За учителот

12.12.2020 10:19
За учителот

Професорот Константиновски не бил мој професор, никогаш не сум ги слушала неговите беседења на факултет, јас сум учела од неговите дела.

Кога се вратив од студии и кога конечно се вработив како млад проектант, ги прашав моите колеги од кого овде може најмногу да се научи, еден поискусен колега, штотуку вратен од студиски престој во странство,самоуверено и кусо ми одговори ...не постои таков.

Тогаш одлучив сама да трагам низ градот, тоа беше крајот на седумдесетите кога Скопје интензивно се градеше .На крајот на мојата потрага веќе изморена од впечатоци стасав до студентскиот дом „Гоце Делчев“ и во блискиот Градски архив. Останав стаписана, наеднаш препознав еден архитектонски јазик, јазикот на кој бев образувана. Тоа беше јасен јазик во својата естетика, конзистентен ,рационален но со мноштво пораки во преточување на просторот. Од тогаш со голема љубопитност ги пратев сите негови проекти. Многу години подоцна доживеав сличен емотивен набој кога случајно залутав во Пензионерскиот дом во Катлановска бања. Руинираноста на објектот не можеше да го избрише виртуозниот концепт на објектот, истиот препознатлив јазик на учителот.

Лично го запознав многу подоцна од неговата архитектура, дури и не го паметам моментот, вероватно на тие наши средби на архиектите, на некоја изложба или ...Не можев да се воздржам да не му пријдам и да го искажам мојот восхит,  не само од неговото творештво туку и од неговиот ентузијазам во практицирањето на професијата ...кога немаше нарачки истражуваше, сам си задаваше задачи, своерачно педантно ги документираше сите негови размисли и проекти.

Некако постепено нашите средби од куртуазни поздравувања се преобразуваа во пријателски разговори. И покрај неговата воздржаност тој имаше способност да придобие многу пријатели меѓу колегите .

Многу пати во разговорите ме изненадуваше сознанието дека знае што работам, ќе паднеше и некоја пофалба можеби препознаваше дел од својот јазик на архитектурата во тоа што работев. Подоцна кога го оформив моето самостојно проектно биро, ги подржуваше моите помлади соработници во нивната работа, имате што да научите од неа, тоа ќе ми го разубавеше денот... јас бев стасала да подучувам...

Почесто се гледавме додека ги подготвуваше книгите „Градителите на Македонија“, бараше помош во подтикнувањето на колегите да ги подготвуваат своите матерјали. Со огромна упорност и педантност ги систематизираше добиените матерјали, тој нè идентикуваше сите нас во распон од безмалку еден век. Фотографијата што му ја донесов беше со цигара во рака, во книгата ја немше цигарата, интервенцијата ја примив како татковски гест на учителот.

Во тоа време се подготвував за мојата изложба , 40 години траги во просторот, разговаравме за таа моја идеја, без да го побарам тоа од него сам ми рече ... Не можам да ја отворам изложбата, во тоа време се грижеше за својата болна сопруга, но ќе го напишам текстот за каталогот. И навистина го напиша, за што сум му бескрајно благодарна, тоа беше текст кој не велича личност туку ја велича архитектурата и јазикот на архитектурата што ја создаваме.

Јазикот на модерната архитектура го бранеше до крајот на својот живот кога се бореше против проектот Скопје 2014
Вечна почит учителу.

 Извор

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото