За афирмирањето на македонската музичка уметност

01.12.2020 13:54
За афирмирањето на македонската музичка уметност

Пред некој ден го прочитав интервјуто за „Културен печат“ (21-22.11.2020) на пијанистот Симон Трпчевски – реномиран и активен во највисоките кругови на интернационалната концертна дејност, а инаку мој драг соученик од нашите средношколски денови во тогашниот МБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

Обично случувањата на музичката сцена посветена на класичниот репертоар се наоѓаат само спорадично во мојот видокруг (– патот на развојот на моите музички интереси и афинитети ме доведе пред сѐ до проучувањето на одредени делови од репертоарот на постарата окцидентална музика, професионалната дејност во музичката филологија, како и до обиди за артикулирање на сопствени музички односно композиторски идеи); но секако дека убавите вести во врска со концертната дејност на Трпчевски стигнуваат и до мене.

Споменатово актуелно интервју, поточно одредени во него допрени теми, ме наведува да поразмислам околу некои состојби во македонската музичка уметност од една поинаква перспектива. На едно место Трпчевски вели: „Ние немаме автори од типот на Чајковски, Шопен, Брамс, Моцарт или Бетовен, но убаво е да се покаже нешто што нашите композитори можат да го изразат во поглед на народниот корен, односно конкретна тема од народното творештво да биде инспирација за композиција напишана на современ музички јазик. Тоа ги покажува индивидуалните квалитети на композиторот, но, исто така, го докажува и нашето постоење.“

Полето на дејност на еден музичар-изведувач на класичниот репертоар во окциденталната традиција го опфаќа воглавно творештвото на најинтензивно реципираните европски композитори во периодот од отприлика првата половина на 18. век до првите децении на 20. век – практично станува збор за богат избор на композиции од одредени композитори, создавани во текот на тие 200 години. Секако, македонските музички уметници посветени на оваа музичка култура ќе мораат засекогаш да живеат со недостигот на еден македонски, локален пандан на тој репертоар, создаван во времето и културниот контекст на класично романтичното западно творештво – тоа е нешто што не може да биде променето.

Меѓу другото може да се каже и дека овој класичен репертоар е често и цел еден свет и живот за класичниот музичар, до таа мера што не ретко музиката надвор од неговите рамки – просторно-културни како и временски – е доживувана и третирана како инфериорна во однос на него, на еден или друг начин. Така гледано, после врвните достигнувања во рамките на оваа музичка култура (западна музика со нејзиниот јазик на класично-романтичната функционална хармонија), впечатокот за многумина би можел да биде дека веќе нема што да се напише – како да сѐ што би било вредно за пишување е веќе и напишано. Често музичарот посветен на класичниот репертоар воопшто не може да се идентификува со музиката настаната после раната модерна, како ни со делови од репертоарот на самата рана модерна.

Можеби на прв поглед македонскиот фолклор, како локално музичко наследство од рабовите на западната цивилизација, би можел да изгледа како алтернатива, па и еквивалент на уметничката композиторска музика која е дел од западното музичкото наследство; но секако – повеќе од тешко е да се направи оваа споредба. Проучувањето на фолклорот е област на етномузикологијата, а неговото вистинско негување е во рацете на музичарите кои се обидуваат овој репертоар да го одржуваат и пренесуваат со зачувување на неговата автентична форма (на пример со адекватни изворни инструменти или вокални техники), за што постојат и соодветни институции. Проучувањето на западната уметничка музика, поточно класично-романтичниот репертоар, е во доменот на историската музикологија, а неговото негување е во рацете на нему посветените музичари-изведувачи, како и на институциите од кои што тие потекнуваат.

Обиди за поврзување на вакви различни музички култури имало и ќе има, често со продукти блиски до областа на crossover-проектите. Притоа мора да се нагласи дека таа пракса не може да се поистовети со честата појава на употреба на традиционални музички теми, мотиви и обележја во творештвото на македонските композитори во текот на 20. век. Надоврзување и употреба на фолклорни музички содржини било на различни начини присутно секогаш во уметничката музика (помеѓу 18. и раниот 20. век на пример, забележливо уште од Ј. С. Бах или Хајдн, па сѐ до Стравински или Барток), со тоа што тука во никој случај не станува збор за сведување на композиторот на аранжер во служба на народните теми, па нека е и во негов индивидуален стил согласно извесни современи композиторски изразни средства.

