1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 10:21
Сосема ја разбирам намерата на Заев и таа е чесна, да ја внесе Македонија во ЕУ. Но иако ја разбирам идејата, не можам да се согласам со начинот.
Сега произлегува дека Заев во наше име си зема мандат да ја разубавува сликата за улогата на Бугарија во темното минато на човештвото. Тоа не ги прави секако фашисти како народ, но соочувањето со минатото е нивна задача и нема потреба ние да им служиме како инструмент да си ја нашминкаат сопствената историја. Тие сега со уцени се обидуваат да изнудуваат некој да им го „обелува“ имиџот. Тоа минато секако нема врска со сегашноста, но преку соочувањето со постапките, се покажува напредок во цивилизациска смисла. А тоа е нивна домашна задача. Многу земји имале „администрации“ кои направиле зло и нивното „растење“ се согледува преку лекциите што ги научиле и како понатаму го граделе својот имиџ. Такви епизоди има и скоро секој човек. Има нешто што направил со кое не се гордее, ама од тоа ако извлекол лекција, пораснал. Таковото искуство го поттикнало на промена кон подобро.
Бугарија сега имаше историска шанса да покаже дека тоа темно минато на колаборација со фашистичкиот окупатор била лоша епизода на одредена „администрација“. Дека сега е предводник на демократски вредности и сака на модерен начин со дијалог да ги разрешува недоразбирањата.
Но, нивните „модерни“ политичари наместо да зборуваат во дух на европските вредности во чие семејство припаѓаат, почнаа со лепење на етикети дека сме „љубители“ на диктатори. Сосема вон контекст и надвор од идејата за мирољубиво разрешување на недоразбирања. Дури оваа „администрација“ отиде уште понатаму и стави вето за напредување и европеизирање на соседот. Со директни уценувања и булинг.
Тоа предизвика природна контра емотивна реакција на тој што е предмет на булинг и место да се адресира правилно проблемот и да се постави на маса во дух на европски вредности и цивилизирана комуникација, сега премиерот се правда во наше име и уште кажува дека не „мавал по раче“ што сме изреагирале бурно?!?
За илустрација, ако има во клас некој што прави булинг, тешко ќе го решиш проблемот со тоа што ќе му кажеш ти си супер, ние не чиниме што сме предмет на твојот булинг.
Заев отиде уште понатаму и си додели и мандат да разрешува наместо да иницира разрешување на историски недоразбирања. Тоа не е негова задача, ниту има познавања. Тоа е треба да го разрешат историчарите, а ако има таму неусогласеност околу научните методи за утврдување на фактите, може да се побара медијатор или помош од реномирани историчари од странство.
Јас исто мислам дека историјата се „фризирала“ по вкус на победниците и на тоа комплексно прашање треба прво дома да си најдеме разумни, а не емотивни одговори. Ако зборувам емотивно, мојата баба, носител на партизанска споменица, која за мене била пример на борец за демократски вредности и бескрајно хуман човек ми раскажуваше како била тепана до крв со гума на која пишувало „јас знам сичко и сичко казвам“. И да, не ја тепале хуманисти. Прадедо ми ја дал заштедата да за да ѝ ја преиначат казната од смртна, во доживотен затвор. Излегла со ослободувањето. Но не мислам дека поради тие емотивни рани, ние треба да градиме непријателство со цел народ. Напротив, цивилизациски е да седнеме, да се погледнеме во очи и да градиме заедничка иднина. Но прво дома треба да се договориме за нашиот имиџ во однос на вредности кои сакаме да ги одразуваме како нација.
Убаво е што Заев го смени имиџот на земјата од таква која се инаети и гради поделби по основ на национализам, кон таква која е инклузивна, демократска и седнува на маса и зрело се соочува со пречките. Заев заедно со останатите од „администрацијата“ се тие што се ликот, политичкиот лик на Македонија. И тој треба да одразува достоинствена зрелост, а не снисходливо додворување. На крајот на краиштата ние сакаме да влезме во ЕУ како достоинствен партнер што ги споделува тие вредности. На состаноците во ЕУ каде се кројат политики и вредности, треба да имаме став и сопствени вредности. А не да се однесуваме како дете кое чека инструкции и прашува „да не треба кафенце?“
Слики: Coco Fronsac