Проблемот со загадувањето го ставаме на последно место, а во загадување сме први!

08.12.2020 12:26
Проблемот со загадувањето го ставаме на последно место, а во загадување сме први!

Во денешно време сме соочени со многу проблеми. Пандемија, внатрешни политички превирања, негирање на нашиот идентитет од надвор и многу е тешко да се размислува сериозно за толку „тривијален“ проблем како што е загадувањето. Но, ако се грижиме за иднината на нашата држава и за здравјето на нашиот народ, загадувањето е примарен проблем кој треба да се реши. Сепак, и покрај сите напори, тоа опстојува и нема намера да замине.

Се чини како нашите градови да се натпреваруваат во тоа кој ќе стаса на првото место во државата, во Европа или во светот според нивото на загаденост на воздухот. Се разбира, ова е нешто во што не би требало да освојуваме високи места. Но, што може да направи нашата држава за да се спречи ова?

Што прави државата во врска со загадувањето на воздухот?

Државата треба да преземе конкретни чекори пред се да се намали употребата на фосилни горива: необновливи извори на енергија како нафта, јаглен и природен гас (иако се смета за најчист, се проблематизираат начините на кои се вади од земјата). Секако дека ова не е едноставна работа, особено за земја во развој. Постои една наратива помеѓу борците за социјална правда која зборува за тоа дека индустријализираните земји поминале стотици години користејќи фосилни горива и на нив ги изградиле сопствените империи, а сега кога станува збор за развојот на малите и неразвиени земји наеднаш треба да им се забрани можноста за развој со што ќе се запре нивниот развој. Ова не е толку едноставно прашање и секоја симплификација води кон грешен силогизам.

Сепак, за целта на дискусијата, се поставува едно базично и едноставно прашање – дали треба да го ставиме развојот пред здравјето? Пред се е потребно да се изработи долгорочна стратегија која ќе се однесува на помалите и неразвиени земји кои немаат финансиски можности за искористување чисти извори на енергија. Како тие да им бидат подостапни, како да се создадат работни места, како долгорочно позитивно да влијаат на економијата и здравјето на луѓето. Тогаш можеме да зборуваме за промени. На таа тема интересно е ова видео.

Македонија е дел од овој комплексен процес кој подразбира многу запчаници поврзани во една голема целина, заедно со Европа и светот. Сепак, многу работи важат само на хартија и не се применуваат реално. Се чини дека единствената непроменлива во оваа равенка која ги подразбира државните и глобалните стратегии, националната економија, екологијата и здравјето на луѓето е една – загадувањето.

Како дел од планот за намалување на загадувањето од страна на државата е регулација на индустријата, контрола на издувни гасови, нивно постојано мониторирање од независни тела, како и филтри на фабриките. Тука се и издувните гасови од возилата, горењето отпад на дивите депонии, градежните активности итн. Сепак државата треба да има долгорочна стратегија за чист воздух и средина за живеење не само за пет години, туку за следните педесет!

Што можеме да направиме ние, како граѓани?

Секој од нас би можел да преземе многу чекори со кои активно би учествувал во намалувањето на загадувањето во својата околина и пошироко. На пример, би можеле да се возиме со автобус, да користиме приватна мерна станица на загадувањето, да не користиме нееколошки горива за загревање, да не се возиме со автомобил и да користиме јавен сообраќај или да возиме весосипед, да користиме помалку пластика, да селектираме отпад, да се вклучиме во Фејсбук еколошки групи, да засадиме дрва и слично. Некои од овие нешта се многу едноставни.

Мерачи на воздух. Би можеле да користиме приватни мерачи на воздух, бидејќи секаде не постојат јавни податоци за загаденоста на воздухот. Со поставување на индивидуални мерачи од страна на граѓаните на местата каде што недостасуваат би можеле да добиеме пореална слика, па дури и посочување кон индивидуални загадувачи. Овие мерачи може лесно да се нарачаат или дури и да се направат!

Печки на пелети и/или инвертери. Како еден од чекорите кои ги презема државата е замена на печките на дрва и субвенционирање на печки на пелети или инвертери, кои се многу поеколошки варијанти отколку греењето на дрва. Навистина, истражувањaтa потврдуваaт дека во домовите кои се греат на дрва е 60 до 120 пати позагадено отколку надвор!

Велосипед наместо автомобил. Во нашата средина е доста непопуларно гледиштето дека возилата загадуваат, но вистината е дека дури и дизел горивата не загадуваат значително, но под услов да имаат т.н. ДПФ филтер. Токму тука е проблемот. Овој филтер на дизел возилата во нашата средина се вади за да се заштеди на гориво, но науката зборува дека така се заштедуваат само 4% од вкупното потрошено гориво! Тоа е многу малку во однос на 85% од штетните издувни гасови кои се испуштаат во атмосферата, а филтерот би го спречил тоа. Освен тоа, возилата на плин (ТНГ) загадуваат најмалку, а има едно превозно средство кое не загадува, за него не се плаќа паркинг, ниту гориво, што значи дека штеди пари, и ја подобрува физичката подготвеност и здравјето на возачот – тоа е велосипедот!

Еколошки горива за несовесните или незгрижените граѓани. Од другата страна на спектарот и совесните велосипедисти се несовесните граѓани. Свесни сме дека има индивидуи кои се греат на иверка, делови од мебел, гуми и слично и за ова не би требало ни да се дискутира колку е штетно за сите, а особено за нив, бидејќи се најблиску до изворот на загадување. За ова би требало да се зборува во училиштата и да биде дел од наставата за идните генерации да ги превоспитаат своите родители, доколку го прават тоа. Или државата би можела да покрене кампања „предади паркет, земи дрва,“ во која за секоја предадена количина иверка, паркет, гуми и други штетни материјали би се добивале дрва во иста тежина. Се разбира дрвото не е сосема еколошко, но е подобро од другите алтернативи.

Помалку отпад, повеќе селектирање и секако не горење. Се разбира, можеби не директен, но секако значаен дел од подобрувањето на квалитетот на воздухот е селектирање и правилно справување со отпадот. Треба да се фокусираме на селектирањето, што помалку користење на пластични предмети и пакувања, бидејќи се она што завршува на отпад потенцијално може да се запали и така ослободува штетни гасови. Уште еден начин на грижа за околината е да се возиме со автобус (иако во времето на пандемија ова треба да се разбере условно). Еден автобус собира 60 патници, а заокружува една линија на секои два часа, вкупно 10 пати дневно. Само тој автобус заменува 300 автомобили дневно, а во возниот парк на Скопје има 300 автобуси (плус 33 еколошки), што заменува неверојатни 100.000 автомобили секој ден!

Други quick-fix решенија

Што друго би можеле да направиме? Би можеле да засадиме дрво (или дрва!), жива ограда покрај булевар, да јадеме помалку месо (месната индустрија е еден од големите извори на стакленички гасови), да купуваме помалку, да реупотребуваме и да селектираме повеќе.

Да се вклучи и бизнис секторот

Освен граѓаните, особено е важно и бизнис-секторот да го сфати значењето на грижата за екологијата за нивниот имиџ кој позитивно ќе се одрази на една нова и растечка група консументи кои се подготвени да платат малку повеќе ако знаат дека добиваат квалитетен, еколошки и здрав производ кој не ја загадува околината.

Активизам на социјални медиуми

Како форма на граѓански активизам се и Фејсбук групите како Дај, не фрлај, „Кеса не, благодарам. Торба си носам!“, „Не фрлај, не загадувај!“, „И јас одам со велосипед на работа” и „Еколошко, евтино, ефикасно“ кои секоја од свој аспект се грижат за реупотребата, селектирањето на отпад, помалку користење на пластика, намалувањето на издувни гасови, еколошкото живеење итн.

Постојат уште многу начини на кои граѓаните можат активно да придонесат да се намали аерозагадувањето (книгичката „25 факти за аерозагадувањето и начини како можеш да го намалиш“ содржи техники и совети кои можат веднаш да се применат). Сепак, ниту еден совет не вреди ако не се примени.

Екологијата во прв план

Освен тоа, потребно е да се работи на промена на свесноста на населението, со ставање на екологијата во прв план, зашто живеењето во здрава средина е влог во сегашноста и иднината. Честопати во време на криза знаеме да речеме „Само здравје…“, но забораваме дека живееме во еколошка криза веќе со децении. Додека чекаме државата да ги смени нештата, можеби понекогаш треба да се потсетиме дека – промената почнува од единката!

Бранко Прља е член на ДПМ (Друштво на писатели на Македонија) и на ЗНМ (Здружение на новинарите на Македонија). Дипломирал на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на порталот arno.mk, како и на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“ преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.

Илустрации: Eco art

Извор: respublica.edu.mk.