1030 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Саб, 09.11.2024 01:59
Како што сигурно повеќепати кажав, во секоја лага постои нешто вистинито – а тоа е вистината за нејзиниот автор. Практично, најважната информација во секоја лага е токму тој нејзин скриен, скапоцен дел, што ни зборува за мотивите, намерите и природата на лажецот. Нешто слично може да се рече и за глупоста: дека единствената рационална информација што може да се извади од глупоста се однесува на состојбата на свеста на нејзиниот починител. Но, тука мора да се направи една – навидум ситничава – но важна забелешка што прави длабока разлика помеѓу лагата и глупоста. Имено, дека глупоста е секогаш вистинита.
Правејќи ја глупоста, глупавиот никогаш не лаже; глупоста е многу често најискрениот исказ на луѓето, зашто најтранспарентно ги открива нивните мотиви и намери; таа е разоткривачка, зашто е направена од убедување; глупавиот никогаш не ја крие глупоста, зашто ја смета за своја вистина; наместо да се срами, тој е најчесто горд на глупоштијата што ја прави. Наместо да биде во состојба да ја воочи сопствената глупост, глупакот редовно упаѓа во затворениот зол круг на глупоста, во кој наместо да ја коригира тој ја повторува и уште поупорно и поарогантно ја нагласува глупоста, небаре повторувањето и тврдоглавоста ќе и дадат некаква легитимност на глупоштијата. Лагата може да биде итра и неверојатно интелигентна, но е главно ладнокрвна, додека глупоста никогаш не може да биде итра, но затоа неа ја поттикнуваат автентични и жешки чувства, како што се амбицијата, зависта, суетата, навредата, болната инфериорност, невозвратената љубов или алчноста.
Бугарското вето – вие веќе погодивте за што пишувам – е страшна и непростлива геополитичка грешка, но „Објаснувачкиот меморандум“ на бугарската влада, со кој бугарската политика ѝ ги објасни на Европа причините и мотивите за своето вето, е, тоа не само што воопшто не е грешка, туку е една од сѐ срце искрена, грамадна, дури колосална глупост.
Несогледливи последици
Првин за грешката: нејзините размери и последици се практично несогледливи, особено денес, додека чадот и смрдеата од бугарската фекална граната, фрлена на европскиот проект за проширување на Унијата, уште го загадуваат и замрачуваат хоризонтот. Ветото не само што повторно геополитички го дестабилизира Балканот, туку и прави – не пукнатина – туку вистински кратер чијашто длабочина досега до самите темели на Унијата. Талкајќи по овој кратер, првото што човек ќе го забележи во разнишаните темели на најголемата заедница на држави во светот е дека Унијата во своите редови примила земји членки што по многу свои однесувања и состојби воопшто не ги исполнуваат критериумите за прием. Овој ужасен факт – кој некое време може да се прикрива со многу добра волја и конструктивна соработка – за жал станува се поотрезнувачка вистина во Унијата, особено кога токму оние што станале членки со многу протекција, затворање очи и политички притисок, значи особено оние што најмалку заслужиле да се внатре, сега со себична и инфантилно неодговорна политика ги загрозуваат темелните вредности на Унијата и нејзините стратешки определби. Така што, ветото – таа ужасна геополитичка грешка на Бугарите – не само што ќе го дестабилизира Балканот, туку и од темели ќе ја разниша и Унијата.
Што се однесува на колосалната глупост на бугарската политика, на несфатливо тапиот „Објаснувачки меморандум“, веднаш да признам дека првото што го нареди во категоријата на глупостите е детската искреност што е непростлива за едно врвно дипломатско писание што треба да ги објасни причини за една тешка саботажа на заеднички проект. Кога го читате „Објаснувачкиот“, како да ви се појавуваат черепите на неговите автори, проѕирни како стакло, со содржина како што беа оние мали стаклени новогодишни сувенири со минијатурни фигури на дете, дедо мраз, куќичка или елен во нив, коишто – кога ќе ги свртевте наопаку – ќе направија мала весела виулица од снег. Таа неверојатна искреност и инфантилност на „Објаснувачкиот“, пред сѐ доаѓа од едно негово базично својство: од почеток до крај тој се темели на една единствена претпоставка – дека бугарскиот детски провинциско-империјалистички сон е универзална и апсолутно неспорна вистина, од чијашто вистинитост потоа природно произлегуваат и сите тврдења и поплаки во ова астрономски глупаво, безмалку малоумно антидипломатско четиво.
И, токму оваа тажно искрена основна претпоставена во „Објаснувачкиот“ го прави еден од најглупавите дипломатски акти во историјата на човештвото: бидејќи се заснова на нереален, никогаш постоечки, влажен пубертетски сон, тој станува апсолутно бескомпромисен. Тоа е дипломатски текст што објаснува дека не само што не е подготвен да направи некаков компромис, туку дека не е подготвен ниту да ја препознае стварноста. Поради овој сонувачки, аутистички, социопатски став на бугарската политичка елита, во меморандумот нема не само место за компромис со македонската страна, туку нема ни врата ни дупка, па ни процеп во ѕидот зад бугарската позиција, низ која самите Бугари би можеле да се повлечат, провлечат или исчезнат, по глупоста што гордо му ја обнародија на светот.
Имаме чиста совест
Глупавоста се мери и според односот на добивката што ја има глупавиот и штетата што ја направил на себе си и на другите. И тука „Објаснувачкиот“ манифестира незапаметена глупавост, зашто со меморандумот изградија ѕид пред нас и помеѓу нас, непремостлив ѕид на малоумно нереални барања, што никогаш нема да им донесат никаков резултат (освен нивниот сопствен резил), зашто тој не само што не овозможува компромис од наша страна, туку не им овозможува ниту на Бугарите ни теориски шанси за каква и да е отстапка. Глупердите креираа блокада што нема ниту теоретско решение. Освен да повлечат се што напишале, да напишат преку кратерот што го направија со нивната фекална граната: „тази дупка не е дупка“, или да удираат по копчето од тастатурата и да викаат: „ундо, ундо, ундо, ундо…“, или нешто друго слично нереално и инфантилно…
Но, има нешто сосем надежно во оваа бугарска дипломатска катастрофа: таа воопшто не ги загрозува ниту нашите морални, ниту политички, а ниту пак меѓународни позиции. Македонската страна во оваа меѓународна калварија остана светечки неизвалкана, со чиста совест, зашто ние направивме сѐ што требаше, а бугарската страна беше таа што го проектираше својот кошмарен сон и болни аспирации длабоко преку меѓународната граница и посегна арогантно, насилно – и дури вулгарно – под нашето здолниште. И, што да правиме сега, на што да ги темелиме нашите надежи? Ние треба да се правиме како оваа одвратна епизода воопшто и да не се случила и да продолжиме дома да ги градиме и материјализираме вредностите и целите кон коишто стремиме. И ништо повеќе. А, надежта, што со надежта? Не се секирајте, неа никој не може да ни ја одземе, зашто – како што рекол Валтер Бенјамин – таа им е дадена само на оние што ја немаат.
Слики: Keith Boadwee
Извор на текстот: Слободен печат