Жените во медицината - некогаш и денес

09.12.2020 01:40
Жените во медицината - некогаш и денес

Метродора

Веќе со месеци слушаме за коронавирусот, заболените, излечените и умрените, слушаме за исцрпеноста на лекарите и лекарките, медицинските сестри и техничарите. Додека слушаме, гледаме и читаме приказни за корона пандемијата од сигурноста на сопствениот дом, благодарни сме што живееме во доба кога медицината напредува брзо. Иако медицинските сестри, хигиеничарките, готвачките и другите вработени во болниците и здравствените заводи се неизоставен дел од големото медицинско тркало, во овој текст ќе се фокусирам на лекарките. Животите и кариерите на лекарките кои работат напорно за да спасат што повеќе животи ме поттикнаа да го истражувам нивното минато и положбата во медицината.

Минатото и заслугите на лекарките

Иако со векови се соочени со предрасуди и дискриминација, многу жени со својот труд придонесоа во историјата на медицината. Она што речиси секогаш им се дозволувало на жените е да бидат бабици (на пример, во средниот век се сметало за непримерно лекарот да се грижи за трудницата или да учествува во породувањето), со што е воведена цврста родова поделба во рамки на медицината; бабиците можеле да се занимаваат само со женското здравје, најчесто биле неписмени и немале пристап до формалното образование или до најновите медицински инструменти.

Хилдегарда Бингенска

Но, и покрај исклученоста на жените од науката и медицината, постојат исклучоци кои датираат уште од антички времиња. Во продолжение запознајте некои од највлијателните жени во медицината чии извонредни достигнувања и придонеси спасиле небројани жртви и до денес инспирираат генерации жени во медицината.

Грчката лекарка Метродора (200-400 н.е) била првата жена која го напишала медицинскиот текст - За болестите и лековите на жените. Интересно е што текстот не содржи никакви информации за породувањата, што е необично со оглед на тоа дека во таа доба жените биле ограничени токму на гинекологијата и породувањето. Меѓутоа, Метродора ги покрила сите други области на медицината кои се однесуваат на жените, развивајќи разни терапии и хируршки техники кои во нејзино време биле револуционерни. На неа многу влијаело делото на грчкиот лекар Хипократ, а нејзиното дело во текот на историјата влијаело на многу лекари и лекарки.

Во средновековната ера во западна Европа, на жените им биле дозволени улоги како исцелителки, но тоа можеле да станат само како калуѓерки. На жените во целибат им било дозволено да се школуваат и така да стекнуваат вештини. Најпозната исцелителка била Хилдегарда Бингенска. Родена 1098 година во Рајзен, развила духовна репутација и станала калуѓерка. Иако пишувала религиозни химни и песни, сестраната Хилдегарда исто така ја напишала Суптилностите на разни природно создадени нешта каде предлага препарати за вообичаени тегоби.

Герти Кори

Потоа скокнуваме неколку векови напред: американската биохемичарка Герти Кори (1896 - 1957) е добитничка на Нобелова награда за своето дело во физиологијата. Кори беше првата жена која освои награда во оваа категорија. Работеше со сопругот Карл Фердинанд Кори, со кој споделуваше интерес за наука. Нивното дело доведе до откритие дека недостатокот ензими може да биде одговорен за пореметувања на метаболизмот. Исто така спроведоа повеќе студии за дејството на хормоните, фокусирајќи се на хипофизата.

Американската лекарка Вирџинија Апгар (1909 - 1974) е позната по изумот за проверка дали на новороденчето му е потребна итна медицинска помош. Апгар тестот е заслужен за значителното намалување на смртноста кај новороденчињата и денес се користи за проценка на клиничката состојба на новороденчињата во првите неколку минути од животот.

