Империја на фантазијата

01.12.2020 15:17
Империја на фантазијата

 
Многу нешта се имаат променето во жанрот на фантастиката во последниве декади, но зборот „фантазија“ сѐ уште асоцира на слики на змејови, дворци, херои-мечувалци и предмодерна дивина исполнета со магија. Поголемите медиски феномени како „Хари Потер“ и „Игри на тронови“ помогнаа средновековната фантастика да влезе во мејнстримот, и ако ја погледнете детската секција на речиси која било продавница ќе најдете санитизирани верзии на магичниот Среден Век спакувани за младите од секоја возраст. Како фантастиката сместена во псевдо-средновековни, претежно британски светови, постигна таков културен статус? Иронично, модерната форма на овој широко популарен жанр, често поврзувана со ескапизмот и детинетоста, била зачната во еден од најелитните простори на академскиот свет.

Срцето на фантастичната книжевност потекнува од фикцијата и научното наследство на двајца проучувачи на средновековието на Универзитетот Оксфорд: Џ. Р. Толкин и Ц. С. Луис. Познато е дека Толкин и Луис биле пријатели и колеги и биле дел од писателската група наречена the Inclings каде споделувале нацрти од својата поезија и проза на Оксфорд. Таму го развиле она што ќе се претвори во книгите за Средната земја на Толкин, почнувајќи од романот за деца „Хобитот“ (1937), a потоа и „Господар на прстените“ и серијата „Хрониките на Нарнија“ на Луис, која била експлицитно насочена кон деца. Влијанието на Толкин врз фантастичниот жанр е толку важно што во 1990-ите американскиот проучувач Брајан Атебери го дефинирал жанрот „не преку неговите граници туку преку неговиот центар“: Средната земја на Толкин. “„Толкиновата форма на фантастика, за читателите на англиски, е нашиот ментален шаблон“ за сета фантастика, вели тој во „Стратегии на фатазијата“ (1992). Книгите на Луис, во меѓувреме, се иконични и како детска книжевност и како фантастика. Повторливата структура на заплетот - современи деца кои се измолкнуваат од овој свет за да спасат магичен, средновековен паралелен свет станал еден од најчестите пристапи во жанрот, идентификуван во таксономијата на фантастиката на Фара Мендлесон како „portal-quest“ (потрага преку портал).

Помалку е познато е дека Толкин и Луис исто така ја дизајнирале и ја воспоставиле наставната програма на Оксфорд, и преку неа едуцирале втора генерација важни автори за деца во жанрот фантастика според сопствениот интелектуален лик. Воспоставена во 1931 година, оваа програма се фокусирала на средновековниот период речиси исклучувајќи ги останатите ери; го обликувава материјалот за читање и анализите на студентите сѐ до 1970-ите, а некои аспекти се задржани и денес. Иако досега имало релативно мало внимание посветено на врската, овие активности – фантастичното пишување, често за деца, и дизајнот на наставната програма во најстариот и најпрестижниот универзитет во Англија – биле тесно поврзани. Фикцијата на Толкин и на Луис редовно алудира на дела во програмата што ја создале, и нивните наследници образовани на Оксфорд на сличен начин влечат од овие средновековни извори кога тргнуваат да пишуваат сопствена фантастика за деца во подоцнежните декади. Така, Толкин и Луис можеле да остварат двоен напад, и внатре и надвор од академијата, врз релативизмот, амбигвитетот и прогресивизмот што го гледале и го презирале во модерноста на 20-от век.


Толкин ја артикулирал својата нетрпеливост околу културните промени што ја опфаќале Британија, како „американската санитација, мотивационите говори, феминизмот и масовното производство“, нарекувајќи го „овој американски космополитизам многу застрашувачки“ и предлагајќи во писмо од 1943 до неговиот син Кристофер дека, ако е ова исходот од Сојузничната победа во Втората светска воја, не бил сигурен дека победата ќе биде подобра за „умот и за духот“ – и за Англија – во споредба со загубата од нацистичките сили.

Луис го делел ова гадење од „модерната“ технологизација, секуларизација и брзо расклопувачките хиерархии на расата, родот и класата. Тој и Толкин таквите широки поместувања ги гледале во менливите (и, според нивна проценка, опасно помодарски) книжевни норми. Пишувајќи во 1930-ите, Толкин ги напаѓал „критичарите“ што го занемарувале фантастичниот змеј и огровите во Беовулф како „немодерни суштества“ во познат есеј за таа старо-англиска поема. Луис ги омаловажувал модерните книжевници во неговиот „Критички експеримент“ (1961), исмејувајќи ги обожавателите на современите миленици како Т. С. Елиот и тврдејќи дека „додека ова се случува на долниот спрат, единственото вистинско книжевно искуство во такво семејство може да се случува во некоја задна спална соба каде мало момче го чита ‘Островот на богатството’ под светлина на електричен факел“. Ако новата книжевна култура забрзано се слизнувала во морален распад, Толкин и Луис го идентификувале спасот во автентичното, детско уживање во авантури и бајки, особено оние сместени во средновековни предели. Така, необично наоружани со средновековието и со детството, тие предводеле кампања која се потпирала на ширењето на фантастичното и во популарната и во научната сфера. Неверојатно, биле извонредно успешни, оставајќи далекусежни траги врз глобалната имагинација преку лансирање алтернативна нишка на пишување која прво циркулирала помеѓу децата-читатели.

Овие читатели желно го читале „Хобитот“, подоцна, „Господарот на прстените“ како и серијата „Хрониките на Нарнија“. Но читале и фантастика од подоцнежни автори кои започнале да пишуваат по оваа линија – вклучително и неколку поголеми британски автори кои учеле според англиската наставна програма што Толкин и Луис ја воспоставиле на Оксфорд. Оваа програма била наспроти тенденциите на другите универзитети во тоа време. Додека модернизмот станувал канон и критичката теорија била во пораст, на Оксфорд се барало од студентите да ги читаат и коментираат фантастичните рани англиски дела како „Беовулф“,„ Сер Гавен и Зелениот витез“, „Сер Орфео“, „Смртта на Артур“ и „Патувањата на Џон Мендевил“ на оригиналните средновековни јазици.


Овие текстови студентите требало да ги анализираат како книжевност, а не само како лингвистички екстракти, што е забележлива разлика од повообичаениот пристап кон средновековната книжевност во тоа време. Толкин и Луис идентификувале конкретни морални поуки и „патриотски“ увиди во националниот карактер во овие магиски приказни од минатото. Минатото кое го сликале секако не било Англија каква што била во Средниот век, туку Англија како што поетите ја замислувале: маѓепсаната област на хероизмот, праведноста и романсата каде националистите од 19 век го идентификувале моралното и расното срце на нацијата. (Програмата на Оксфорд, во оваа смисла, била навраќање на корените на англиските студии во колонијалното образование, што – како што книжевниот проучувач Гори Висванејтан покажа во „Маските на освојувањето“ (2014) – често се обидувало да го докаже англиското право на владеење низ славата на националната книжевност.)

Уникатната образовна програма што ги доминирала англиските студии на Оксфорд речиси 40 години официјално ги позиционирала средновековните дела исполнети со магија како типични примери од англиската книжевност за генерациите студенти кои минувале низ ходниците на моќниот универзитет. Дајана Вин Џонс, Сузан Купер, Кеви Кросли-Холанд и Филип Пулман, кои диломирале помеѓу 1956 и 1968 година, влечат од средновековни и рани модерни книжевни извори, многу од нив директно земени од Оксфордската програма, за да креираат нова, т.н. сериозна фантастика за млади читатели. Серијата од пет книги „Темнината се крева“ (1965-77) на Купер и трилогијата „Артур“ (2000-03) на Кросли-Холанд ѝ даваат на приказната на Кралот Артур свеж контекст и призвук што придонесува за разбирањето на современа Британија во тоа време; во меѓувреме, делата на Џонс и Пулман сакаат да ги пресвртуваат очекувањата во жанрот едновремено воведувајќи ги новите генерации читатели во раната англиска книжевност. Сите тие ја слават наводната мудрост на старите приказни и го следат централниот принцип што Толкин го поставил за магичните приказни: „едно нешто не смее да биде исмевано - самата магија. Во приказната таа мора да биде земена сериозно, да не биде исмевана ниту објаснувана.“

Реосмислувањето на средновековните текстови за модерната публика од страна на Оксфордската школа, ги вбризгала овие наративи во јавната свест, во голема мера избегнувајќи го елитниот или научниот поглед бидејќи нивните дела биле брендирани како книжевност за деца. Во исто време, земањето стари, канонски текстови како основа за нови приказни помогнало нивните текстови да добијат историска длабочина и културна тежина и да понудат ставови за сегашноста. На пример, епизодата со змејот на крајот од „Хобитот“ е полна со паралели со онаа на Беовулф, од кражбата што го буди црвот до неговиот деструктивен бес. Но, „Хобитот“ го користи овој наратив да соочи традиционалистички херој со сина крв (Бард, чие име значи поет, раскажувач) наспроти недоверлив изгласан функционер, потенцирајќи го значењето на конзервативните традиции пред каприците на лесно манипулираните маси. Романот на Толкин завршува со среќното откритие на оваа поука од страна на протагонистот Билбо: „пророштвата на старите песни сепак излегоа вистинити!“


(продолжува)

Илустрации: Џ. Р. Р. Толкин
Извор:
Aeon

Слични содржини

Книжевност
Книжевност / Психологија / Теорија
Графички Дизајн / Историја
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото