За обединувачката хистерија

07.12.2020 21:45
За обединувачката хистерија

Современиот германски филозоф Петер Слотердијк на едно свое исклучително луцидно предавање – како што ни раскажува Иванчиќ – насловено како „Силна причина да се биде заедно“, нациите ги дефинирал како „колективи на заедничко слушање“, во кои медиумите ја преземале водечката улога – пред религијата и образованието – во создавањето и одржувањето на живото, растреперено, па дури и везден возбудено национално чувство – чувство на колективна идентификација. Оваа своја витална ролја во животот на нациите „националжурнализмите“ – како што ги нарекол Слотердијк – ја вршат создавајќи „масовни психо-акустични инсценации“ во кои се дига температурата на националната топилница, во која се хомогенизира националното чувство, во кое националното се одржува во врела, хомогенизирана и полутечна, активна и „возбудена“ состојба.

Националното заедништво така прераснува во еден вид национален аутизам, зашто нацијата станува ентитет што „се слуша и чита самата себеси, што се гледа себеси на телевизија и заедно се информира и возбудува“. „Слободните медиуми“ што – сите од ред – ја преземаа спонтано улогата на средство за колективно (национално) информирање, автоматски стануваат средство за еден вид аутистичка национална „заробеност“, која – секогаш кога ќе затреба – се побудува да се „подигне“ и да се трансформира во занес, егзалтација или колективна омраза. Националжурнализмот во овие ситуации станува главното средство за произведување на „вообединувачката хистерија или интегрирачката паника“.

Според оваа по малку цинична но застрашувачки вистинита теорија на Слотердијк, модерните нации се „општества на самовозбудувањето“ што својата форма и хомогеност – својот опстанок, дури – го обезбедуваат со постојано медиумски индуциран стрес, еден вид контролирана хистерија и паника „од послаб интензитет“, со кој се одбегнува осипувањето на националното тело, со кој се бијат центрифугалните сили, и со кој се одбегнуваат честопати оправданите прашања за самата смисла на заедништвото.

 

 Медиумска хистерија

Таа перманентна медиумски индуцирана хистерија и паника најлесно се одржува со побудување на една од човековите најомилени афектации: со самовиктимизацијата. Се отвораат и се посипуваат со сол старите рани – внимателно, посветено и тивко негувани никогаш да не зараснат – се оживуваат лажните сеќавања за неправдите што и’ биле некогаш нанесени на замислената нација и за незаслужените порази ископани од колку и да е далечната и имагинарна историја. А во својство на редовно извориште за оваа индуцирана хистерија секогаш се медиумски конструираниот Друг, односно имагинарно антагонизираните Други, што се бираат најчесто од списокот на соседите, но и богатата листа на големите сили што стоеле зад нив. Нацијата, според Слотердијк, постои одржувајќи ја центрипеталната сила на индуцираниот стрес и страв, па испаѓа дека без „непријател на нацијата, ја нема ни нацијата, а без стресот што го предизвикува непријателот – го нема ни сопствениот стрес“, стресот што за нацијата живот значи.

Доколку ја надлетаме медиумската хистерија што во врска со бугарското вето на нашиот пат кон Европа се подигна од двете страни на границата, ќе забележиме веднаш дека – и во подготовките на колективната свест што му претходеа, како и во реакциите после ветото – во прашање се поубедливи докази на буквално сите тези и дефиниции на германскиот филозоф, отколку што тој можеше и да сонува во времето кога ги формулирал. Беше потребно бугарската ВМРО да посегне по нашиот скапоцен имагинарен поим – нашиот национален идентитет, за да се подигне вистинска националжурналистичка хистерија што за миг ја обедини нацијата во паничен и гневен врисок. Но, безмалку никој не се запраша: за кој национален идентитет се работи? Дали за истиот што македонската ВМРО го разнебити до непрепознатливост последниве три децении?

Доколку си припомнеме на основните симболи од нашиот национален идентитет, да речеме нашите државни симболи, ќе сфатиме дека знамето со кое ја освоивме државноста и под кое ги изградивме сите елементи на нашата културна посебност што го чинат колективниот идентитет, го фрливме во ѓубриштето на историјата без глас против, за да го усвоиме знамето со ѕвездата од Вергина, што никогаш не само што не било дел од националниот идентитет, туку ниту знаевме за неговото постоење. Малку подоцна, во потполн молк и зачудувачка колективна тапост, го унаказивме државниот грб исфрлајќи ја петокраката ѕвезда со која ја изборивме националната еманципација и ја изградивме колективната идентификација на модерна, секуларна и просветена нација. Потоа дојде на ред фашисоидното преобликување на нашиот идентитет со подигање на чудовишни споменици на античките македонски кралеви што самите се сметале за Хелени, кои, конечно, го рашириле хеленизмот низ целиот тогашен свет. За, на крајот и да ги префасадираме и препокриеме со кретенска маса на бетон и стиропор и архитектонските белези на нашиот модерен македонски идентитет.

 

Карикатурален идентитет

Што направи националжурнализмот за сето тоа време на разнебитување, понижување, фалсификување и идиотизација на скапоценото и бесценето тело на нашиот национален идентитет, за кој денес гневно врескаме дека е нешто за што не смее да се преговара? Ништо. Уште попонижувачки е фактот дека во македонската јавност се потроши многу, многу повеќе простор и медиумска енергија да се најдат бескрајно многу причини да не се ни отпочне со реставрацијата на тешко оштетениот, изобличен, до карикатура донесен национален идентитет. Испаѓа како немо и субмисивно да ги прифаќаме сите касапења на веќе франкенштајнската креатура на нашиот колективен идентитет, само доколку доаѓаат од малоумната фантазија на македонското ВМРО, но кога се појави Другиот – бугарската ВМРО, моќната машина за произведување на вообединувачката хистерија на самозаробениот колектив на заедничко самозалажување не „подигна“ сите во блажено вжештената состојба на жртва на надворешното Зло.

И, конечно, можеме да му бидеме благодарни на бугарскиот политички врв за нивната „искреност“: нивните барања изразени во „објаснувачкиот меморандум“ се толку отворено глупави, анахрони, инфантилни, агресивни и назадни, што тие им наштетија најмногу ним самите, како и на европските планови за проширување, се разбира. Додека нас тие не промовираа во морални победници и праведници кои останавме единствените што во нашите желби за евроинтеграција и понатаму ги негуваме европските вредности.

Но, дали оваа блокада ќе ни ги отвори очите и ќе ни помогне да сфатиме дека никој од надвор не може да ни го измени идентитетот, туку дека тоа го направивме – и тоа на најкретенски начин – ние самите. И дека европските вредности можеме да ги оствариме само дома, обновувајќи го националниот идентитет со чистење на малигните тумори што го разнебитија телото на нашето самозпознавање: со чистење на спомениците на вмровското Зло, учебниците затруени со вмровски кретенизми и илјадите закони и прописи што ги произведе чудовиштето на „заробената“ вмровска држава.

Цртежи: Virginia Mori

ОкоБоли главаВицФото