1010 hPa
88 %
13 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 03:59
(Сашо Кокаланов: „Ши“, Или-или, Скопје 2020)
Прашањето дали најновиот, петти роман на Сашо Кокаланов е неговиот најдобар роман, во овој миг, мошне скоро по излегувањето, е помалку важен од впечатокот дека „Ши“ несомнено е неговиот најинтересен роман досега. Ако со „Самецот“ (2003), „Ноќ на железничката станица во Розендал“ и „Изабела, Исмаела и јас“ (2004), Кокаланов внимателно го печеше Целото на раскажувачкиот занает, а со „Ние сме лудаци“ (2017) почна и да експериментира со печење нарација „на парче“ (фрагментарност); тогаш „Ши“ е продолжување на самозададената задача на „... лудаците“: да го провери, да го истражи, да го изневери жанрот роман – за да ја докаже верноста кон него, да се оддалечи од приказната за да му се приближи на раскажувањето.
„Ши“ е сложен роман во три дела со комплексни меѓусебни врски. Првиот дел е најсамостоен, вториот и третиот се поцврсто врзани. Сите три дела се напишани во различен манир (и формат), а она што ги обединува и што дозволува да бидат романескна целина е токму смртта чијашто позиција во романот се движи од опсесивен интерес, преку зачестено присуство и непореклив факт дури и во најкуси отсечки време, сѐ до смртта како антропоморфизиран раскажувач. Патот на смртта во овој роман води од мала кон голема буква на исписот на зборот, во прецизен сооднос и дослух со значењето и позицијата во нарацијата. Смртта е и смрт и Смрт во „Ши“, истовремено и општа и сопствена именка со личен, ама логичен и семиотички правопис. Самиот наслов („ши на јапонски значи смрт“, стр. 165;), именувањето на двата дела/двете книги и прилогот во романот (Прва книга – смртта како автор; Втора книга – смртта на авторот; Прилог – белешки од црниот тефтер), како и буквално последниот збор во романот („Смрт.“, стр. 201) го поткрепуваат заклучокот дека најновиот роман на Кокаланов е роман за смртта.
Помагање (или одмагање?) на рецепцијата
Можеби суштинскиот збор во овој роман, кој воедно е и еден вид патоказ за негова интерпретација, е зборот форензика. Се среќава низ текстот на повеќе места, во различни контексти и изведенки, но особено важни се двете белешки во третиот дел од романот – во Црниот тефтер, именувани како Книжевна форензика 1 и Книжевна форензика 2. Потенцијален нaслов на завршниот коментар на романот на Кокалaнов би можел да биде и Книжевна форензика 3, затоа што форензичноста на авторот, но и на читачот-критичар, се насочени кон жанрот и кон истражувањето во него однатре (раскажувајќи) и однадвор (интерпретирајќи). Книжевна форензика 1 и Книжевна форензика 2 се некаков вид авторски кодови за критичко дешифрирање на сопственото писмо. Тие се речиси исти, всушност, Книжевна форензика 2 ја содржи Книжевна форензика 1 и продожува понатаму. Двете цртички се занимаваат со романот општо, втората и со потенцијалниот однос на критичарите кон него. Антиципација на рецепцијата? Не. Еден вид помагање (или одмагање?) за неа: „Романот беше раснесен на парчиња, небаре беше облекол и активирал елек на бомбаш-самоубиец. (...) Критичарите се побунија. Ова не може никако да биде роман, извикаа гласно некои од нив“.
