Се случи во 1969 година

04.12.2020 01:10
Се случи во 1969 година

Хипичката контракултура и сексуалното ослободување

Бројката од насловот не е кликбејт за љубителите на еросот, иако шеесет и деветката може да асоцира на сликичка од сексуален прирачник или на еротска илустрација од индиската Кама Сутра, можеби и на популарните сајтови за возрасни, ако си возбуден тинејџер или заљубеник во хардкор поетиката, но 1969-та во текстов е интересна само како година.

Таа 1969-та, фотографирајќи се на пешачкиот премин на лондонскиот Аби Роуд, Џон, Пол, Џорџ и Ринго овековечија еден момент во времето. Тогаш не можеа да знаат дека тоа ќе стане најзнаменитата фотографија на Битлси, и генерално еден од иконските поп-културни фото записи. Свингинг Лондон се нишаше во ритамот на Ролинг Стоунс и Кинкс. Мини здолништата, цветните дезени, дречливите сакоа и поекспресивната шминка беа дел од модното шаренило на свингинг културата. Една динамична поп револуција се живееше интензивно.

Во 1969 година се случи и Вудсток. Хипичката контракултура и сексуалното доживеаја кулминација. Некоја Линда и некој Џон водеа љубов на ливада, им се препуштија на сетилните сензации и романтичните доживувања. Половата страст и емоциите се хармонизираа на Вудсток. На полето се ширеше мирис на марихуана, ЛСД-то ги отвораше вратите на перцепцијата, така барем велат Алдоус Хаксли и љубителите на неговите подоцнежни дела. Шареното хипиштво ги ширеше идеите за слобода и заедништво. Во светот се испраќаа љубов и антивоени пораки. Водете љубов, а не војна, е парола која се врежа во колективната свест на една генерација.

А потоа, ни два месеци подоцна, на првата програма на Би Би Си, Џон Клиз изговори: А сега нешто сосема поинакво. И така беше. Во телевизискиот етер протатне Летечкиот циркуз на Монти Пајтон. И ја вџаши пуританска Британија, навикната на поконвенционален тип на хумор и традиционални гегови.

Па така можеа да се видат распеани дрвосечачи кои сакаат да се облекуваат во женска облека. Постари тетки и бабички кои со ташни се тепаат во калта, симулирајќи ја битката кај Перл Харбор. Маркс, Ленин, Че Гевара и Мао Це Тунг во тв квиз каде им се поставуваат прашања за англискиот фудбал. Пикасо, Кандински и Мондријан ја сликаат Англија возејќи велосипед, додека водителот од Би Би Си ги следи френетично. Фудбалски натпревар помеѓу античките и германските филозофи која ја суди Конфучиј, натпревар во кој Ниче добива жолт картон, а Сократ го постигнува победничкиот гол. И така натаму и слично на тоа, а тука се и надреалните анимации на Тери Гилијам како заштитен знак на серијалот.

Џон Клиз, Ерик Ајдл, Мајкл Пејлин, Тери Џонс, Греам Чепмен и Тери Гилијам ги разбија тврдите рамки на тогашниот хумор. Исмејуваа сѐ по ред: религијата, сексуалноста, национализмот, војската, историјата, интелектуалците, филозофите, уметниците, водителите од Би Би Си, британското општество, Европа... Исмејуваа цели канони мисли. Нивниот хумор имаше субверзивна острица. Па сепак, субверзивното дејствување и општествениот ангажман на Пајтоновците не беа примарни, впрочем не им беа важни. Важно им беше асално да се шегуваат. Тоа беше хумор заради хумор, своевидна уметност заради уметност.

Тој бран од плимата на новиот хумор подоцна ги заплисна сите делови од светот. Да речеме, тогашна Југославија. Пајтоновската форма во Југославија ја презеде сараевската Топ листа надреалиста, исполнувајќи ја со домашни бизарности и специфичен локален хумор, баш во Југославија и баш таа 1969 година. Орсон Велс и Јул Бринер војуваа еден против друг по херцеговските кањони, се снимаше Битката на Неретва, екранизација на можеби и најславната битка од Втората светска војна во Западен Балкан, како што денес геополитички се нарекува овој дел од светот. Орсон беше весел Рамногорец со шубара на главата, а Јул Бринер партизански герилец. Не е познато дали Клиз, Ајдл и екипата го гледале филмскиот спектакл на Булајиќ, но нивното поимање на Втората светска војна и онака е нешто сосема поинакво во однос на официјалната верзија. Пајтоновците во своето толкување на овој меѓународен конфликт дадоа огромен придонес за жанрот на алтернативната историја.

Како и да е, нацистите во Втората светска војна не ги порази ни мудроста на Черчил ни герилците на Тито, ни Битката за Британија ни Битката за Сталинград, ни сојузничката инвазија во Нормандија, ни митролезот на Бата Живоиновиќ - им пресуди ни повеќе ни помалку туку еден - виц! И тоа не каков било виц, туку најсмешниот на светот, или во оригинал - Убиствена шега (Killer Joke). Никој не можеше да го прочита и да остане жив, а најпосле е преведен на германски што претставуваше пресвртница во Втората светска војна.

Во скечот Killer Joke британските војници лесно, со хартија во рака, трчкаат кон нацистичките ровови и хорски го читаат вицот. Германските војници, згрчени од смеење, паѓаат како покосени. Одвратните Шваби буквално умираат од смеење. Нацистичка Германија најпосле капитулира. Убиствената шега го декласираше Третиот Рајх.

1969 година беше епохална за хуморот, а шесторката од Летечкиот циркуз е најзаслужна за тоа. Хуморот од 20 век со Монти Пајтон ја доби својата авангарда, доби експериментална форма, иновативна идеја и урнебесна изведба. Пародијата и фарсичноста со Монти Пајтон добија ново руво. Една необична идеја се реализираше како ТВ шоу и влезе во телевизискиот и поп-културниот канон.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.xxzmagazin.com

Слични содржини

Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика
Европа / Балкан / Култура
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото