Калаши: последните пагани на Хиндукуш

28.11.2020 11:39
Калаши: последните пагани на Хиндукуш

Калаши, древен народ кој успеал да да опстане и да ја сочува својата култура благодарение на, пред сè, географската положба и вековната изолација во зафрлените долини на планинскиот масив Хиндукуш, се најмалата, според многу нешта единствена етнорелигиска заедница на територијата на Пакистан. Секако најпопуларната теорија за потеклото на овој дардиски, индоариски народ, чиј што изглед како и обичаите укажуваат на врски со старите Хелени, е дека водат потекло од Александар Велики чија војска ја освоила оваа област пред речиси два и пол милениуми. Мислењата се поделени меѓу научниците кои почнале да се интересираат за народот Калаши во 19-от век, додека најновите анализи на нивниот генетски материјал укажуваат на тоа дека директните врски со Македонците најверојатно се само мит.

Во секој случај, животот на Калаши чија популација денес брои помалку од 4.000 жители населени во три речни долини на северот на земјата, на територијата на покраината Хајбер-Пахтунва, со своето мистериозно потекло и со векови непроменетиот рурален начин на живот, живописните носии и паганската религија изгледаат речиси нестварно, како отелотворување на имагинарното хималајско кралство Шангри-Ла.

Селото Грум во долината Румбур. Најголем дел од популацијата Калаши сè уште живее во традиционални куќи направени од хималајски кедар, каскадно наредени на брдата

И покрај романтизираните претстави за оваа малубројна заедница во популарната култура какви што среќаваме во славното, екранизирано дело на Радјард Киплинг „Човекот што сакаше да биде крал“, животот на Калашите во тешко пристапните стрминини на Хиндукуш, кој отсекогаш бил тежок, денес се наоѓа пред нови предизвици: додека од една страна се загрозени од нападите на талибанците кои ги контролираат соседните области на територијата на Авганистан, на нивната популација ѝ се заканува како културно, така и демографско исчезнување во облик на растечки бран на конвертирање во ислам и заминување на младите во потрага по подобри услови за живот.

Освен богатата материјална култура која најдобро може да се воочи на примерот на раскошните народни носии на калашките жени, која се одржала до денес во секојдневниот живот и во традицијата на градителството, единственоста на обичаите и јазикот, овој народ со европеидна појавност што ја одликува светлиот тен и сини очи, најпрвин се истакнува со својата древна политеистичка религија која ја чини основата на нивниот идентитет. Истовремено Калашите се и единствената етничка група која успеала да ја сочува паганската религија каква што во минатото практикувале и другите народи во подрачјето на Хиндикуш, на територијата која покрај северот на Пакистан опфаќала и дел од денешниот Авганистан и била позната како Кафиристан, земја на неверниците. Благодарение на непристапноста на долините кои ги населувале, како и на геополитиката односно формирањето на денешната линија на разграничување на овие две земји позната како „Дурандова линија“, Калашите ја избегнале судбината на соседните пагански племиња кои биле исламизирани на крајот на 19-от век. Нивната религија која се заснова на древната индоариска религија, а поседува и елементи на анимизам, ја обележува пантеон на различни божества кои ги симболизираат природните сили и циклусот на животот. Покрај ритуалното жртвување на животните и фестивали посветени на смената на годишните времиња и боговите кои управуваат со овие циклуси, религијата, како и концептот на верување во чисти (онјешта) и нечисти (прагата) работи ги проникнува сите аспекти од животот на овој народ, од секојдневните актвности до обредите поврзани со раѓање на дете, склопување брак и погребување на починатите.

За разлика од муслиманските заедници во опкружувањето, жените во долините на Калашите уживаат во изненадувачка слобода почнувајќи од начинот на облекување до избор на партнер. Па така пурда, покривањето на жените во јавност како и физичката сегрегација во рамки на самиот дом што е широко распостранета пракса во земјите на јужна Азија, воопшто не постои кај Калеши. Составен дел на културата на оваа заедница во која правилата се засновани врз рурален традиционален модел е либерален пристап кон правата на жените кои и покрај јасната хиерархија и поделбата на работите на машки и женски не се ограничени со ригидни правила како што е случај во исламот. Така, лицата на девојкаите и жените не се покриени со превези, туку се украсени со живописни шамии, тие отворено комуницираат со мажите и остваруваат физички контакт со нив, а кога ќе стигнат за мажење, девојките самите го избираат момчето што им се допаѓа. Исто така, вообичаена е праксата жената да се премажи кога ќе одлучи да го напушти домот на сопругот доколку најдат друг партнер што главно се случува во текот на фестивалите кои се одржуваат неколку пати во годината. Во согласност со верувањето во чисто и нечисто, жените за време на менструацијата и во текот на пораѓањето се сметаат за нечисти и тие денови ги поминуваат во посебни колиби наречени башали е еден од ретките случаи на физичка сегрегација меѓу половите кај народот Калаши.

Девојки во традиционална носија, со превез се кријат од фотоапаратот. Девојките и жените во долината Калаши се многу срамежливи и само во ретки прилики се согласуваат да бидат фотографирани

Жител на селото Грум носи дрва. Долините на Калашите се опкружени со шуми на хималајски кедар и имаат значајна улога во материјалната култура на заедницата. Освен куќите, од хималајски кедар се изработуваат разни употребни и ритуални предемети

Свртена со грб за да го избегне фотографирањето, девојката се покрива со вел

Момчиња облечени во шалвар-камизи се забавуваат прескокнувајќи јаже во летното попладне, во селото Грум во долината Румбур

За разлика од мажите кои го прифатиле вообиачениот начин на облекување во Пакистан кој се состои од шалвар-камизи и пакол капа, женскиот дел на популацијата ја задржал традиционалната носија и сустур, богато украсен оглав со карактеристична „опашка“

Девојчињата и девојките во ретки прилики се согласуваат да позираат за фотографија. Освен живописните фустани украсени со вез и сустур оглави, дел од женската носија е и ѓердан направен од многубројни низи стаклени перли

Народната носија која останала во секојдневната употреба кај жените е најважниот и секако највидливиот симбол на етничкиот идентитет на Калашите. Ваква облека девојчињата почнуваат да носат од четиригодишна возраст, вообичаена возраст за мажење се смета од 14 или 15 години.

Земјата во изолираните планински долини што ја населуваат Калашите е исклучително плодна и овозможува одгледување на различни видови растенија. За работата во полето која и денес се извршува рачно, традиционално се задолжени жените, додека мажите се занимаваат со сточарство

Жена со ќерката оди во овоштарникот. На грбот носи кава, корпа во облик на конус од ткаена волна и прачки. Покрај грижата за децата, домашните работи и одгледување на растенија, во женските работи се вбројува и собирањето и преработката на различни плодови

Внатрешноста на традиционална калашака куќа во долината Бумбрет

Жена со истетовирано лице пред својот дом. Тетоважата на лицето и рацете е популарна меѓу жените Калаши, како и меѓу припадниците на другите етнички заедици во северен Пакистан

Момчиња од селото Батрик во долината Бумбрет со камион се враќаат од училиште

Акрам, припадник на полицијата на покраината Хајбер-Пахтунва, позира со својата автоматска пушка тип 56, кинеска верзија на познатиот „калашњиков“ АК-47. Заради непосредната близина на границата со Авганистан и повремените упади на талибанците , во долините на Калаши задолжителна е полициска придружба за сите посетители

Дрвени кундрици, антропоморфни споменици во селото Брун. Кундриците ги претставуваат Гаш и Кумао, браќата што немале потомство, па ова бил начин да се сочува сеќавањето за нив. За разлика од кундриците што се поставуваат во селата, слични фигури можат да се најдат и на селските гробишта кои претставуваат надгробни споменици наречени гандау

Старите гробишта во селото Брун со мноштво отворени ковчези. Во традицијата на Калашите е телеата на починатите да се остават во изрезбани отворени ковчези. По погребот, телата ќе ги изедат мршојадците

Настојникот на јештак-хан, храмот посветен на семејната божица Јештак. Меѓу Калашите постојат повеќе егзогамни кланови наречени кам, секој од нив има олтар во рамки на самиот храм, чиишто ѕидови се украсени со цртежи на животни. Храмовите имаат и улога на сали за различни собирања и ритуални танци

Момче пушта голуб од покривот на својата куќа. Голубарството е популарно ширум земјата и кај Калашите

Момчиња од селото Брун разговараат пред локалната продавница. И покрај напливот на модернизацијата, како електрификацијата и користењето мобилни телефони, животот во долините на Калашите суштински останал непроменент

Извор: pescanik.net

 

 

ОкоБоли главаВицФото