Разлачување на смртта од животот, на пишувањето од приказната
Во 21 век, иако по малку се чинат анахрони расправите за тоа кој жанр што е и што треба да биде; што може, а што не смее да се нарекува така и така, наспроти најразличните хибридизации на книжевните писма и еластичните мембрани на жанровите, сепак нештата треба да се именуваат. „Ши“ е роман, значи жанрот на кој му се прави книжевна форензика во него самиот е токму тој во којшто делото и е напишано. Уште попрецизно – „Ши“, како што стои погоре, е роман за смртта, но и роман за пишувањето. Романот смее да биде распарчен, раскршен, напукнат, да е составен од фрагменти, од линеарен наративен тек, но и само од бегли асоцијации на можни линеарности и случки... Ликовите – исто така. Тие можат да бидат носители на нарацијата, но и не мораат, можат да бидат и само илустрации, симулации,.. слуги на повисока идеја, на голема порака, на суштинска замисла на делото. „Ши“ е роман од вториот тип: во него ликовите ѝ служат на идејата да се раскаже за смртта, да се раскаже смртта, но и да ѝ се даде можност на Смртта самата да раскажува. Таа (и како смрт и како Смрт, и како општа и како сопствена именка) функционира како единствен антагонист на повеќето (менливи) протагонисти. Или, ако ја свртиме точката на гледање: таа е единствениот, вистински протагонист во романот. Оваа мешаница е тешка за раскажување, но мошне лесна за читање, впрочем – некако слично како што беше и во „Ние сме лудаци“, со тоа што „Ши“ не се занимава со вмрежување на 5 различни случаи преку еден детектив како „..лудаците“ туку со размрежување/разлачување на животот од смртта и, особено, на смртта од животот. Но, не е ли ова само еквивалент и на разлачувањето на раскажувањето од приказната?
Еластичните мембрани на жанровите
Првиот дел е есеистичка подготовка за она што ќе се раскажува во вториот; вториот дел е релативно самостоен утописко-дистописки трилер „докажан“, „решен“ со третиот дел – Црниот тефтер кој функционира како некаков (книжевен) корпус деликти.
Есеистичкиот прозен дискурс на првиот дел пишуван во прво лице, од позиција на учесник на семинар во Бари, опфаќа неколку ликови, главни (нараторот-нашинец, пасиониран љубител на фудбал, писател-семинаролог, Професорот од Аризона, Англичанката, Александра...) и епизодни, типични и атипични (Везув, кадапулот, мувата, гавранот, кафето, коските, гастрономијата...) во полното, последно време на нивното празно исчезнување, заминување од животот во смртта. Многуте референци, книжевни, филозофски, филмски,.. ја растегнуваат жанровската мембрана на романот за есејот и тоа овозможува широко богатство и уживање во „погледите“ на текстот. Се запознаваме со мигот како контрапункт на вечноста,.. покрај сите умирања поминува и смртта на едно семејство во несреќниот случај на Везув – документарен факт од 2015 за кој пишуваа сите медиуми. Нараторот е сведок на тоа, сака да напише роман токму за таа несреќа, но, сепак, ја остава како бегла (иако ефектна) референца во некоја друга приказна која навидум се занимава со нешто друго. Со што? Со личните приказни непосредно пред да бидат завршени во универзумот; со туѓите краеви во нашите траења; дури и во нашите почетоци.
Вториот дел е „центарот“ на романот. Во него повторно се раскажува за писател, преведувач (истиот или друг?), 49-годишниот Тихо кој го пишува својот прв роман базиран на белешките што долго ги водел во Црниот тефтер што го губи „пред наши очи“. За Тихо, кој не е авторот на вториот дел туку само на третиот – на тефтерот, се раскажува сезнајно, омнисцентно, во 3 лице, но не постојано. Она што е особено интересно, раскажувачката позиција речиси спонтано се менува со апострофирана нарација во второ лице. Само со дупли редови (без никакви други, ни графички нотации) се направени крупни резови: сезнајното раскажување се меша со апострофираното, директно обраќање кон Тихо, од некого. На почетокот ова се чини необично, можеби и недоволно јасно, но брзо се сфаќа принципот и се ужива во него сѐ до крајот кога сѐ станува сосем јасно. Сево ова е мошне возбудливо за читање, претпоставувам, било и за пишување. Ја засилува тензијата на трилерот – формата, жанрот во кој е напишан вториот дел. Повторно имаме разлачување на писателот и пишувањето и вечната тема дали добриот писател е или не и добар човек и има ли воопшто каква било врска помеѓу едното и другото. Раскринкувањето на Тихо како човек, не како писател, е „задача“ на Анамарија, неговата партнерка, и нема никаква врска со Маја, неговата поранешна ученичка која го внесува во Хамамацу-книжевниот проект со вештачка интелигенција. Паралелно си течат овие нешта раскажани од две различни позиции. Смртта во овој дел е ролја на една, по малку стереотипно привлечна и неодолива актерка која ја игра (со црвена свилена кошула и црвени чевли со високи штикли), но и ненадејниот животен крај на Марко, Марчело, близок пријател на Тихо од младоста, во којшто темпорално е ситуиран целиот овој дел. Утописко-дистописката атмосфера на мистеријата со машинско пишување проза според внесените „желби“ на конкретниот писател-автор е мошне внимателно изведена од Кокаланов, со почитување на општиот шаблон за трилери, со засегање на „знаењата“ и мистериите од повеќе области (Лонгиновото копје, книжевната епифанија на Џојс...). Кокаланов го полни својот роман на повеќе нивоа, правејќи го мошне занимлив, убедлив и широкоопфатен. Мноштвото лица-референти од светот на науката и уметноста, особено од книжевноста и филмот, кои дефилираат низ романов најнагласено низ вториот дел, а ги има со мистифицирани изјави и на самата задна корица на изданието – што е мошне ефектно и досетливо (Валтер Бенјамин, Едгар Алан По, Вуди Ален, Ернест Бекер, Давид Мемет, Квентин Тарантино, Мартин Скорсезе, Петре – веројатно М. Андреевски?, Коља Мрак – веројатно Никола Гелевски?) ја згуснуваат текстурата на текстот, апсолутно збогатувајќи го романот со нови и нови валенции. За мене како читател, сред мноштвото занимливи аспекти, најзанимлив ми е токму оној со четирите раскази целосно предадени во романот (со друг слог), кои, со посредство на Маја, се (божем) напишани од компјутер, во име на Тихо (чиешто кодно име во проектот со вештачка интелигенција на Хамамацу е повторно „Ши“) и според неговите книжевни афинитети.
Четирите раскази во романот
„Грешка“, сатиричниот расказ според „Бакакај“ на Гомбрович; „Погреб“, кортасаровско-кафкијанскиот расказ; „Дополнителна опрема“ – сатиричната гротеска во манирот на „Ние сме лудаци“ од Сашо Кокаланов, со атмосфера што на моменти потсетува и на хумористичната серија „Преспав“ на која исто така работи Кокаланов и „Смртта и нејзините хирови“ со Сарамаго-шмек се четирите раскази во романот „Ши“ кои во сета трилер и утoпско-дистописка жанровска закрила функционираат и некако постмодернистички. Или пост-постмодернистички, но функционираат и ја издаваат умешноста на Кокаланот да се справи и со расказот (жанр кој многу малку или воопшто не го работи), справувајќи се со романот и со другите нешта кои се негов творечки, авторски хабитус и потпис. Четириве раскази се успешни самите по себе и за себе, а тоа е многу важно: единечните делови на Целото да функционираат и да имаат смисла и сами, изолирани, но и во рамките на Големото нешто (романот). Тоа е суверена вештина што Кокаланов ни ја демонстрирал пред самиот крај на вториот, носечки дел/книга на својот најнов роман „Ши“.
Форензика 3: „Ве читам и се смеам“
Најновиот роман „Ши“ на Сашо Кокаланов навистина е разнесен на парчиња, небаре облекол и активирал елек на бомбаш-самоубиец. Книжевните форензичари, сепак, со ДНК-анализа на текстот, можат да утврдат дека секое парче одделно е една единствена мисла. Некои критичари нема да се побунат дека ова никако не може да биде роман. Може. И е роман. Иако секој дел си има засебни протагонисти, сепак едниот единствен заеднички антагонист за сите нив е смртта. Или, ако ја свртиме точката на гледање: смртта е единствениот, вистински протагонист на сите останати ликови антагонисти, а „Ши“ е несомнено најзанимливиот роман досега на Сашо Кокаланов. За смртта (и со голема и со мала буква), која нѐ гледа од секаде низ текстот, а од задната корица на романот и ни вели: „Ве читам и се смеам“.