Тотален лаик ја води Британија низ економските потешкотии

07.12.2020 00:55
Тотален лаик ја води Британија низ економските потешкотии

Борис Џонсон и Риши Сунак

Појадокот почнува во осум часот наутро, а гостите мора да се послужат со кроасани и сок пред Риши Сунак, британскиот канцелар на благајната (министерот за финансии) да влезе во пренатрупаната трпезарија со дабови маси во неговата официјална резиденција во Лондон, Даунинг стрит број 11.

Состаноците како овој, со групи пратеници од Конзервативната партија, му овозможуваат на Сунак да создаде мрежа за поддршка во парламентот. За законодавците, ова претставува можност да се запознаат со некој кој, според очекувањата на многумина, би можел да се всели во соседната куќа - број 10, домот на премиерот на Обединетото Кралство.

Практично сосема непознат пред десет месеци, Сунак ги изненади речиси сите во британската политика - па можеби дури и човекот кој му ја даде довербата, премиерот Борис Џонсон, кој изгуби голем дел од поддршката на јавноста во текот на пандемијата.

„Риши Сунак има одлики кои многу очигледно му недостасуваат на претседателот на владата; не само основните компетенции туку и сфаќањето на деталите“, вели Тим Бејл, професор по политика на Универзитетот на кралицата Марија во Лондон.

Неодамнешното истражување спроведено меѓу членовите на партијата на сајтот ConservativeHome го постави Сунак (40) на убедливото прво место според позитивните оценки. Борис Џонсон беше на дното на листата.

Споредете го тоа со истражувањето кое го направи професорот Бејл минатиот декември. Тогаш ги праша членовите на партијата кој би требало да дојде на местото на Борис Џонсон доколку тој се повлече. „Вкупно петмина од 1 191 испитаник го кажале името на Риши Сунак“, вели тој. „А не сум ни сигурен дека точно го спелуваа неговото име“.

Кога беше катапултиран на своето работно место во февруари, Сунак беше во сенка на Џонсон, човекот кој непосредно пред тоа оствари убедлива победа на изборите.

Но за време на пандемијата Борис Џонсон имаше големи проблеми со довербата, а Сунак изгледаше како светилник на мирот и компетентноста. Брзо интервенираше во економијата, одредувајќи милијарди фунти за помош на претпријатијата. Кога се воведоа нови рестрикции во некои делови од земјата, пред новиот национален карантин најавен последниот ден од октомври, Сунак наведе дека погодените делови ќе имаат поддршка.

Џонсон ризикуваше со ангажирањето некој што е многу посакуван и способен како што е Сунак. Со своето индиско потекло, тој е подвижна реклама за успехот на модерната, мултирасна Британија.

Сунак работеше за Голдман Сакс и за два инвестициски фондови пред да стане пратеник во 2015 година. На референдумот за излегување на Обединетото кралство од Европската унија следната година, тој го поддржа Брегзитот. Таа одлука му го забрза подемот во партијата.

Софија Гастон, директорка на Групата за британска надворешна политика и истражувачка во Лондонската школа за економија, вели дека канцеларот бил во привилегирана положба за време на пандемијата да се однесува како Божиќ Бата.

„Тој беше еден од ретките политичари кои им носеа подароци на граѓаните без да им ги земат“.

„Сепак, тој не смее да изгледа како премногу да се грижи околу тоа“, вели професорот Бејл. „Од друга страна, не смее ни да ги пропушти приликата и моментот“.

Извор: New York Times/International Report