Почина јужнокорејскиот режисер Ким Ки - Дук

11.12.2020 21:06
Почина јужнокорејскиот режисер Ким Ки - Дук

Познатиот јужнокорејски филмски режисер Ким Ки-Дук почина од компликации поврзани со Ковид-19 додека беше во Летонија, каде работел на својот нов проект. Режисерот почина вчера од коронавирус во болница во летонскиот главен град Рига. Имаше 59 години.

Летонскиот портал „Делфи“ објави дека Ким дошол во Летонија пред еден месец, со намера да купи куќа и да аплицира за статус на резидент. Едит Сеп, извршен директор на Естонскиот филмски институт, за „Варајети“ изјави дека Ким ѝ се обратил на организацијата во септември, за да аплицира со новиот филм „Дожд, снег, облак и магла“, копродукција помеѓу Кореја и Естонија каде требаше и да се снима.

Ким беше еден од првите режисери на корејскиот нов филмски бран кој стекна меѓународна слава, со шокантни, но прекрасно создадени драми, вклучувајќи ги „Островот“ во 2000 година и „Пролет, лето, есен, зима… и пролет“ во 2003 година. Иако донесоа нова естетика и собраа голем број значајни фестивалски награди, неколку негови филмови беа критикувани заради суровоста кон животните или прикажување крајна човечка суровост.

И покрај неговиот статус во странство, Ким и естаблишментот на корејската филмска индустрија се држеа на растојание. Ким честопати самиот беше и автор на сценариото и режисер, монтажер и кинематографер, што му овозможи да работи со микробуџети и да не задолжува кон поголемите фирми.

Во последните неколку години, неговата кариера тргна по надолна линија откако во 2017/18 година тој беше во центарот на #MeToo скандалот, бидејќи актерка со која работеше поднесе пријава за сексуален напад. Случајот беше делумно отфрлен поради недостаток на физички докази и тој се извлече со скромна парична казна. Наскоро потоа, тој беше на Берлинскиот фестивал со еден од неговите најслаби филмови досега, „Човек, простор, време и човечко“. Но, повеќе докази за неговото насилство кон жените излегоа подоцна истата година, кога три актерки упатија нови обвинувања во ТВ-емисија што беше емитувана на корејскиот јавен радиодифузер МБЦ. Неговата кариера во Јужна Кореја всушност беше завршена.

 

 Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото