Војната во африканска Југославија

30.11.2020 00:10
Војната во африканска Југославија

Аби Ахмед

Според етиопскиот премиер Аби Ахмед, конфликтите кои пред две недели избија во оваа земја се ближат кон крајот. Според неговите зборови, етиопската војска напредува кон Мекеле, главниот град на бунтовничката покраина Тиграј. Бунтовниците ги обвини дека ги уништуваат мостовите за да го запрат напредувањето на федералната армија. Тиграјскиот водач Дебрецион Гебремихаел ги потврди поразите во некои градови, но и се заколна дека Тиграј ќе биде „пекол за неговите непријатели“. Информациите се оскудни и тешко проверливи, но извештаите зборуваат за стотици мртви и повеќе од 27 000 бегалци пристигнати во Судан. Бројот раселени во Етиопија сигурно е повеќекратно поголем: УНХЦР зборува за заканувачка „тотална хуманитарна криза“.

Непосредна позадина на конфликтот е тоа што Аби заради пандемијата со коронавирусот ги одложи федералните парламентарни избори, предвидени за крајот на август. Народноослободителниот фронт на Тиграј (НОФТ), владејачка партија во седум милионската северозападна покраина, не ја признава неговата легитимност и организираше избори во Тиграј. Аби ги прогласи за илегални, а на почетокот на ноември ја обвини НОФТ за напад на федерална воена база и ѝ нареди на војската напад со цел „спроведување на законот“. Тензиите помеѓу Напредната партија на Аби и НОФТ траат со месеци. НОФТ доминираше со децении, од 1991 до 2019 година и тоа како политички и воено најмоќен член на коалицијата која во граѓанската војна ја сруши комунистичката влада на Менгисту Хајле Мариам. Затоа етничките Тигрејци до неодамна имаа надпропорционална количина политичка и воена моќ, иако се само шест проценти од населението. Нештата се менуваат откако Аби стана премиер во 2018 година, кој доаѓа од редовите на најголемиот етиопски народ Оромо. Започна реформи и демократизација на дотогашниот репресивен систем, а во 2019 година ја доби Нобеловата награда за мир, благодарение на прекинувањето на дваесетгодишниот конфликт со Еритреа.

Дебрецион Гебремихаел

И покрај најавите на Аби за брз крај на војната со НОФТ, на втората африканска земја според бројот на жители - со повеќе од 115 милиони жители - ѝ се заканува граѓанска војна која според проценките на тинк-тенкот International Crisis Group би можела да ја „растргне етиопската држава“. Тврдокорните од НОФТ наводно располагаат со речиси 250 000 искусни војници, повеќе од етиопската војска. Стручњакот за поранешна Југославија, Флоријан Бибер и Вондемагегн Тадесе Гошу, професор по право од Адис Абеба, во 2019 година во списанието Форин Полиси предупредија на злокобни паралели помеѓу Југославија и Етиопија и нивните политички системи. Во Етиопија живеат низа повеќемилионски христијански и муслимански народи, меѓу кои најбројни се Оромо, Ахмаре, Сомалците, Тигрејците и Сидамите. Со уставот од 1955 година државата е поделена по етнички клуч во девет покраини кои уживаат значителна автономија. Како што во Југославија доминираше Сојузот на комунистите, и „во Етиопија со децении владееше Етиопскиот народен револуционерен демократски фронт (ЕНРДФ), коалиција главно со етнорелигиски политички партии, со кои доминираше НОФТ“; како и во Југославија, и во Етиопија „постојат низа комбинации на недемократски обележја и етнофедерализам“. Територијалните автономии се меч со две острици: „Додека самоуправата ги намалува тензиите кои произлегуваат од доминацијата на одредени групи, на тој начин во фокусот на политиката се поставува етничката припадност и се поврзува со одредена територија“, пишуваат авторите. Како и Југославија во осумдесеттите, Етиопија денес поминува низ политичка трансформација која го повлекува прашањето за иднината на земјата, а „борбите за моќ се испреплетуваат со етничката политика“. Како и Белград некогаш, Адис Абеба сега тежнее кон централизација. Аби на водачите во Тиграј им ги укина федералните финансиски средства, а НОФТ се жали на етничка дискриминација на Тигрејците.

Под минатата репресивна власт на ЕНРДФ, Етиопија оствари огромни успеси во борбата против сиромаштијата, чија стапка е намалена од 45 проценти во 2000 година на 21 процент во 2018 година. Сето тоа сега виси на конец. Постои опасност да избијат конфликти и во другите покраини и во војната да се вклучат соседните земји како Судан и Еритреа: извештаите велат дека НОФТ веќе ја ракетирал Асмара, со која Аби има добри односи. Медиумите, освен африканска Југославија, Етиопија ја нарекоа и источноафриканска Либија.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/

Слични содржини

Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото