанци и сите оние кои ги поддржуваат.

Кога ги прекоруваат своите порадикални соборци заради поддршката на иницијативи како што е кампањата за намалување на буџетот за полицијата, демократите од центарот забораваат дека тоа веројатно беше најуспешната кампања потекната од базата во последниве десетина години. Предимензионираната, милитаризирана и скапо платена полиција во која се инфилтрираше радикалната десница стана чума за црната заедница. Барањето нивниот буџет да се сведе на ниво кое ќе им одговара на потребите за спроведување на законот во договор и согласност со локалната заедница е логичен и оправдан.

Исто така, барањето постепено да се напушти користењето на фосилните горива не е измислица на некоја левичарска клика од Бруклин, туку официјален став на глобалната заедница и веројатно најважна тема за младите гласачи. Ако тоа не се направи, човечкото општество во следните 100 години ќе потоне во хаос.

Дури и ако тврдото левичарско јадро на радикалните демократи кои го сочинуваат Александра Оказио-Кортез, Илхан Омар, Ајана Пресли и Рашида Тлаиб, а сега им се придружија и Кори Буш и Џамал Боуман, ги избрише своите профили на Твитер и се воздржи од давање изјави во јавност, инсистирањето на прогресивните гласачи на климатска, социјална и расна правда и потчинување на полицијата на законот, нималку не би ја изгубило силата.

Но и центристите се во право. Прво, ако навистина не се залагате за воспоставување социјалистички поредок, зошто постојано зборувате за социјализам? Мерките кои во Конгресот ги предлага групата Демократи за правда не можат да се опишат како социјализам: станува збор само за радикална програма за реформа на капитализмот. И ако веќе сте одлучиле да го користите јазикот на социјализмот, каков совет ќе им дадете на кандидатите во оние области во кои доминира конзервативно бело гласачко тело или таму каде што се мнозинство латиноамериканските заедници кои историски се непријателски настроени кон левицата?

После победата на Бајден истите прашања ги поставува и прокапиталистичкото крило на Лабуристичката партија. Бен Бредшо, Вес Стритинг, Ендру Адонис и останатите аватари на блеризмот тврдат дека најважната лекција која треба да се извлече од резултатите од американските избори е дека левицата мора да се заузда. После суспензијата на Корбин тоа звучи како координиран обид да се потисне левото крило во партијата.

Можам да понудам солиден генерички одговор на двете прашања, кој не важи само за Велика Британија и САД туку и за поголем дел од западна Европа, но за да стигнеме до тој одговор неопходни се чесност и отвореност на секое ниво од анализата. Прогресивната гласачка коалиција секогаш е нестабилна, додека конзервативниот блок е обединет околу група моќни негативни ставови: околу противењето на миграцијата, противењето за исфрлање на фосилните горива, противење на редистрибутивните фискални политики како и прогресивната култура на образованите елити. Во последните пет години, со експанзијата на сеприсутната екстремистичка пропаганда на социјалните мрежи, конзервативната гласачка коалиција дополнително се помести кон десно.

Од друга страна, прогресивниот блок е крајно нестабилен и поделен со длабоки линии на раздвојување. Овој блок и натаму во поголем дел го сочинуваат работните луѓе. Но, бидејќи трудот веќе не е главно место за експлоатација, а класната борба сега ги опфаќа и темите ренти, камати, екстракција на податоци, монополско формирање цени, расна и климатска правда, лесно е на оваа коалиција да ѝ се поделат прашањата за приоритетните вредности.

Сиромашниот латиноамерикански гласач во Тексас го погодуваат (приближно) слични економски проблеми како и сиромашниот бел гласач во Мичиген и сиромашниот црн гласач во Сент Луис. Но расната неправда, несигурната положба на мигрантите и фактите за географската нееднаквост со кои се соочуваат тие не се доволни за изградба на единствена „супра-структура“ која би била споредлива со „поматеријалната“ основа на економската експлоатација: она што ги одредува специфичните облици на нивната експлоатација и доминира со нивните животни искуства се различните културни, етнички и просторни реалности во кои живеат.

Затоа „класниот редукционизам“ - кој некои делови од левицата многу го проблематизираат, а со задоволство го истакнуваат традиционалните центристи - не дава резултати. Таквиот пристап не може да функционира во услови на рецесија и штедење, зашто прашањето „кој ќе добие што“ го отвора проблемот на културни и географски ривалитети. Не може да функционира ни во услови на тековна фискална експанзија која ја финансираат централните банки, зашто владите кои делат бесплатни пари успешно градат наратив на зависност кој е посилен од наративот на отпорот.

Која е алтернативата? Во последниве неколку години, критичарите на класниот редукционизам се залагаат за „лев популизам“. Тие веруваат дека културните поделби можат да се надминат со градење наратив за силата на самоорганизацијата, наратив кој се искажува со емоции и погодува во стомак. Она што е најважно, како што истакнува Шантал Муф, е дека мораме да поставиме „граница“ која луѓето ги дели од олигархиите и така да се обидеме да ги трансцендираме левицата и десницата.

Меѓутоа, засега тоа не дава резултати. Во Шпанија таквиот пристап беше успешен затоа што на партијата Унидас Подемос ѝ донесе 13 проценти од гласовите на општите избори во ноември 2019 година и ѝ овозможи да влезе во владата како малцински коалициски партнер со непопулистичките социјалдемократи. Во Франција истата стратегија на Жан-Лук Меленхон му донесе 20 проценти од гласовите во првиот круг на француските претседателски избори во 2017 година. Овој пристап беше поуспешен во Боливија каде Движењето за социјализам на Луис Арсе освои 55 проценти од гласовите на општите избори во октомври, во борбата против подеднакво популистичката екстремна десница. Но политичката динамика во Боливија е поинаква.

Во Велика Британија популистичката стратегија никогаш не е ни тестирана. Неколку дена пред изборите во 2017 година, Корбин успеа да ги инспирира неодлучните гласачи од редовите на работничката класа, пробивајќи се низ медиумскиот баражен оган на лагите и дезинформациите. Но тоа веќе не се повтори.

Тоа може да значи дека левиот популизам лошо се имплементира или дека едноставно не е доволен - или дури е неадекватен во конфликт со консолидираниот нативистички и социјално конзервативен гласачки блок. Во Америка, делотворниот лев популизам би морал да воспостави комуникација со социјално конзервативните припадници на работничката класа, без разлика дали тие се бели или не (тоа се групи кои сега се најголем предизвик во Флорида, Тексас и делови од Калифорнија). Во Велика Британија левицата мора да ги поврати упориштата во централните и северните делови од земјата и да ги освои местата како Болтон Вест, Свиндон Саут и Милтон Кејс.

Левицата не може да тврди дека луѓето кои живеат таму се „исти“ - зашто не се, како што не се исти и интересите кои ги доживуваат како свои. Она што им е заедничко и ги поврзува е одземената политичка моќ, одземениот глас, надежта и можноста за напредување.

Ако прогресивните партии успеат да изградат единствен наратив отелотворен во една личност или тим кој создава впечаток дека е способен да ги усклади интересите кои се во конфликт и барањата кои произлегуваат од различните облици експлоатација и репресија, можеби ќе успееме. Најважно е коалицијата на десницата и десните радикали да се држи подалеку од власта доволно долго за да зајакне демократијата и за да се сочува планетата. Верувам дека за тоа ќе биде неопходна или некоја нова итерација на левиот популизам, во кој нема да има место за постари од 60 години или еден поформален сојуз на либерализмот и левицата.

Натпреварот започна. Духот на нативизмот, белата супериорност и сеприсутната мизогинија излезе од шишето и сега се валка на интернет форумите, и покрај тоа што технолошките гиганти настојуваат да го спречат ширењето дезинформации. За исходите од изборните битки во следната деценија, па така и за иднината на планетата, ќе одлучат оние кои ќе успеат да организираат најмоќно прогресивно политичко движење врз основа на јасна визија за иднината, а не оние кои ги поткупуваат неодлучните гласачи од центарот со ситни услуги или им се додворуваат со празноглавост. Во моментов нема доволно такви за да имаат поголемо политичко значење.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Joel Pett

Извор: https://www.newstatesman.com/