Мал исечок спомен

15.12.2020 14:30
Мал исечок спомен

Се сетив деновиве на една силна слика од детството. Баба ми и дедо ми имаа куќаре кај Тасино Чешмиче, веднаш спроти болницата. И како мали, со сестра ми се качувавме на високите огради пред кои имаше голем паркинг, а потоа беше болничкиот блок со терасички од собите. И чекавме да излезе некој пациент, докторка, да ги прашаме како се викаат. Комунициравме така, со викање и прашување „од каде сте" или „како сте?".

Знам дека првпат видов детенце во инвалидска количка како се сонча на терасичката, на свои 6, или 7 години. Не знаев што значи тоа, ама силно ми се врежало во меморијата. Потребата за разговор со другата страна, останува жива желба во моето срце. И навечер, кога си одевме од кај баба и дедо, трепетливите неонки беа како светулки што се гасеа или палеа, зависно што се случуваше во собите.

Светот на децата од другата страна, на сите доктори, сестри, луѓе во грч што излегуваат надвор и нѐ гледаат нас, две деца како играат ластик, е свет за кој сакам да помислам. Да го зачувам од заборав. Да се себепотсетам колку сме кревки.

Илустрации: Pascal Lemaître, LISTEN

 

ОкоБоли главаВицФото