1013 hPa
23 %
35 °C
Скопје - Сре, 19.08.2026 19:12

Денес речиси 40% од работната сила во ЕУ е вработена со нетипични договори какви што се договори за конкретни задачи, привремена работа преку агенции за вработување, повремена работа, договори со нула часови работно време, работа на повик, семејно вработување итн.
Кога го истражуваме влијанието на неодамнешната економска криза, интересно е да се забележи дека земјите кои најдобро и’ се спротивставија се токму оние кои ги применуваат модерните практики на пазарот на труд. Ова не е случајно. Глобалната економија доживува значителни промени, а додека Европа се обидува да си го трасира патот низ новата реалност, неа ќе и’ бидат потребни политики кои одговараат на очекувањата и на работодавците и на работниците.
Сосема е јасно дека традиционалните согледувања на работата и местото за работи радикално се менуваат и дека тие ќе имаат далекосежни последици во дебатите што следат. Моделите на пазарот на трудот од крајот на 19 и 20 век беа создадени да одговорат на потребите на економијата насочена кон производство, економија на масовно производство, целосно работно време и колективно работно однесување. Статусот на вработениот подразбираше полно работно време за еден вработен.
Еволуцијата на работата во последните 20 години го поплочи патот за развој на многу нови форми на вработување. Денес речиси 40% од работната сила во ЕУ е вработена со нетипични договори какви што се договори за конкретни задачи, привремена работа преку агенции за вработување, повремена работа, договори со нула часови работно време, делење на работата, работа на повик, семејно вработување итн.
Овие нови видови на работни договори ги одразуваат потребите на модерниот бизнис и неговите нови практики. Тие исто така ја одразуваат големата разноликост на работната сила и особено огромниот учество на жените, кои претставуваат околу 60% од работната сила во ЕУ и имаат заземено шест од осумте милиони нови работни места создадени по 2000. Важно е да истакне дека промената исто така го одразува сменетиот став на луѓето во однос на рамнотежата меѓу животот и работата и потребата за поголема флексибилност во однос на начинот на кој живееме.
Денес, како што општеството се движи кон економија базирана врз знаење, однесувањето на луѓето сè повеќе станува индивидуално. Информатичката технологија ни дозволува да промениме каде, кога и како луѓето работат, а на организациите им овозможува да работат подинамично. Работата веќе не е место каде што одиш, туку задача што мора да ја извршиш.
Неизбежно е дека во годините што следат, организациите ќе имаат помалку редовно вработени лица, а поголеми мрежи на индивидуалци, па ќе имаме можност да видиме како се зголемува бројот на работници кои извршуваат специфични проекти. Типот на работнички модел што го гледаме во градежната и забавната индустрија може да стане норма, а не исклучок.
Иронично, иднината може всушност многу да наликува на минатото. Пред Индустриската револуција, најголем дел од работниците беа самовработени, сопственици на продавници или занаетчии кои припаѓаа на професионални здруженија и заедници кои дејствуваа како посредници, наоѓаа работа за нивните членови и преземаа одговорност за предавањето на вештините и поставувањето на професионалните стандарди. 21 век ќе мора да ги модернизира овие посредници за работа при што и јавните и приватните сервиси за вработување ќе треба да работат заедно за да овозможат стабилни „домови“ за луѓето кои ќе се движат од една до друга работа. Најверојатно ќе се појави моделот кој би можел да се нарече „Flexicurity“ [комбинација од флексибилност и сигурност, забелешка на преведувачот], кој ќе ги опфати очекувањата и на работниците и на работодавачите, а ние ќе треба да користиме знаење и технологија како оние на Фејсбук и Линкед Ин за да ги преземеме социјалните интеракции и улогата на „одржување во живот“ која порано беше во рацете на работодавачите.
Ваквата еволуција исто така ќе бара голема преобразба на системот на пензиско осигурување. Креаторите на политиките ќе треба да научат како да создадат закони со кои работничките права ќе се пренесуваат низ пофлуидните кариери. Ќе треба да воспоставиме нова законска сигурност низ новите форми на вработување и повторно да го осмислиме нашиот пристап кон прашањата од типот надоместок за невработени лица, здравствено осигурување, професионален развој и пензискиот систем.
Накусо, ќе треба да создадеме сосема нов Општествен договор кој излегува во пресрет на потребите на модерниот работнички свет и да ги поддржиме промените на пазарот со цел да го зголемиме учеството на пазарат на труд и да ги оствариме целите на ЕУ за 75% вработеност до 2020 година.
Извор: euobserver.com