Шеик

01.12.2020 12:08
Шеик

Се возиме со дедо ми во четириеспетка до последна станица во Сингелиќ. Всушност, тој вози а јас седам покрај него со грбот свртен накај шофершајбната. Јас немам повеќе од седум-осум години. Почеток е на летото, уште не е толку жешко за пешкир околу врат како што ставаа порано шоферите во градски. Тој носи тегет панталони и светло сина кошула со кратки ракави, а јас некои куси панталони и маица.

Мислам дека четириеспетка тогаш ја пуштаа само како сингл автобус, немаше дупли четириеспетки, барем така ми се чини.

Како што се приближуваме до последна, патниците се проретчуваат а мене паметот ми е во шеикот. На последна станица, во една од зелените бутки, кај Тошо, земаме шеик. Друг пат земаме и боза за дома, ах, што би дал сега за една боза од кај Тошо, ама тогаш земаме шеик.

Кога ќе помислам на шеикот ми текнува на Арап во бел чаршаф, една од најлесните маски за на маскенбал: ставаш бел чаршаф, горе ја врзуваш главата со црна врвка, си црташ брада и мустаќи и ајде на маскенбал. Шеик во Сингелиќ, потпрен со лактот на бутката додека во другата рака држи пијалок во раката и ме поздравува пред да отпие голтка.

Ама тоа што го земаме не е вистински шеик, туку шеик за пиење. Тетката ми полни боровница и после ми пушта од тој сладоледот од автомат, става сламка и ете го шеикот. Земаме по еден со дедо ми, тој го пие додека чекаме да дојде време за тргање.

На враќање, застанува пред куќа, ме пушта да излезам и продолжува со автобусот. Се враќам среќен со шеикот во рака и си потпивнувам од чашата додека баба ми ме пречекува во дворот.

Години поминаа пред да дознаам дека земаме шејк а не шеик, ама што е тоа важно сега, дали бил шејк или шеик. Црвената државна четириеспетка веќе ја нема, го нема веќе ни дедо ми, ја нема ни баба ми, а сè би дал за еден шеик со нив двајцата, дедо ми да вози, а јас и баба ми да стоиме пред шофершајбната, да гледаме напред во патот и да си пиеме од шеикот пловејќи низ улиците на градот на моето детство.
 

ОкоБоли главаВицФото