Британската научничка Розалинд Френклин (1920 - 1958) е најпозната по својот труд за разбирање на структурата на ДНК, користејќи рентгентски фотографии за решавање на нејзините сложености. Нејзиното препознавање на двојната спирала доведе до огромен напредок на полето на генетиката и модерната медицина. Френклин исто така работеше и на структурата на РНА вирусите и детската парализа. Френклин уште од рана возраст имала страст кон науката и одлучила да стане научничка на 15 години. Ако не умреше на 37 години од рак на јајниците, многу е веројатно дека со колегите ќе ја споделеше Нобеловата награда во 1962 година (наградата не се доделува постхумно освен во случај ако личноста умрела после објавувањето на добитниците/чките).

Французинката Франсоаз Баре-Синуси (1947) се прослави со откритието на ХИВ-от како причина за имунодефициентската болест СИДА. Во 2008 година Баре заедно со Лук Монтање откри дена вирусот ХИВ ги напаѓа лимфоцитите, крвни клетки кои имаат важна улога во имунолошкиот систем на телото. Со тоа им помогна на милиони луѓе кои се ХИВ позитивни да живеат подолг и поквалитетен живот.

Вирџинија Апгар

Положбата на жените во медицината

Иако споменатите жени, па и многу што не ги споменав, значајно придонесоа во развојот на медицината, впрочем никогаш не беа почитувани. Жените во медицината трпат дискриминација од студентските денови па сѐ до заминувањето во пензија. Рањана Сривастава за Гардијан пишува дека лекарките главно се занемарени кога станува збор за позициите деканки, извршни директорки, професорки, главни уреднички, први авторки и водечки истражувачки во трудови. Дури и после една година обука, продуктивност, специјализација и искуство, жените во медицината заработуваат од 8 до 29 проценти помалку од мажите. Тоа е така и покрај тоа што лекарките подолго ги слушаат пациентите, помалку ги прекинуваат и можат да пружат поекономична и подобра нега фокусирана на пониски стапки на хоспитализација и смртност.

Жените многупати се нашле во незавидни ситуации со своите машки колеги - од непримерни коментари и сексуално вознемирување па сѐ до голем број лекарки кои настојуваат да ја прикријат бременоста. Ако се прашате каде се случуваат такви нешта, одговорот е: насекаде. На мажите во медицината главно им се суди според нивните достигнувања, додека жените мораат да одговараат за своето облекување, став и амбиција. Затоа најчесто молчат и не ги вербализираат своите проблеми - знаат дека ќе привлечат негативна реакција ако прозборат. Нивните колеги (а понекогаш и колешките) ги замолчуваат зборувајќи им дека почитта мора да се заслужи. Им се зборува дека мора да имаат „подебела кожа“ за разни коментари, погледи и навреди, пишува Сривастава.

Розалинд Френклин

Неодамнешниот извештај на Светската здравствена организација нагласува дека иако жените извршуваат неверојатни 70 проценти од улогите во здравството, само една четвртина од жените имаат раководни улоги. Извештајот е насловен „Испорачале жени, воделе мажи“. Генерално, жените се занимаваат со глобалното здравје, но мажите ги предводат. Напредокот во родовата рамноправност во лидерството се разликува во одредени земји и сектори, но мажите генерално имаат повеќе раководни улоги во здравството, како на локално така и на глобално ниво. Со глобалното здравје претежно управуваат мажите: 69 проценти од глобалните здравствени организации ги водат мажи, а 80 проценти од претседавачките совети исто така ги сочинуваат мажи. Откриено е дека само 20 проценти од глобалните здравствени организации имале родова еднаквост во своите одбори, а 25 проценти имале родова еднаквост на повисоко менаџерско ниво.

Здравствените системи се посилни кога жените имаат еднакви можности при изработка на национални здравствени планови, политики и системи.

Објавувањето на платите, промоцијата на жените на повисоки позиции, доделувањето раководни места за жените и креирањето политики прилагодени за жените со семејства ѝ помагаат на родовата еднаквост. Лоцирањето одговорност кај постарите лекари за нивното однесување кон жените е од витална важност зашто постарите лекари водат со пример. Но, тие идеи не се нови, па зошто промената е толку бавна? Во срцето на промената е почитта, смета Сривастава, што е лесно да се каже, но тешко да се постигне.

Франсоаз Баре Синуси

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://voxfeminae.net

ОкоБоли главаВицФото