Апологија на еден народ и на неговиот јазик

09.12.2020 14:29
Апологија на еден народ и на неговиот јазик

Најосновната дефиниција на терминот култура е „приспособувањето на околината кон човековите потреби“. Токму оваа карактеристика го одделува човештвото од другите живи видови на суштества. За да има „култура“ човештвото мора да располага со една алатка што е суштинска претпоставка за нејзиното градење – тоа е јазикот.                                                                               

Без јазикот, освен во базичните вокални комуникации на животните како алатка за опстанок, човештвото ќе нема можност да комуницира во културна смисла на зборот. Со тоа нема да има можност искуствата и идеите на единките да ги споделува со другите, ниту пак една генерација ќе може да ја пренесе својата „култура“ на нивното непосредено поколение. Јазикот е сеопштиот сврзен елемент на сите човечки култури, од оние најпримитивните сé до оние што достигнале комплексност за да се наречат цивилизација. 

Племињата што сé уште живеат во прашумите на Африка, Азија и Јужна Америка и компаниите што управуваат со силиконските долини во технолошки најразвиените земји се луѓе зашто и едните и другите го користат јазикот за меѓусебна комуникација. Дури и најсофистицираната програма што пренесува неброени терабајти дигитални информации во суштина оперира врз основа на компјутерски јазик што го измислил човекот. Би можело да се каже дека употребата на јазикот го прави човекот човек! Во библиски термини ова би значело дека дарот на говор (јазик) е носител на концептот дека човекот е создаден на образ Божји. 

Како и секоја моќна алатка јазикот може да биде најдобар слуга, но и најстрашен господар. Јазикот би можел да го направи човекот дијаболично суштество со привидни божествени способности. Уште во најраните страници на Библијата запишан е мигот кога човештвото после изгонувањето од рајот, се обидува да си изгради име за себе градејќи ја вавилонската кула. Ова е прагматичен технократски јазик. За да го спречи владеењето на ваквиот јазик Бог интервенира со воведувањето на многу јазици. Со Бог сепак, секое зло може да се земе за добро. Размешаните јазици од тој миг овозможуваат градење на разни култури. Со својата разноличност јазиците му помагаат на човештвото да го збогати својот речник до неизмерлив степен. Јазиците што се разликуваат како ден и ноќ, но и оние што се крајно слични градат еден концептуален свет што нѐ облагородува со поезија и ни дозволува да се искачиме на месечината или пак далечински да контролираме возила што ја испитуваат површината на Марс. 

За јазикот да го достигне својот оптимален капацитет потребна е горенаведената флуидност. Не залудно се вели дека јазикот е жива материја. Сепак нема ништо што може да опстане ако е само аморфна флуидна маса што нестабилно се прелева во разни форми секој миг. За јазикот да може да функционира како медиум за комуникација тој мора да биде стабилен, да се „изделка“ во идентитет преку правилата на граматиката и синтаксата. Со други зборови секој јазик му припаѓа на генијот на севкупното човештво. Јазикот е најкосмополитскиот елемент на човештвото зашто е порозен и својата етимологија ја црпи од други јазици и изумрени и живи. Но за еден јазик да му припаѓа на општото, тој прво мора да му припаѓа на посебното. Секој јазик си бара свој народ. Народот и јазикот делат заеднички идентитет. Јазикот и народот се одбираат еден со друг. Тие заемно се штитат зашто ако изумре јазикот значи дека изумрел народот и обратно. 

Неискажлива е трагедијата кога еден јазик ќе згасне. Тој сѐ уште може да биде регистриран, може да има многу записи што сведочат за творештвото на тој јазик, но неговата живост е засекогаш изгубена. Со секој јазик што умира светот станува посиромашен. Којзнае колку ли само незапишани зборови што означуваат поими што на никој друг јазик веќе ги нема, на пример некоја нијанса на виолетова боја, или пак степен на радост или страдање. Згаснати тие стануваат неми сведоци на еден народ и култура што постоеле, што сега ги нема да бидат медиум што ќе ни објасни како на највпечатлив начин да се каже „те сакам“. 

Со секое страдање, секоја радост, успех и неуспех, љубов и бес, заедничкото искуство на една заедница формира јазик и се дефинира како народ. Другите народи околу него придонесуваат кон оваа дефиниција и како извор на страдање и како извор на радост. Ова е вистина за секој јазиј и за секој народ, а во овие две децении на најкарактеристичен начин ова е вистина за македонскиот јазик и за македонскиот народ.


Со едни многу сличен (српски и бугарски) со други наполно различен (албански и грчки), со силни примеси на петовековниот lingua franca (турскиот) и со сопство што го прави единствен во ритамот на седум осмини, македонскиот јазик сведочи за исконскиот крик за елоквенција на еден мал народ што слободно му се дарува на светот. Македонскиот јазик сведочи дека човек не живее само од леб туку и од зборови. Ако беше поинаку тогаш со светот би завладеел еден прагматичен технократски јазик – како оној пред Вавилонската кула - во што нема место за стилски фигури, а уметничкиот труд да се направи препев на Хомер, Шекспир, Пушкин или Прличев би се сметал за расипништво.
 

Јазикот живее со живиот народ, а народот пак е медиум преку кој јазикот ги воскреснува мртвите писатели. Само Македонец на мајчин јазик може да ја долови суптилната елегичност на Петре М. Андреевски. Да дадам еден пример. Речиси триесет години истражувам и пишувам стручна литература на англиски јазик така што и англиската книжевност ми е многу блиска. Уживав додека ги читав романите, да набројам два-три, на Џорџ Елиот, Вирџинија Вулф, и Џ. Р.Р. Толкин. Но во Последните селани на Андреевски не може да се рече дека уживав. Јас тој роман го изживеав читајќи го. Над чии сé гробови треба да застанеме и плачејќи и јачејќи да молиме за прошка ако при жив народ дозволиме да ни го убијат јазикот? Кој ќе клекне врз почивалиштето на Конески и ќе му соопшти дека јазикот на што му го посветил сиот свој живот веќе не постои, зашто е присилно  задушува и обезличен со разни фусноти! 

Европа – не мислам на генеричкиот термин што им припаѓа на сите што живеат на европскиот континент – поточно Европската унија, и покрај својата визија на културно обединување и промоција на разните културни обележја, по прашање на спроведувањето на таа визија потклекнала под притисокот на прагматичното и тргнала по линија на полесен отпор. Да, визијата за обединувачкиот фактор на културата е несомнено постојан дел од заложбите на унијата. Но како да се нема храброст оваа визија да се примени и таму каде што најмногу би значело, во нејзините формални конкретни политики. Наместо тоа, првенствено слушаме еден технократски јазичен центар што го разбира само политичкиот јазикот на посилниот и на она што во дадениот момент е политички опортуно. Ова е како нарачано за секоја бирократија, па и онаа на Европската унија. За бирократијата не постојат човечки суштества туку само странки на кои таа милува да им бара неброени докази. На пример редовно ќе ви побара вам лично да донесете доказ дека постоите. Вашето (по)стоење пред бирократот зад шалтерот не значи ништо сé додека тоа не е верификувано од некој негов/а колега/шка. 

На ист начин Европската Заедница го третира македонскиот јазик и македонскиот народ како странка што треба да го верификува неговото постоење. Само што во овој случај некои од бирократите на земјите членки на унијата навистина би сакале да ги запалат сите документи за таквото постоење. Можат Македонците да зборуваат македонски колку сакаат меѓу себеси, ама за македонски народ не се признаваат зашто една од нивните членки тоа го оспорува. Знаат тие дека ова е класичен мобинг, но едноставно од политичка гледна точка да се замиже пред својот член е едноставно далеку полесно. 

Но токму оваа Европска унија упорно нагласува и низ разни поглавја им наложува на оние кои би сакале да бидат формален дел од неа, дека најдобриот индикатор за правно-социјалната состојба во една држава е начинот на кој таа постапува со најранливите категории на граѓани. Тоа несомнено е така. Македонија има многу што да поправи за жалната слика која е резултат на системска и систематска корупција да биде поправена. Прв приоритет би требало да ѝ биде токму посветеноста на менувањето на оваа неправда која најсилно удира брз најслабите. Но, ова е огромно но, Европската унија  би требало да проба добра доза од својот лек. Македонија е очигледно ранлива и очигледно дискриминирана, па дури и директно „малтретирана“ од нејзините посилни соседи. Флоскулите од типот „Македонија треба да си ги среди недоразбирањата со соседите, во ваквите крајно несразмерно диспропорционално соодноси и очигледна примена на аргументот на силата, едноставно по ова прашање, ја сведуваат Европската унија на најниско скалило на грижа за ранливите. Гледано од перспектива како унијата дозволува флагрантно кршење на некои од најсветите човекови права на нејзини членки против Македонија и посебно Македонците, таа самата немаше да го помине испитот што им го наметнува на другите. Изборот е еден, единствен и едноставен. Има Македонци и има македонски јазик. Секоја друга формулација нашироко и надолго елаборирана низ технократски и бирократски јазик е смоквин лист кој никако нема да го скрие ни гревот ни срамот на унијата која тврди дека од сите очекува да покажат европски вредности. Крајно време е и би било крајно поучно да за оваа вредност да ни покаже со сопствен пример.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото