Фрагменти на анархистичката антропологија (2)

07.12.2020 01:49
Фрагменти на анархистичката антропологија (2)

Една хипотеза.

Според своето потекло, мнозинската демократија е суштински воена институција.

Секако, необична предрасуда на западната историографија е тоа што се работи за единствен вид демократија која воопшто може да се смета за „демократија“. Вообичаено ни се вели дека демократијата настанала во Атина во античката доба - како науката или филозофијата, така и демократијата претставува грчки изум. Никогаш не е сосема јасно што впрочем тоа треба да значи. Дали би требало да верувам дека никој пред атинците никогаш, никаде не се досетил да ги собере сите членови на една заедница за да донесат заеднички одлуки, на начин секој да има еднакво право на глас? Тоа би било смешно. Јасно е дека постоеле многу егалитарни општества низ историјата - многу од нив биле далеку поегалитарни од атинското и кои мора да постоеле пред 500 години п.н.е - и секако дека морале да имаат некаков вид процедури за донесување одлуки од заедничко значење. Сепак, некако секогаш се претпоставува дека тие процедури, какви и да биле, никако не можеле во вистинска смисла да бидат „демократски“.

Дури и учените со инаку беспрекорно радикални уверувања, промотери на директната демократија, понекогаш имаат тенденција да се свиткаат како переци кога се обидуваат да го оправдаат таквиот став. Не-Западните егалитаристички заедници се „засновани на сродство“, вели Мареј Букчин. (А Грција не била? Секако, атинската агора сама по себе не била заснована на сродство, но исто така не биле ни малгашката фоконолона или балинезиската сека. Па што?) „Некои зборуваат за демократијата на Ирокезите или Берберите“, вели Корнелиус Касторијадис, „но тоа е злоупотреба на терминот. Станува збор за примитивни општества кои претпоставуваат дека општествениот поредок им е даден од боговите или духовите, а не дека е утврден од страна на луѓето, како што било во Атина.“ (Навистина? Впрочем, „Лигата на Ирокезите“ била спогодбена организација која ја посматрале како заеднички договор, создаден во историски времиња и постојано подложен на промени. Аргументите никогаш немаат смисла. Но, и не мора да имаат, зашто тука воопшто не станува збор за аргументи, колку за просто одмавнување со рака.

Првата причина за одбивање кај мнозинството учени да го посматраат селскиот совет на Сулавезите или Талензите како „демократски“ - освен простиот расизам, неволоста да се признае дека кој било кого Западњаците неказнено го масакрирале би можел да биде на нивото на Перикле - лежи во тоа што тие не гласаат. Навистина, ова е интересен факт. Зошто да не? Ако ја прифатиме идејата дека кревањето рака или сместувањето на сите оние кои поддржуваат некој предлог на една страна на плоштадот, додека оние кои се против стојат на другата страна, се толку софистицирани идеи што никому не би паднале на ум додека некој антички гениј не ги „измислил“, тогаш зошто се користат толку ретко? Повторно се чини дека имаме пример на експлицитно отфрлање. Одново и одново, ширум светот, од Австралија до Сибир, егалитарните заедници преферирале некаква варијација на процес заснован на консензус. Зошто?

Го предлагам следното објаснување: во заедница во која се комуницира лице в лице многу е полесно да се дознае што сакаат мнозинството членови на заедницата, отколку да се смисли како да се убедат во нешто оние кои не го сакаат тоа. Одлучувањето по пат на консензус е типично за општествата во кои не постои шанса малцинството да се натера да се сложи со одлуката на мнозинството - без разлика што не постои држава со сопствен монопол над присилата или затоа што државата нема никаква врска со донесувањето одлуки на локално ниво. Ако не постои начин оние кои ја сметаат одлуката на мнозинството за лоша да се принудат да ја прифатат, тогаш гласањето е последното нешто што некој би го посакал: јавен натпревар во кој некој мора да изгуби. Веројатно гласањето би било најлесно средство кое би довело до понижување, предизвикување одбивност, омраза, а на крајот и до разорување на самите заедници. Она што го гледаме како комплициран и тежок процес за наоѓање консензус, впрочем е долг процес со кој се обезбедува ниедна личност да не замине мислејќи дека нејзините размислувања биле сосема занемарени.

Можеме да кажеме дека мнозинската демократија може да се создаде само кога ќе се совпаднат два фактори:

1. чувство дека сите луѓе треба да имаат еднакво право на глас во донесувањето групни одлуки, и
2. апарат на принуда кој е во состојба да ги спроведе тие одлуки.

Во најголемиот дел од човечката историја мошне ретко се случувало двата фактори да постојат во исто време. Таму каде што постојат егалитарни општества, систематската принуда вообичаено се смета за погрешна. Таму каде што постоела машинерија за принуда, на оние кои ја користеле не им паѓало на ум да спроведуваат некаква волја на народот.

Јасно е зошто е важно тоа што античка Грција била едно од најнатпреварувачки ориентираните општества познати во историјата. Станува збор за општество кое имало тенденција сѐ да претвора во јавен натпревар, од атлетиката до филозофијата или трагичната драма или што било друго. Затоа не делува баш како изненадување тоа што и донесувањето политички одлуки го претвориле во јавен натпревар. Уште позначајно е тоа што одлуките ги донесувал вооружен народ. Аристотел, во својата Политика, забележува дека устројството на грчкиот град-држава главно зависи од тоа која е најважната гранка на војската: доколку тоа е коњицата, тогаш во прашање е аристократијата, зашто коњите се скапи. Ако тоа е оклопната пешадија, тогаш во прашање е олигархија, зашто не можеле сите да си дозволат оклоп и тренинг. Доколку моќта им е заснована на морнарицата и лесната пешадија, може да се очекува дека ќе се работи за демократија, зашто секој знае да весла или да користи стап. Со други зборови, ако човекот е вооружан, тогаш неговото мислење мора да се земе предвид. Најдобро може да се види како сето ова функционирало во Анабазата на Ксенофон, која зборува за војската грчки платеници кои ненадејно остануваат без водач, изгубени среде Персија. Тие прво избираат нови офицери, а потоа колективно гласаат што да прават следно. Во овој случај, дури и одност на гласовите да бил 60/40, сите би можеле да видат каков е односот на силите и што би се случило доколку дојде до конфликт. Секое гласање, во вистинската смисла на зборот, било освојување.

Римските легии на сличен начин знаеле да бидат демократски; тоа било главна причина зошто никогаш не им било дозволено да влезат во градот Рим. А кога Макијавели ја оживеал идејата за демократска република на почетокот на „модерната“ ера, веднаш се вратил на концептот вооружан народ.

Ова би можело да го објасни терминот „демократија“, кој се чини дека е скован како навреда од страна на елитистичките противници на ваквото уредување: тој буквално значи „сила“ или дури „насилство“ на народот. Кратос, не аркос. Елитистите кои го сковаа овој термин секогаш сметаа дека демократијата не се разликува премногу од обичен бунт или владеење на толпата; додуша, нивното решение е постојано освојување на народот од страна на некој друг. И она што е иронично, кога успевале токму заради оваа причина да ја сузбијат демократијата, а тоа се случувало често, резултатот бил тоа што народот својата волја ја изразувал токму преку бунт, практика која станала мошне институционализирана, да речеме, во царски Рим или во Англија во 18 век.

Сето ова не значи дека директните демократии - на начинот на кој се практикувани, на пример, во средновековните градови или на градските станици во Нова Англија - вообичаено не претставувале мирни и достоинствени случувања; иако може да се претпостави дека во тој случај во основата постоел одреден вид барање консензус. Сепак, овој воен подтекст им дозволил на авторите на Федералистичките записи, како и речиси на сите писмени луѓе од таа доба, да го земат здраво за готово она што го нарекувале „демократија“ - со што мислеле на директна демократија - според својата природа најнестабилен, турбулентен облик на владеење, а покрај тоа и облик на владеење кој ги загрозува правата на малцинствата (а конкретните малцинства што ги имале на ум во случајов биле богаташите). Дури откако терминот „демократија“ бил речиси потполно трансформиран, така што во него бил вклучен принципот на претставување - термин кој сам по себе има мошне необична историја, зашто како што истакнува Корнелиус Касторијадис, првобитно се однесувал на оние кои го претставувале народот пред кралот, односно внатрешните амбасадори, а не оние кои имале моќ во секаква смисла - можел да биде рехабилитиран, во очите на политичките теоретичари со привилегирано потекло и тогаш го стекнал значењето што го има денес.

Во одредена смисла се покажува дека анархистите сметаат дека се во право сите оние десничарски политички теоретичари кои инсистираат дека „Америка не е демократија, туку република“. Разликата е во тоа што на анархистите тоа им пречи. Тие сметаат дека Америка би требало да биде демократија. Додуша повеќето од нив прифаќаат дека ни традиционалната елитистичка критика на мнозинската демократија не е сосема без основа.

Претходно веќе споменав дека секој општествен поредок на одреден начин е во војна со себеси. Оние општества кои не сакаат да воспостават насилен апарат за спроведување одлуки нужно мора да развијат апарат за постигнување и одржување општествен консензус (барем во најтесна смисла, така што ќе се осигураат дека оние што се противат ќе можат да чувствуваат дека самите слободно избрале да се сложат со лошите одлуки); како очигледен резултат, оваа внатрешна војна на крајот се проектира однадвор и се манифестира во бескрајни ноќни битки и разни облици на насилство. Мнозинската директна демократија постојано се заканува дека ќе ги разоткрие овие линии на конфликт. Заради оваа причина, таа има тенденција да биде мошне нестабилна: или попрецизно кажано, доколку потрае, тоа е благодарение на тоа што нејзините институционални форми (средновековниот град, градските совети во Нова Англија, но кога станува збор за тоа и истражувањето на јавното мислење, референдумите...) речиси секогаш се сместени во рамки на пошироката рамка на владеење, во која владејачките елити ја користат истата нестабилност за да го оправдаат својот краен монопол над средствата за насилство. Најпосле, оваа закана за нестабилност станува изговор за еден толку минимален вид „демократија“ која се сведува на инсистирањето дека владејачките елити треба повремено да се консултираат со „јавноста“ - во рамки на внимателно наместени натпревари, преполни со бесмислени двобои и турнири - за одново да го утврдат своето право да продолжат да донесуваат одлуки наместо другите.

Ова е замка. Заради постојаното тетеравење помеѓу овие два концепти останува екстремно мала веројатноста некогаш да се замисли дека би било можно луѓето навистина да управуваат со сопствените животи, без помошта на „претставниците“. Токму заради тоа, новото глобално движење започна со ново промислување на самото значење на демократијата. Уште еднаш, за да се направи тоа потребно е да се соочиме со фактот дека „ние“ - било како „Запад“ (што и да значи тоа), како „модерен свет“ или што било друго - не сме толку посебни колку што сакаме да мислиме дека сме; дека не сме единствените луѓе кои некогаш ја практикувале демократијата; наместо „западните“ влади да ја шират демократијата во светот, тие, впрочем, се вметнуваат во животите на луѓето кои ја практикуваат демократијата илјадници години и на еден или друг начин им кажуваат да престанат со тоа.

Едно од нештата кои охрабруваат најмногу во врска со овие нови движења, кои се инспирирани од анархизмот, е тоа што тие предлагаат нова форма на интернационализам. Постариот, комунистички интернационализам имаше неколку прекрасни идеали, но во организациска смисла, сите во основа пловеа во ист правец. Интернационализмот стана средство со чија помош режимите надвор од Европа и нивните населенички колонии се учеа на западните стилови на организирање: партиски структури, пленарни седници, чистки, бирократски хиерархии, тајна полиција... Овојпат - тоа можеме да го наречеме втор бран на интернационализмот или само анархистичка глобализација - движењето на организациските форми во најголем дел се упати во друг правец. Не се работи само за процес заснован на консензус: идејата за масовна ненасилна директна акција прво се разви во Јужна Африка и Индија; постоечкиот модел на вмрежување први го предложија бунтовниците од Чиапас; дури и идејата за сродните групи е по потекло од Шпанија и Латинска Америка. Плодовите на етнографијата - и техниките на етнографијата - во случајов можат да бидат од огромна помош, доколку антрополозите успеат да го надминат своето - колку и да е разбирливо - колебање, да ја признаат сопствената често бедна колонијална историја и да почнат да го гледаат она на кое седат, не како некоја грешна тајна (која сепак е нивна грешна тајна и ничија друга), туку како на заедничка сопственост на целото човештво.

Крај.

Кон првиот дел.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Laurie Lipton

Извор: https://zajednicko.org/

Слични содржини

Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Историја
Теорија / Историја
Општество / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото