Дрвјата паметат! – Интервенција во јавен простор на Филип Јовановски

04.12.2020 12:24
Дрвјата паметат! – Интервенција во јавен простор на Филип Јовановски

Филип Јовановски своето дело насловено „Дрвјата паметат!” го развива како долгорочен проект, кој денеска (четврток, 4 декември), го започна како акција во јавен простор, поставувајќи натпис на хотелот Бристол.

Дрвјата паметат!” е истражувачко дело во процес кое започнува со оваа акција на „сеќавање” на историјата на градот (и на светот), преку паметењето на дрвјата.

„Со оваа акција започнуваме да градиме архива на сеќавања на дрвјата, архива на сеќавања на насилството и уништувањето на јавните простори во градот. Оваа акција ја започнуваме во паркот кај хотелот Бристол, местото каде што сеуште се слуша крикот на исечените дрвја, звукот на моторните пили, се гледаат сенки од лицата на уапсените мирни граѓани врз оклопните возила на специјалните полициски единици, а сето тоа дрвјата го паметат. Нашето општество заборава, често заборава, а пак наша работа е колективно да се сеќаваме за да одиме напред, без заборав на нашата солидарност и борба за јавниот простор“, вели Јовановски.

 Сеќавање бр. 1: Паркобрани – парк кај хотел Бристол – Насилство во центарот на Скопје
…“Дрвјата паметат!” приказни на 11 граѓани кои беа уапсени од 400 припадници на единиците за брзо распоредување, една тивка септемвриска скопска ноќ, додека го чуваа паркот спроти хотелот Бристол во центарот на Скопје. По неколкучасовен притвор беа ослободени. Кај паркот пред Бристол беа поставени железни огради. Забележливо беше зголемено полициско присуство. Полицијата не дозволи одблизу да се фотографира делот каде што се планира да се гради административна зграда. Таа ноќ во паркот кај Бристол, 11 граѓани учествувале во одбрана на паркот, а подоцна, 11 граѓани од светот, меѓу нив се наоѓал и францускиот марксистички филозоф Анри Лефевр и филозоф, чилеанскиот поет Виктор Хара со неговите колеги Франсоа Вијон, Булат Окуџава, Васко Попа на кои подоцна им се придружил и Бертолт Брехт заедно со Дејвид Харви поставија табла во паркот кај хотелот Бристол за да им оддадат почит на борбата на овие храбри граѓани…“

„Дрвјата и начинот како е планиран еден град, особено во пост-земјотресно Скопје е исклучително (политички) важен аспект во планирање и живеењето во градот. Изминативе неколку години со драстичното брутално уништување на јавниот простор во градот Скопје, дрвјата(скоро колку и граѓаните) испаднаа од една страна нај-незаштитените елементи на градот, но пак од друга најсериозните точки на отпор на капиталистичките тенденции во градското планирање. Дрвјата гласно „протестираа” изминатава декада и пол. Дрвјата сакаа да покажат дека се дел од културното наследство на градот, и така треба да се третираат.

Дрвјата се носители на знаење/меморија за градот, на одговорноста кон планирањето на градот но и на општеството во целина. Дрвата се како книги. Ако ги собереме паметењата на сите дрвја во градот може да се направи една архива од знаења што го носат, паметат со децении, со векови, носат историја на еден град, ја рефлектираат сликата на градот, но кога ги сечат тоа трае само неколку минути. Звукот на нивното сечење како крик на борбата за слобода на јавниот простор одекнува сеуште низ улиците на Скопје“, се наведува во образложението.

Локомотива – центар за нови иницијативи во уметноста и културата во 2020 година во рамки на програмата „Други простори“ поддржа развој на три современи уметнички дела на домашните уметници: Зорица Зафировска, Оливер
Мусовиќ и Филип Јовановски.

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Култура / Уметност
Јавни простори / Фотографија / Уметност / Око
Јавни простори / Култура / Уметност
Јавни простори / Свет / Уметност / Историја
Јавни простори / Уметност

ОкоБоли главаВицФото