Митровски: Ќе дојде до монополизација на канабисот

27.11.2020 13:33
Митровски: Ќе дојде до монополизација на канабисот

Македонскиот премиер, Зоран Заев, во рамки на новиот пакет економски мерки, најави декриминализација и легализација на марихуаната. Каков е ставот на здружението „Билка“?

Претпазливи сме, сè уште не сме го виделе официјалниот предлог, туку само најавата на премиерот. Но ако ја слушнеме реториката на премиерот Заев во интервјуото во кое ја најави легализацијата, јасно е дека тоа нема да биде моделот за кој се застапува „Билка“. Премиерот спомна „гаранција за потеклото на канабисот“ од што може да се претпостави дека домашното производство за лична употреба и понатаму ќе биде забрането - вели Јанаки Митровски, активист и адвокат од здружението „Билка“. 

Кој ќе профитира и зошто е проблематичен тој модел?

Проблематично е што овој модел е парцијален и селективен. Корисен е само за бизнис страната, што од една страна е во ред, но не и доволно. Парцијален е бидејќи ако не набавам канабис од одредено место и понатаму ќе бидам третиран како криминалец. Тоа значи дека ќе продолжи криминализацијата на корисниците и пациентите. Селективен е затоа што во Македонија хибридниот сој на црниот пазар чини околу осум до десет долари за еден грам. Ако на тоа се додадат и данокот и другите давачки, цената ќе порасне до 15 или 20 евра. Тоа е многу скапо за држава во која просечната плата е 400 евра. 

И досега лиценцирани фирми можеа да одгледуваат канабис за медицински цели. Некои од нив се во сопственост на роднини на премиерот. 

Таа информација во Македонија не е тајна. Не е само семејството на премиерот во тој бизнис, туку и десетина бизнисмени кои се многу блиски до партиите на власт. И тоа до некаде е во ред. Но кога власта во исто време најавува легализација на марихуаната и предлага измени на законот со кои се заоструваат условите за добивање на дозволи за одгледување на медицински канабис, тоа е веќе алармантно. Мислам дека овој модел ќе доведе до монополизација на канабисот, ќе се сведе на неколку субјекти кои ќе ги занемарат потребите на корисниците, пациентите и оние бизнисмени кои немаат врски во владата. 

Како ја прифати оваа вест јавноста во Македонија? Верувате ли дека тоа ќе придонесе за развојот на туризмот и угостителството, а Скопје ќе стане Амстердам? 

Јавноста е поделена што е очекувано затоа што канабисот се сатанизира повеќе од 80 години. Оваа делумна легализација може позитивно да влијае на туризмот, но економските мотиви не се доволни. Најважни треба да бидат правата и слободите на поединците.

Извор: portalnovosti.com