Почина Георги Константиновски, доајен на македонската архитектура

11.12.2020 21:23
Почина Георги Константиновски, доајен на македонската архитектура

На 90- годишна возраст почина македонскиот архитект Георги Константиновски. Неговиот син ја потврди информацијата на социјалните мрежи. Константиновски починал на 8 декември, а погребот на гробиштата во Бардовци бил извршен денес.

Георги Константиновски ќе остане запаметен како еден од најпознатите архитекти што оставиле длабоки траги во македонското архитектонско творештво. Тој е проектант на некои од најзначајните објекти во Скопје и во другите градови во Македонија, а најпрепознатливи дела за Константиновски се Архивот на град Скопје од 1966 година и студентскиот дом „Гоце Делчев“ во населбата Тафталиџе, чија изградба започнала во 1969 година и кој се смета за значаен објект на македонската архитектура од храбрата постземјотресна обнова на Скопје.

Константиновски дипломирал на Техничкиот факултет во Скопје во 1956 година, на Архитектонскиот отсек и е дел од првата генерација архитекти на Техничкиот факултет. Магистрирал на Универзитетот Јеил во САД, а кариерата како редовен професот му завршува во 1995 година.

Други негови позначајни реализирани објекти се Архивот на Штип и Архивот на Охрид изградени во седумдесеттите години, Меморијалниот музеј АСНОМ во Пелинце и други.

За своите дела Контанстиновски има добиено неколку награди, меѓу кои „11 октомври“ – националната награда за Архивот на Скопје, како и две Борбини плакети, една за студентскиот дом „Гоце Делчев“ и друга за Спомен домот на Разловечкото востание во Разловци. Во 1991 година на Белградското триенале на светска архитектура бил прогласен за најдобар архитект на Југославија, а во 1999 година од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија му беше доделена наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело.

Во 2016 година, Константиновски стана почесен член на Македонската акедемија на науките и уметностите.

Фотографија: marh.mk

Извор: Мета.мк

 

ОкоБоли главаВицФото