Од друга страна, наспроти ставот присутен помеѓу класичните музичари, дека класичниот репертоар е од различни причини супериорен во однос на други репертоари и евентуално повеќе вреден од подоцна настанатата уметничка музика, убаво е да се погледне кон фактот дека музика и воопшто уметност настанува секогаш и секаде каде што има и луѓе, со разлики зависни од просторот, времето и културниот контекст. Освен богатиот и вреден за негување и проучување македонски фолклор, историјата на македонската музичка култура во 20. век бележи и еден импресивен подем и развој на музичката уметност во окциденталната традиција.

Модернизацијата на Балканот воедно претставува и негова европеизација и се одвива во текот на 19. век (во тоа време воопшто „модернизацијата“ воглавно претставува „европеизација“). Во некои региони тоа се случува порано а во некои, како што е тоа случајот со Македонија – подоцна. Во првите декади на 20. век територијата на Македонија е доминантно рурална зона, во урнатините на долгото и мачно пропаѓање на отоманската империја, каде преовладува неписменост, а образовано население и култивирано граѓанство е реткост.

Оваа слика драматично се менува пред сѐ за времето на СФРЈ. Тогаш се основани, на пример, ФМУ (1966), МНТ (1945) или интернационално реномираниот фестивал „Охридско лето“ (1961), каде што македонската публика имала можност да следи концерти и на водечки музичари од светската сцена. Македонските музички уметници и доајени од овие рани генерации имаат меѓу другото и интернационални искуства (студиски престои во европски центри), композиторите се надоврзуваат на водечки европски и светски трендови: македонската музичка уметност се вклучува во западниот академски дискурс, за денес актуелните композитори и композиторки да се сосема природно дел од него.

Резултатите и плодовите на тој развој од 20. век е денешната македонска академска музика (како актуелната, така и наследството од 20. век), чие изведување патем припаѓа на дејноста на музичарите-изведувачи, музички образовани во традицијата на западната класична музика. Тоа е онаа современа, македонска музичка култура, која и понатаму треба да биде поддржувана, негувана и промовирана од македонските класични музичари-изведувачи во и надвор од земјата – секако, во согласност со нивните индивидуални афинитети, интереси, вкус и сензибилитет.

Македонската култура е недоволно позната во Европа и во светот (сепак станува збор за мала земја со малубројно население – на светов има доста градови со повеќе жители). За неупатените, често првите асоцијации за Македонија се: заостанатост, рурална средина, нејасни стереотипни претстави за некаква ориентална земја со свој егзотичен фолклор, обичаи и начин на живот... (За жал не ретко ние и самите потврдно одговараме на некои од овие стереотипи, вклопувајќи се во туѓиот наратив за нас...) Не секогаш се подразбира само по себе дека станува збор и за дел од европската култура, земја што може и сака да учествува во мрежата на европскиот културен живот. За ова да биде јасно, треба да продолжиме континуирано да вложуваме напори.

Грижата за афирмирање на македонската музичка култура во областа на класичната сцена логично би требало да се однесува во прва линија на творештвото на македонските композитори. Секако дека се за поздравување и други, на пример квалитетни crossover проекти (често ефектни за пошироката публика) и дека има место и за такви екскурзии во рамките на дејноста на класичните музичари и академски композитори – односно добредојдени се доколку квалитетот и нивото бидат задржани; но ако станува збор за грижа за афирмирање на актуелната македонска уметничка музика надвор од земјата и со тоа за афирмирање на значаен дел од автентичната македонска уметничка култура, тоа во прв ред би морало да се однесува на творештвото на македонските композитори. Се надевам дека во иднина сѐ почесто ќе се реализираат проекти од таков тип – се разбира, според можностите за присутност и учество на меѓународната сцена, што ја имаат музичарите кои оваа музика ја застапуваат.

Костадин Делиниколов, роден во Скопје, последниве 20 години живее и работи во Германија, магистер e по музикологија, долгогодишен соработник на музиколошкиот институт при Универзитетот во Падерборн, Германија, предавач на факултетот за музика во Детмолд, Германија.

 

Слики: Stuart Davis, Piet Mondrian, Paul Klee, Wassily Kandinsky

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото